КАЛЕНДАР
|
|
|
|
|
МАНАСТИРИ |
» Манастир "Свети Јован Крстител" - Бигорски
» Манастир "Свети Ѓорѓи" - село Кнежино -
Кичевско
» Манастир "Свети Климент и Пантелејмон" -
Плаошник
» Манастир "Успение на Пресвета Богородица" -
Горни Манастирец -
Македонски Брод
» Манастир "Св. Георгиj Победоносец" - село Рајчица
- Дебар
» Манастир "Сите Светии - Си Свети" с. Лешани -
Охридско
» Манастир "Свети Наум"
» Манастир "Свети Стефан"
» Манастир "Света Богородица Захумска - Заум"
» Манастир "Света Пречиста" - Кичево
» Манастир "Свети Еразмо Охридски"
» Манастир "Света Петка" с. Велгошти - Охридско
» Манастир "Вознесение Христово - Свети Спас"
с. Горно Лакочереј - Охридско |
Манастир "Свети Јован Крстител" - Бигорски

Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ се наоѓа на 20
километри од градот Дебар, кога се оди по магистралниот пат
што води од Маврово кон Струга, по текот на реката Радика, и
е сместен во преубав природен предел исплнет со бујна шума и
карпи од бигорен камен (по што и манастирот го добива
името).
Врз основа на манастирскиот Поменик, препишан во 1833 година
за време на игуменот Арсениј, манастирот бил основан во 1020
или 1021 година, од кога потекнува и чудотворната икона на
светиот Јован Крстител, која се наоѓа во манастирскиот храм,
а се поврзува со името на некој монах Јован, за кој се смета
дека е познатиот охридски архиепископ Јован, последниот
поглавар на Црквата во Самуиловата држава и првиот
архиепископ под византиска власт. Имено, овој монах, кој
живеел тука во близина во испосница, Шетајќи се ја видел
иконата на Св. Јован Крстител како лебдее во воздухот, над
извор со вода. Токму таа икона е причината за изградбата на
познатиот бигорски храм, на местото каде иконата била
пронајдена. Во XVI век, Бигорскиот манастир се iздигнува во
силен духовен и културен центар во Западна Македонија. Во
писмените извори се наведува дека за време на турското
ропство, поточно во XVII век, манастирот бил опустошен, а
манастирскиот храм разурнат. По ова разурнување прв кој го
обновил манастирот и изградил ќелии за монасите бил
јеромонахот Иларион. Подоцна, во 1800 година, игуменот
Митрофан ја обновил и проширил манастирската црква. Во 1812
година наследникот и ученикот на игуменот Митрофан,
архимандрит Арсениј, ги проширил манастирските згради, што
се наоѓале северно од црквата, а во 1825 година ја изградил
манастирската трпезарија. Денешната манастирска црква е
изградена на крајот од XVIII и почетокот на XIX век. Градена
е од тесни блокови од бигор и има две осмоаголни куполи.
Фреските, што се наоѓаат во куполите и во поткуполниот
простор, потекнуваат од XIX век и се дело на Дичо Зограф.
Внатрешноста на црквата ја краси иконостас во резба, кој е
најубавото остварување на македонските резбари. Изработен е
во периодот од 1830 до 1840 година, од рацете на познатите
мајстори Петре Филиповски - Гарката и неговиот брат Марко -
Макарие Фрчковски, како и нивните соработници: Аврам Дичов и
неговите синови Васил и Филип, потоа Макариј Негриев
Фрчкоски и др. Нивно дело се и балдахинот во олтарот,
архијерејскиот трон и игуменскиот стол, настанати во истиот
период. На северната страна од црквата се наоѓа конакот,
наречен Горни палат, изграден во 1814 година, во кој живее
манастирското братство. Во 1825 година, на западната страна
од Горниот палат биле изградени машката и женската
трпезарија, во кои се наоѓаат фрески, а меѓу нив се и
портретите на заслужните игумени Митрофан и Арсениј. Во 1870
година е изграден момочкиот конак, кој служел за живеење на
момоците и послугата, а кој денес не постои. Зад овој конак,
најверојатно во истиот период била изградена и сејменската
кула, која постои и денес, во која живееле чуварите на
манастирот, т.н. сејмени. Над главната манастирска порта бил
изграден уште еден конак, наречен Долни палат, кој изгорел
во 1912 година, по што е обновен, но во стил што не
одговарал на манастирската архиектура, па пради тоа истиот е
редизајниран и осветен во 2006 година.
Од 1948 година, со смртта на игуменот Спиридон, па сè до
раните деведесети години на минатиот век, поради сфаќањата
на тогашниот комунистички систем, манастирот е запуштен.
Повторниот препород на манастирот, како во духовна, така и
во материјална смисла, почнува со доаѓањето на сегашниот
игумен, архимандрит Партениј, кој извесен период престојува
во манастирот Григоријат на Света Гора, на 23 јуни 1995
година, кога се ставаат темелите на новото манастирско
монаштво, кое, по молитвите на светиот Јован Крстител, во
наредните години сè повеќе и повеќе се зголемува.
Духовниот живот во манастирот се темели на строго почитување
на манастирскиот типик, кој претставува вистински преданиски
континуитет на монашкиот типик на Света Гора. Секојдневно се
практикува богослужбениот циклус на Црквата, и тоа: утринска
богослужба и Света Литургија, вечерна богослужба и повечерие
со акатист на Пресвета Богородица. Во текот на денот секој
од монасите во братството го извршува своето послушание, што
е благословено од духовникот на манастирот. Постојат разни
секојдневни послушанија како чреден јеромонах, кој ги служи
секојдневните богослуженија, економ на манастирот, магер,
чија задача е подготовка на трпезата, архондарик, кој ги
пречекува поклониците во манастирот, го објаснува
историјатот и се грижи за нивното поткрепување во
манастирската гостоприемна соба и за нивно сместување во
конаците, потоа монаси што се занимаваат со работа на
манастирските имоти и др. Секој од монасите практикува и
секојдневно индивидуално правило што е зададено од игуменот.
Паралелно со обновата на духовниот живот, монасите се трудат
и за материјално обновување на ова православно светилиште.
Имено, водени од зборовите во Светото писмо: Ревноста за
твојот дом ме изеде (Пс. 68/2, Јн . 2/17), но и Го
возљубив благолепието на Твојот дом, тие вложуваат
особен труд во украсувањето на манастирската црква, како и
на манастирските конаци и параклиси. Така, кон крајот на
1998 година почнува и реконструкцијата на горниот кат на
конакот наречен Горни палат, во кој се сместени монашките
ќелии, манастирската магерница и трите трпезарии, и тоа:
Големата, или уште наречена машка трпезарија со капацитет за
триста гости, и две помали трпезарии што заедно собираат
околу 120 гости. Под Големата трпезарија се наоѓа т.н.
Женска трпезарија која сега е претворена во манастирски
музеј. Исто така, во овој период, се обновува и Големата
гостоприемна соба, што се наоѓа во подножјето на Горни
палат, а во контекст на престојните преговори меѓу комисиите
на Српската и Македонската православна црква, кои се
состануваат за решавање на проблемот со автокефалниот статус
на МПЦ. Една од тие средби се одржува во Бигорскиот
манастир, во јануари 1999 година. По срдечните молитвени
прозби упатени кон свети Георги, на 27 септември 1999
година, на празникот Крстовден, е поставен камен темелник за
изградба на нови конаци во метохот на Бигорскиот манастир,
"Свети Георги Победоносец" - Рајчица, кој се наоѓа на 2
километри од градот Дебар, а на 18 километри од Бигорски, а
датира од XVIII век.
Во месец март 2007 година од старец Пантелејмон од
манастирот во Бостон, посветен на Светото Преобржение, кој
ги добил од Великата Лавра на Света Гора во манастирот
пристигаат мошти на свети Јован Кукузел, а во ноември месец,
по посетата на Света Гора, архимандритот Партениј носи како
благослов и мошти од повеќе светители. Во манастирската
ризница има уште дел од Чесниот крст, потоа дел од моштите
на свети Јован Крстител, свети апостол Јаков, свети
Пантелејмон, свети Кирик, света Параскева, свети Харалампиј,
свети Евстатиј, света Марина, свети Никита и свети Трифун,
кои се сместени во специјален кивот во наосот на
манастирскиот храм, како и мошти од свети Агатангел
Битолски, свети Стефан Првомаченик, свети Климент Охридски,
свети Климентиј, свети Јован Руски и др., што се наоѓаат на
престолот во олтарот и се изнесуваат за целивање на
бденијата и службите за време на големите празници.
На денот посветен на свети Партениј Лампсакиски (20
февруари) 2008 година, во манастирскиот овоштарник е
извршено осветување на темели за изградба на дрвена црква со
руско кубе (кое е изработено во Украина), посветена на свети
Серафим Саровски, која ќе претставува дел од скитот што се
предвидува да се устрои на ова место. Истата година, за
време на Великите пости, поточно по бдението за празникот
Благовештение, се поставени и нови крстови на централниот
манастирски храм кои се донесени од Киево-Печерската лавра
во Украина.
Бигорскиот манастир "Свети Јован Крстител" претставува
вистински центар на обновата на православието во Македонија.
Постојаните сеноќни бденија исполнети со мелодии на
прекрасен изворен источен православен мелос, што се служат
спроти големите празници, како Успение на Пресвета
Богородица (28 август), Раѓање на свети Јован Крстител (7
јули), Благовештение (7 април), Водокрст (18 јануари),
Божик, Велигден и во чест на светите Григориј Палама, Јован
Кукузел и Нектариј Битолски, потоа прекрасните богослужби за
време на Страсната седмица, но и севкупниот секојдневен
литургиски и светотаински континуитет на духовниот живот во
манастирот, придружен со пожртвуваниот подвиг на нелицемерно
и несебично гостопримство од страна на игуменот и братството
за сите добронамерници, се голем придонес во мисијата на
Православната црква за спасување на душите на луѓето. Во
овој контекст ќе биде неблагодарно да не се спомене дека
монасите неуморно извршуваат уште еден подвиг, односно дека
поради нивната вистинска љубов и постојана грижа, а по
застапништвото на светиот Јован Крстител, во манастирот се
излекувале и сè уште се лекуваат голем број на зависници од
наркотични средствa.
|
|

|
| Манастир „Свети Ѓорѓи“
- село Кнежино - Кичевско
Манастирот „Свети великомаченик Ѓеорѓи“ се наоѓа над
градот Кичево, во атарот на селото Кнежино. Окружен со
прекрасна природа и тишина (исихија), претставува вистинско
место за молитвено себепредавање и благоугодно служење на
Бога. По својата местоположба претставува вистински покров
над градот Кичево и околината. Сето ова било причина, уште
во дамнешни времиња, овде да се организира активен црковен
живот. За тоа ни сведочи богатиот археолошки материјал, кој
е откриен на просторот на овој манастир со интензивните и
обемни археолошки ископувања и истражувања.
Со археолошките истражувања откриени се остатоци на
средновековна црква со подни мозаици, што претставува
единствена црква од таков тип во Македонија, и поголем број
фрагменти на фрескоживопис. Според анализата на градбата,
црквата хронолошки припаѓа кон крајот на XIII век. Што се
однесува до фрескоживописот, според неговите карактеристики,
тој покажува голема сличност со некои сликани целини
изведени од Михаило Астрапа и Ефтихиј. Според тоа, не е
исклучено да се изработени од нив или од нивни ученици и
следбеници, кои го прифатиле и негувале нивниот стил на
сликање. Но, многу нешта кои остануваат нејасни за
историјата на овој манастир останува да се разјаснат со
понатамошните археолошки истражувања на овој манастир.
Поради огромното духовно и културно значење што го има овој
манастир се пристапи кон негова целосна обнова.
Ревитализацијата започна со осветувањето на камен-темелникот
за новата манастирска црква во 1999 година. Црквата е
градена според проектот на архитектот Раде Настески од
Кичево. Градбата е дело на мајсторите од градежното
претпријатие „Тајмиште“ од Кичево, додека покривот и
малтерисувањето на внатрешноста на црквата се реализирани од
градежната фирма „Митан-Пром“ од Охрид. Карактеристично за
неа е тоа што таа претставува единствена црква во Македонија
што е покриена со оловен лим, дело на мајстори од Струшкиот
крај.
Се изгради и нов манастирски конак, кој е граден според
проектот на Мире Спасеноски, исто така од Кичево.
Внатрешноста на црквата не е фрескоживописана, но ја краси
прекрасен иконостас, изработен во резба, дело на резбарите
од фирмата „Пердика“ од Битола. Иконите на иконостасот се
изработени од сестринството на манастирот „Света Богородица
Елеуса“ од село Велјуса - Струмичко.
На 11 октомври 2007 година се изврши осветувањето на новата
манастирска црква, посветена на светиот великомаченик Ѓеорѓи
Победоносец Чудотворец. На чинот на осветувањето
чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот
Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на
Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот
Струмички г. Наум, Митрополитот Брегалнички г. Иларион.
Во него, моментално живее искушеничката Доротеја.
|
|

|
| Манастир „Свети
Климент и Пантелејмон“ - Плаошник

Манастирската црква "Свети Пантелејмон" ја изградил свети
Климент Охридски кон 893 година. Плаошник уште во
старохристијанскиот период бил многу почитуван простор. Тука
имало голема поликонхална црква и уште една петобродна
базилика, двете со крстилници откриени во поново време.
После варварските пустошења и потреси, старата триконхална
црква ја обновил св. Климент. Таа се истакнувала со своите
сладни кружни форми со браниден план. Кон основното јадро
додал и притвор, а потоа и нови градби на запад, север и
југ. Тука, и во манастирскиот комплекс што се разил во
идните векови, св. Климент започнал голема просветителска и
книжевна дејност (Охридската книжевна школа), се развил
Првиот словенски универзитет откаде се ширеле словенската
писменост, уметност и култура. Светиклиментовата црква потоа
била обновувана и живописувана (XIII - XIV/XV век) на истите
темели. Така функционирала до крајот на XV век кога
манастирската црква и сите конаци се урнати од еден висок
османлиски судски офицер којшто врз ѕидовите на црквата
подигнал исламски објект - Султан Мехмед џамија. Овој објект
функционирал некое време, за потоа да биде оставен на милост
и немилост на времето.
Во 1942/43 година тука се започнати првите археолошки
ископи, кога се откриени остатоците од старата црква на св.
Климент посветена на св. Пантелејмон и гробот на светителот.
Во 1964 - 1967 година се извршени дополнителни археолошки
ископувања и извршена е конзервација на остатоците од
Светиклиментовата црква.
По повод јубилејот „2000 години христијанство во Охрид и
Македонија“ на иницијатива на Дебарско-кичевската епархија,
Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен
музеј - Охрид и општина Охрид, во почетокот на 1999 година
беше прифатена идејата за Возобновување на Светиклиментовата
манастирска црква "Св. Пантелејмон" од страна на
Министерството за култура на Република Македонија, кое
резултираше со одлука на Владата на Р.М. во месец март 1999
година.
Беше формиран одбор за возобновување од страна на
Министерството за култура, на чело со академик Крум Томоски.
Жири комисијата составена од адекватни профили на експерти
го прифати идејното решение на проектантската група од
надлежната охридска институција - Завод за заштита на
спомениците и народен музеј - Охрид, на чело со архитектот
Тања Паскали Бунташеска. Голема улога во Возобновувањето има
и искусниот архитект Тодор Паскали. Изведувач на
Возобновувањето беше МИТАН- ПРОМ од Охрид, на чело со Перо
Митаноски.
На 08. XII 2000 година, од страна на Архиепископот Охридски
и Македонски г.г. Стефан во сослужение на сите архиереи на
МПЦ, беше осветен и поставен камен-темелникот на новата
црква. На тој чин присуствуваше многуброен народ како и
целиот државен врв.
Светиклиментовата црква "Св. Пантелејмон" целосно е
возобновена до крајот на јули 2002 година, на истите темели
од времето на св. Климент (IX век) и доградбите
(параклисите, северниот и јужниот трем и камбанаријата
(XIII-XIV/XV век) со истите материјали и ист пристап на
работа како што се работело во старите времиња и во
времињата на нејзините поранешни обновувања.
Манастирската црква е тролисна (триконхална) со наос
(централен брод), нартекс (припрата) со галерија, северен
трем, јужен отворен трем, кубе над олтарниот простор, кубе
над централниот простор и камбанарија на западниот дел.
Во внатрешноста има зачуван живопис од времето на нејзиното
обновување во XI-XII, XIII-XIV век и остатоци од постари
фази на подови кои денес се презентирани со подни стаклени
површини. Стариот под во олтарниот простор и во наосот е
возобновен со мермер врз основа на остатоци од стариот
оригинален под. Поставена е мермерна олтарна преграда и
резбани царски двери, иконостас и гробот на св. Климент. На
ѕидовите од северниот трем презентирани се откриените
фрагменти од фрескоживописот на старата црква.
На 10 август извршено е литијно пренесување на моштите на
св. Климент од црквата "Света Богородица Перивлепта" во
Возобновената манастирска црква на Плаошник, и се сместени
во гробот што самиот си го ископал (оттогаш црквата го носи
името "Св. Климент и Пантелејмон").
На 11 август 2002 година, Архиепископот Охридски и
македонски г.г. Стефан во сослужение на сите архиереи на
МПЦ, ја освети Возобновената манастирска црква "Св. Климент
и Пантелејмон" на Плаошник.
На тој начин црквата на св. Климент го доби својот првобитен
лик и на тој начин и понатака сведочи за духовната големина,
димензија и светлина, која извирала и извира од него и го
просветлува целиот словенски и православен свет.
Во мај 2007 година повторно започнаа обемни археолшки
испитувања на целиот простор околу црквата, со цел да се
откријат сите пропратни објекти, за во иднина истите да се
возобноват, со што целиот комплекс би го добил својот
автентичен лик.
Во манастирот редовно богослужи свештеникот Никола
Христоски, додека старешина е Неговото
Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г.
Тимотеј а благајник е свештеник Димче Ѓорѓиески.
|
|

|
| Манастир „Успение на
Пресвета Богородица“ - Горни Манастирец - Македонски Брод
Овој манастир се наоѓа над селото Горни Манастирец, во
близина на градот Македонски Брод, во областа, што се наоѓа
по средниот тек на реката Треска, и поради што е наречена
Порече.
Според анализата на остатоците од фреските во овој манастир
се претпоставува дека потекнува од XIII век. За време на
турското владеење во Македонија, овој манастир бил запален,
но, нема точни податоци кога се случило тоа. Со дозвола од
Султанот, месното население од Поречието, со доброволна
работа и средства, повторно го изградиле овој манастир во
1846 година.
Од тој период е конакот што се наоѓа на југоисточната
страна, тој на јужната страна е изграден во почетокот на ХХ
век, додека на 22. VII 2007 година, од страна на
Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во
сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и
Митрополитот Струмички г. Наум, се освети новоизградениот
конак, кој се наоѓа на источната страна.
Настојател на манастирот е монахот Бенедикт Божиноски. |
|

|
| Манастир "Св.
Георгиj Победоносец" - село Рајчица - Дебар

Манастирот „Свети Георгиj Победоносец“, се наоѓа на два
километри од Дебар и е метох на Бигорскиот манастир „Свети
Јован Крстител“. Манастирот датира од XVIII век. Централниот
манастирски храм, кој е посветен на свети Георгиj, е
изградена во 1835 година, а денес во него се чува честица од
Крстот на кој бил распнат Спасителот, Господ Исус Христос, и
дел од раката на свети Георгиj, кој пристигнува во
манастирот во ноември 2003 година од Света Гора. Храмот е
изграден во вид на еднокорабна црква, зацврстена со
пилистари во централниот дел, од каде се издигнува кубе со
осмострана купола. На западниот дел има травеј со слепа
кaлота на средината и полусводови од страните.
Во храмот има резбан иконостас, кој е изработен во 1835
година, царски двери од XIX век, а на иконостасот се наоѓа
крст со Распетието Христово во резба, кој потекнува од XVI
век. Фрескоживописот во црквата е почнат во 1835 година од
Михаил и монах Даниил (син на Михаил, чие световно име било
Димитар), а е досликан во периодот од 1840 до 1852 година од
Дичо Зограф.
Во текот на XX век, животот во манастирот замира, а од
манастирските градби единствено црквата е сочувана во добра
состојба, додека конаците пропаѓаат. Но со иницијатива на
архимандритот Партениј, под чие духовно раководство се наоѓа
денес манастирот и благослов на надлежниот архиереј,
митрополит Тимотеј, братството на Бигорскиот манастир, преку
срдечната помош на многу добронамерници, почнува да ги
обновува конаците. Така, по срдечните молитвени прозби
упатени кон свети Георгиj, на 27 септември 1999 година, на
празникот Крстовден, е поставен камен темелник за изградба
на нови конаци. Со осветувањето на конаците на 4 јуни 2001
година, од страна на архиепископот Охридски и македонски
Стефан и митрополитите, дебарско-кичевски Тимотеј и
струмички Наум, се создаваат услови за обнова на женското
монаштво во овој манастир (денес во манастирот живеат
десетина монахињи). Истата година е поставен и централниот
полиелеј во манастирскиот соборен храм, а наредната година е
реставриран и е освежена златната боја на иконостасот. Во
состав на манастирскиот конак се наоѓа и параклис посветен
на свети Григориј Палама, свети Јован Кукузел и свети
Нектариј Битолски, кој е целосно фрескописан (сликањето на
фреските почнува летото 2003 година, а е дело на Антонио и
Васе Ќуркоски) и осветен на 27 февруари 2005 година.
Параклисот има резбан иконостас од дрво, кој е поставен во
2004 година. Иконите на овој иконостас се дело на сестрите
од манастирот „Свети Стефан“ – Жабско. Една од главните
дејности на сестрите од Рајчица, покрај држењето на
секојдневното послушание, е и изработката на митри, кои во
Македонија се изработуваат единствено на ова место, потоа
грижата за просветно мисионерската дејност на двата
манастира, изразена преку превод и издавање на книги и
текстови со теолошка тематика. Исто така, во рамките на
манастирот постои и зографска работилница, каде се сликаат
свети икони, а сестрите се занимаваат и со шиење на мантии и
други делови од монашката и свештеничката облека. Како и
Бигорскиот манастир, така и Рајчица е вистинско духовно
светило, не само во Дебарско-кичевската епархија, туку и во
целата Македонска православна црква. Молитвите на
сестринството и нивната гостопримливост се вистински духовен
дар за православниот народ и за сите поклоници. |
|

|
| Манастир „Сите Светии
- Си Свети“ с. Лешани - Охридско
Единствен манастир посветен на сите светии. Се наоѓа во
селото Лешани, во областа Долна Дебарца, Охридско. Подигнат
е на висорамнина, на плато од огранокот Долни Осој од
планинскиот венец Мазатар на Плаќенска Планина.
Нема точни податоци за тоа кога е изградена манастирската
црква. Според прочитан запис во црквата од рускиот патеписец
Виктор Григорович, црквата била изградена во 1452 година.
Меѓутоа, со најновите археолошки истржувања, извршени од
страна на Охридскиот Завод и Музеј, се потврди тезата,
застапувана од повеќе истражувачи, дека црквата била
изградена во 1452 година, но на темели од постара црква.
Според откриените артефакти (монети во гробниците околу
црквата) се претпоставува дека црквата е изградена во XIII
век, можеби и порано. Таа претставува еднокорабна црква,
градена од кршен камен и богор. Црквата била
фрескоживописана и во внатрешноста и во надворешноста, што
претставува реткост. Но, за жал, надворешниот живопис во
голема мера е уништен. Авторот на фрескоживописот е
непознат, но тој спаѓа во групата на талентирани зографи,
што во тој период, сеуште работат во Охрид и неговата
околина.
Јужно од старата црква изградена е нова, поголема. Нема
податоци кога точно е започната градбата на истата. На еден
камен на јужниот ѕид, во горниот лев агол запишана е 1911
година, а во десниот 25 VI, а на плочка од бигор на апсидата
пишува: Рис. Блаже. Тоа укажува дека нартексот и наосот биле
изградени во 1911 година, а апсидалниот дел бил дограден во
1922 година. Црквата се осветила на манастирската слава во
1926 година. Таа е еднобродна, а во мај 2007 година доби и
припрата.
Фрескоживописани се само нартексот и олтарната апсида од
непознат зограф. Во внатрешноста на храмот има и иконостас,
украсен со резбани венци. На него се наоѓа чудотворната
икона на Сите Светии. Има и владички трон, скромно
изработен, на кој се наоѓа стара икона на Господ Исус
Христос Седржител. Подножјето на тронот лежи на два лава.
Нивните автори се непознати, додека иконописот е дело на
Крсте Николов и неговиот син Рафаило од Лазарополе. Подот на
црквата е од стара керамика, односно специјални тули.
Западно од двете цркви се наоѓа голема зграда со подрум и
кат. Изградена е во 1927/28 година. Со заземењето на
настојателот на манастирот, отец Вартоломеј, во 2006 година
се започна со реновирање на зградата и нејзино адаптирање за
манастирски гостоприемен конак.
На јужниот дел од платото, во 1973 година, подигната е мал
манастирски конак. Меѓу него и новата манастирска црква има
мал објект за продавање на свеќи и чешма.
Манастирската камбана се наоѓа на северната страна од
гостоприемниот конак.
Старешина на манастирот, од 1999 година, е јеромонахот
Вартоломеј Пројковски. Во манастирот живее и неговата мајка
Илинка. |
|

|
| Манастир „Свети Наум“

Се наоѓа на најјужниот дел на Охридското Езеро, на карпа
над езерскиот брег. Изграден од рацете на свети Наум кон
крајот на IX век и посветен на Светите Архангели. Светилник
што непрестано ги просветлува оние кои со вера доаѓаат во
него, непрестан извор на чудотворство и окружен со прекрасна
природна убавина, манастирот претставува вистинско парче од
небото на земјата, во кој времето и просторот ги губат
своите граници. После смртта на ктиторот, св. Наум, и поради
големиот култ кон него манастирот го добил сегашното име.
Според својата форма црквата е триконхална (тролисна).
Првобитната црква, што ја изградил св. Наум, била рушена,
според некои во XV и XVI век, а според други кон крајот на
XVIII век од страна на Али Паша Јанински. Од старата
манастирска црква зачувани се значајни глаголско-кирилски
натписи издлабени на столбовите од трибелонот, и воедно
сведочат за најстарата словенска писменост. Јеромонахот
Григориј од Москополе, во втората половина на XVIII век го
обновил манастирот со подигање на две келии, потоа ја уредил
и осветил црквата и го изградил пронаосот. Сегашнава црква е
градена и доградувана на темелите од старата црква, и тоа во
две етапи. Во првата етапа се градени наосот и нартексот, а
во втората етапа двете куполи над нартексот и наосот. Еден
од најзаслужните за возобновувањето на манастирот бил
игуменот Стефан од Филиполе. Тој ја изградил куполата над
капелата каде што се наоѓа гробот на св. Наум, во негово
време се фрескоживописале црквата и гробната капела и бил
заслужен за изградбата на манастирските конаци, кои, за жал,
изгореле во пожар во 1875 година. Во 1881 година била
изградена нова зграда за потребите на училиштето, каде учел
и преродбеникот Димитар Миладинов.
Кога станува збор за гробниот параклис, некои сметаат дека
тој е од времето кога бил погребан св. Наум, додека други
сметаат дека тој бил отворен кон манастирскиот двор и
сегашниот облик го добил во средината на 50-тите години од
XIX век.
Според академик Цветан Грозданов црквата била
фрескоживописана по 1400 година на што упатува еден фрагмент
најден под подот на сегашната црква. Денешниот фрескоживопис
е дело на „зографот Трпо, син на зографот Константин од
Корча“ а за време на игуменот Стефан. Гробниот параклис е
живописан во 1800 година, додека црквата после шест години,
за што сведочат еден ктиторски натпис како и натписот над
западната врата. Најголемо внимание привлекува циклусот за
животот и чудата на св. Наум, во гробниот параклис.
Престолните и празнични икони и иконостасот во резба се дело
на зографот Константин, а според записите изработени во 1711
година. Би го издвоиле Успението на св. Наум, што
претставува најстара претстава на оваа тема.
Манастирската црква е позната и по ретко убавата резба, која
датира од XVII и почетокот на XVIII век. Особено се
издвојуваат царските двери, кои целосно се исполнети со
резба, како и крстот на иконостасот.
Од 1991 година во манастирот повторно заживеа монашкиот
живот, со доаѓањето на Неговото Високопреподобие,
архимандритот Нектариј Најдоски, игумен на манастирот. Со
неговото сесрдно залагање и себепредавање и под будното око
на себезаборавниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј,
не завршија градителските зафати во овој манастир. Целосно
се обновија и осветија манастирските конаци, се изгради
камбанарија, во 2005 година, се организираа научни
симпозиуми и конферениции. Преку таквите активности и
случувања живо се пренесува духот на св. Наум и во наше
време, а манастирот продолжи да биде она што одсекогаш бил:
духовен, црковен, просветителски и научен центар.
|
|

|
| Манастир „Свети
Стефан“
Манастирот се наоѓа лево од патот што води од Охрид кон
Свети Наум, во истоимената населба. Сместен е во ретко убав
предел што овозможува убав поглед кон целото крајбрежје на
езерото и градот Охрид. Манастирската црква е сместена во
природна пештера која е проширена во нартексот, кон надвор,
за да може да ги прими редовните посетители, што доаѓаат
постојано во голем број.
Точни податоци, за тоа кога е изградена манастирската црква,
не постојат. Се претпоставува дека потекнува од XIV век,
период кога е во подем анахоретскиот живот на бреговите на
Охридското Езеро. Во прилог на ова се и зачуваните фрагменти
од стариот живопис.
Покрај манастирската црква изградени се конаци, во кои
претстојуваат поклониците, што доаѓаат да се поклонат и да
се помолат на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан,
патронот на овој манастир.
Старешина на манастирот е свештеник Љупчо Симиџиоски, парох
на третата охридска парохија при црквата "Св. Богородица" -
Каменско. |
|

|
| Манастир „Света
Богородица Захумска - Заум“
Се наоѓа на источниот брег на Охридското Езеро, во
близина на селото Трпејца.
Градена е во форма на впишан крст, со купола, што се наоѓа
на централниот дел, што има осмостран тамбур. Ѕидана е од
бигор, камен и тула. Во почетокот, црквата имала и припрата,
која била засводена со полукружни сводови.
Според зачуваниот натпис, што се наоѓа над западниот влез,
изградена е од кесарот Гргур, за време на деволскиот епископ
Григорие, во 1361 година, кога е и фрескоживописана.
Кога станува збор за живописот, би рекле дека тој е дело на
зограф што се издвојува од неговите современици, што
работеле во Охрид. Според неговите карактеристики, не е
исклучена можноста своите познавања да ги стекнал во
познатиот уметнички центар во Солун. Највпечатлива е
фреската, на која е претставена св. Ана како ја дои Пресвета
Богородица, нагласувајќи еден реалистичен момент -
искажување на мајчинска љубов.
Иако пристапот да манастирот е само преку езерото, сепак е
доста посетен, особено во летниот период. Во поново време
обновена е традицијата да се богослужи во овој манастир на
04 јули, веднаш после празникот на св. Наум, и на 21
септември кога е доста посетен од страна на жителите на
селата Пештани и Трпејца како и од Охрид.
Старешина на манастирот е свештеник Атанас Казанџиски, парох
Пештански. |
|

|
| Манастир "Света
Пречиста" - Кичево
Манастирот Света Пречиста се наоѓа на десетина километри
југоисточно од градот Кичево, на планинските поли од
планината Цоцан, во подножјето на нејзиниот шумовит врв
Врвои, на надморска височина од 920 м. Расположен е на мало
плато откај што како на дланка се има Кичевијата и
планинските венци што ја одвојуваат оваа котлина од
соседните подрачја.
Од натпис на конхата на апсидата се сознава дека
манастирската црква му била посветена на празникот Свето
Благовештение (7. IV). Тоа се потврдува и од композицијата
Благовести над западната влезна врата, како и од престолната
икона што се наоѓа на местото што е резервирано за патронот
на храмот. Во народот манастирот е познат како Богородица
Пречиста, односно дека е посветен на празникот Воведение на
Пресвета Богородица - Пречиста (4. XII).
Општоприфатено, официјално, име на манастирот му е Света
Пречиста. Меѓутоа, до крајот на XIX век се викал Крнино. Тоа
име е регистрирано и на манастирскиот печат од 1763 година.
Манастирот Света Пречиста бил подигнат пред потпаѓањето на
Македонија под отоманска власт, се споменува како година на
неговото настанување 1316.
Манастирот Света Пречиста има долга и бурна историја.
Доживеал високи дострели, но и бројни уништувања и
ограбувања од качачки банди.
И при горењата на манастирот во 1824 и во 1843 година
манастирската црква останала целосно, но била мала, не ги
задоволувала духовните потреби на верниците, одвај собирала
стотина посетители. Поради тоа игуменот хаџи Теодосиј во
1846 година направил смел потег. Ја урнал малата црква и на
нејзино место ја подигнал сегашната монументална. Истата, а
најверојатно со полна пареа градбата се одвивала во 1847
година, во 1848 година била готова, а во 1849 година и
осветена. Изградбата им била доверена на мајстори од селото
Луково, Струшко.
Манастирската црква е од типот на големи соборни цркви и е
една од најголемите во Македонија. Во основа има базиликално
решение, со висока купола и осмостран тамбур. Ѕидовите се од
камен варовник и бигор. Од надворешната страна камењата се
делкани - приделкани во хоризонтални редови во вид на
квадрати, завршувајќи со богато профилирани венци. По
својата убавина посебно се истакнува источната фасада на
црквата, бидејќи оттаму е главниот влез - капијата.
Внатрешно ѕидовите се ојакнати со пиластри што меѓусебно се
поврзани со полукружни лаци над кои се издига куполата, па
се постигнува единствен простор во наосот.
Од јужната страна на црквата Света Пречиста
и е прилепена мала црквичка посветена на свети
Никола, позната како "зимска црква".
Од старите околни објекти беше останат само стариот конак
изграден во почетокот на XIX век. На него се извршени
конзерваторско-реставраторски интервенции во 1986 година.
Целосно се сочувани неговите архитектонско-естетски и
историски вредности.
На местото од изгорениот втор конак, на јужната страна, на
10 април 1983 година започна изградбата на новиот конак во
духот на старата македонска архитектура. Конакот се освети
на 11 август 1985 година од Неговото Блаженство г.г.
Ангелариј и од надлежниот Митрополит г. Тимотеј. Во 1996
година, на западната страна, се осветија новите конаци со
народната трпезарија, а на Илинден 2006 година се освети и
се постави камен-темелник на нов конак на северозападната
страна, и неговата изградба е при крај. Останува уште малку
манастирот Света Пречиста да го добие стариот изглед,
изгледот на светогорските манастири.
Архитект на сите (досегашни) конаци е дипломираниот инжинер
архитект Тодор Паскали од Охрид, кој се упокои во 2006
година.
Кога се влегува во црквата од западната или од јужната
влезна врата, веднаш паѓа в очи импозантниот иконостас. Тој
бил направен за време на игуменот Стефан во 1864 година.
Архитектонската конструкција на иконостасот ја изработил
мајсторот Дојчин Зулфа, декоративните работи се на неговиот
син Добре (од село Лазарополе), а иконографијата, главно, е
на познатиот зограф Димитар Крстев - Дичо Зограф (1819 -
1872) од селото Тресонче.
Со сликањето на иконостасот Дичо Зограф почнал во 1853
година, по завршувањето на фрескописот во олтарот (1852). Од
претходниот, стариот, иконостас единствено е зачувана
престолната икона Богородица Одигитрија од зографот Анастас
Христов.
Точно не се знае кога е изработена олтарната преграда во
плитка резба, но се посочува периодот меѓу двете светски
војни. Тогаш е извршена измена на распоредот на иконите.
Особено е препознатлива замената на иконата Благовештение
Богородично од 1856 година со истоимената икона од 1911
година на српскиот сликар Милислав Марковиќ и шест други од
Аврам Дичов настанати во 1881 година.
Застапените икони на иконостасот од Дичо Зограф се создадени
од 1848 до 1865 година. На повеќето од нив е регисрирано
неговото име. Така, од 29 икони што се со натпис во црквата,
на 19 е регистрирано неговото име. Меѓу ретките остварувања
на Дичо Зограф во Света Пречиста е и плаштаницата Надгробное
ридание (1860), изработена по порачка на јеромонахот Симеон.
Царските двери се од XIX век. Нивниот автор е непознат.
Изработени се во длабока ажурна резба. Според стилот и
мотивите, се претпоставува дека нивниот автор - резбар бил
од тајфата на Макарие Фрчковски.
На иконостасот има еден корниз во длабока резба од 1737
година.
Најгоре на иконостасот е големиот крст целиот изработен во
резба. На него е претставата Распетие Христово, а долу, над
устите од резбаните аждаи, во резбани рамки, се насликани
Богородица и св. Јован.
Покрај царските двери што се сега во функција, во црквата
Света Пречиста има царски двери од XVI век. Тие се најстара
резба овде. Од XVI век е и владичкиот стол. Игуменскиот и
архијерејскиот трон се од XIX век, исто така изработени во
резба.
Најважно иконографско дело во Света Пречиста е чудотворната
икона. Од една страна на неа е Исус Христос, а од другата
страна е Богородица во прегратка со Христоса. Неа во 1865
година ја ретуширал зографот Дичо Зограф, кој успеал целосно
да ги дочува стилот и бојата. Во 2006 година чудотворната
икона повторно е конзервирана. Се наоѓа на западната страна
од наосот, во нејзиниот северен дел, во притворот, поставена
на бигорен камен над изворот.
Живописот во олтарниот простор е дело на тајфата на
најпродуктивниот зограф на XIX век во Македонија Дичо Крстев
од с. Тресонче, кое го завршил во 1852 година.
Фрескописот во наосот и на куполата е изработен триесетина
години по живописувањето на олтарот. Кој е авторот не е
регистрирано, но во историјата на уметноста, врз основа на
споредби со живописи во други храмови на коишто е
регистриран зографот, со голема сигурност, се посочува синот
на Дичо Зограф, Аврам Дичов.
Бидејќи покривот на црквата Света Пречиста бил со камени
плочи, во скоро вековноиполното постоење навлегувала влага,
па дошло до знатни оштетувања на фрескописот. Поради тоа, во
1988 и во 1989 година се извршени конзерваторски интервенции
на делумно оштетениот фрескопис.
Подот е со камени и мермерни плочи. На средината од наосот е
компонирано осумзразно сонце со диск од мермерни плочи.
Осумаголникот концентрично се шири во наосот преку
наизменично менување на камени и мермерни редови на плочи.
Во дворот на манастирот се наоѓа и манастирска чешма.
Овој манастир за цело време бил со македонски дух. Се
служело на црковнословенски, на разбирлив јазик, со широко
навлезени црти на народниот говор.
За потребите за просветување на своето монаштво и за ширење
на просветниот дух меѓу населението, а во недостаток на
печатени книги, во манастирот имало и препишувачка дејност.
Со својата духовно-просветна дејност манастирот Света
Пречиста бил светилник во темнината во македонското
националноослободително дело.
Манастирот е женски и во него живее игуменијата Агнија со
искушеничката Драгица. |
|

|
| Манастир „Свети
Еразмо Охридски“
Според стилската анализа, во прв ред, анализата на
фрескоживописот, се доаѓа до заклучок дека пештерната црква
посветена на св. Еразмо, антиохиски епископ, е најстара од
бројните пештерни цркви изградени на брегот од Охридското
Езеро. Таа се наоѓа на околу 2 километри од Охрид, во
карпите, на патот кон Струга. Низ својата долга историја,
црквата повеќе пати е поправана, но фрескоживописот, што е
изведен врз природната карпа, е зачуван до денес. Според
него, живописот датира од првата половина на XIII век,
додека за зографот нема никакви податоци.
Поради големата посетеност и малиот простор на црквата, во
1928 - 1930 година до пештерната црква изградена е нова
црква. Новата црква е зографисана од охридскиот зограф Ѓорѓи
Крстески. Со несебичното залагање на Лепа (Лепосава)
Димитриоска, која остави длабока трага во животот на
манастирот, која во отсуство на монаси ја презеде
целокупната грижа за манастирот, изграден е нов конак во
периодот од 1980 до 1985 година, проектиран од покојниот
Тодор Паскали од Охрид, изграден е потпорен ѕид и комплетно
уредување на дворот на манастирот. Во отсуство на монах -
старешина, таа должност сега ја извршува свештеникот Игор
Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија.
|
|

|
| Манастир „Света
Петка“ с. Велгошти - Охридско
Сместен е недалеку од Охрид, под Илинска планина, на
самата падина од ридот Олмец, а над селото Велгошти.
Посветен е на св. вмач. Параскева - Петка Римјанка, која се
слави на 08 август, кога е манастирската слава.
Манастирската црква е еднокорабна и над двоводниот покрив се
издига еден висок осмостран тамбур со прозорци. Градена е од
кршен камен и варов малтер. Над апсидалниот прозорец постои
натпис што се однесува на изградбата на манастирската црква,
на кој пишува дека е изградена во 1890 година, за време на
игуменот Наум Илинчев и со повеление на султанот Абдул
Хамид. Во дворот на манастирот има чешма со вода која доаѓа
од планината, и на неа е зографисан ликот на св. Петка, во
камен, со натпис на кој е истакната годината 1769. Црквата е
проширена во 1922 година за време на свештеникот Алексо
Шокароски од с. Велгошти.
Во внатрешноста на црквата има иконостас, изработен во 1966
година, и повеќе икони, што потекнуваат од XIX век.
Манастирската црква е фрескоживописана од охридскиот зограф
Драган Ристески, во 1993 година, со исклучок на мал дел.
Конаците се обновени и доградени во повеќе фази, и тоа: во
1970 и 1987 година, за време на старешинското управување на
покојниот прота Ѓорѓи Николовски и во 1997 година, кога со
манастирот раководел протојерејот Љупчо Двојаковски.
После упокојувањето на игуманијата Ирина, 2005 година, во
манастирот нема повеќе монашки живот, иако постојат услови
за тоа.
Старешина на манастирот е свештеник Игор Никовски. |
|

|
| Манастир „Вознесение
Христово - Свети Спас“ село Горно Лакочереј - Охридско
Се наоѓа на околу 4 км. југоисточно од селото Горно
Лакочереј.
Црквата е изградена во 1930 година. По својата градба,
претставува развиен крст впишан во квадратна основа, со
купола на средината. Градена е од делкан камен, во
нововизантиски стил. Од јужната страна, истовремено, е
изградена припрата. Фрескоживописана е во седумдесеттите
години на ХХ век, за време на Митрополитот Дебарско-кичевски
г. Методиј.
Над самиот влез од манастирот, во 1986 година, изградена е
камбанарија. Со залагањето на манастирскиот одбор, обновени
се конаците и активно се работи на целосно уредување на
манастирски комплекс, кој го очекува своето заживување на
монашкиот живот. Моментално В.Д. старешина е свештеник Димче
Ѓоргиевски.
|
|

|
| | |
|
ЛИТУРГИИ |
|

|
|
|
Литургија на претходно осветени дарови |
|
|
|
|
ИЗДАВАШТВО |
|
 |
|
|
|
|
|