На празникот на Сретение Господово 15.02.2009 г. и во неделата на Блудниот син, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во црквата света Богородица - Каменско во Охрид, отслужи света архиерејска литургија со повеќемина свештенослужители. На литургијата беше произведен во чин чтец теологот Васко Голабоски од Струга.

Running sports | Nike Dunk Low Coast UNCL - Grailify

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

Драги браќа и сестри, Денеска светата Православна црква прославува два празника, и тоа: Втората подготвителна недела пред Великиот пост, наречена Недела на блудниот син, како и Сретението Господово.

Во времето кога Господ Исус Христос се родил во Витлеем, во Ерусалим живеел еден праведен старец, по име Симеон, на кого му било ветено дека ќе ја сретне утехата Израилева. Да се обидеме со мислите, за краток временски период, да се пренесеме во тоа време и да ја доживееме таа средба како што ја доживеал и праведниот Симеон. И да ја поделиме таа радост заради средбата со младенецот Христос.

Како што знаеме од светото Евангелие, раѓањето на Господа Христа во Витлеем го објавија ангелите небесни, а витлеемските пастири го поздравија заедно со мудреците од Исток, додека, пак, израелскиот народ, со своите духовни водачи, спиел во длабок сон и не можел да го познае времето кога Господ ги посетил. Но сепак, и меѓу нив се најде еден човек по име Симеон, праведен и побожен, кој жедно го очекувал доаѓањето на утехата Израилева, односно доаѓањето на Избавителот. На него му било ветено дека нема да умре сe додека со своите очи не го види помазаникот Божји. Тој постојано внимателно ги набљудувал и очекувал сите посетители на Ерусалимскиот храм, за да го препознае Избавителот. И така, еден ден бил удостоен да се сретне со утехата на Израилот. Гледајќи во прегратките на мајката со Детето, некој таинствен глас му ја открил големата тајна. Тајната дека Детето во прегратките на мајката е Месијата и утехата Израилева. Се затрчал во пресрет на мајката со Детето, го зел во своите старечки раце и ја изговорил познатата молитва: Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Господаре, според зборот Твој,зашто очите мои го видоа спасението Твое што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израил (Лк. 2, 29-32). Уште во Стариот завет, старозаветните пророци претскажувале дека Месијата ќе биде светлост на народите и дека еднаш ќе им засвети светлост на сите оние што се во смртна сенка. Еве токму тоа претскажување се исполни. Праведниот Симеон ја сретнува таа Светлост. Но личноста на Господа Исуса Христа не само тогаш засветила да би потоа засекогаш исчезнала, туку е останата да свети до крајот на светот и векот. Навистина Христос е вистинска и постојана светлост, која го осветлува патот на сите луѓе и на сите народи. Затоа Тој единствен можел да каже: Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот (Јн. 8, 12). Господ Христос како вистинска светлина свети помеѓу луѓетои им го осветлува патот до крајот на векот. Тој е светило и со зборови и со дела. Секој Негов збор кој паѓа на душите од луѓето ги осветлува, им го просветлува патот и ги подготвува кон божествената вистина, правда, љубов и милост. Тој ги осветлува и просветлува сите души кои биле во темнина и со таа светлина тие просветлени можеле да ја видат и да го познаат својот Творец. Праведниот и побожниот Симеон бил удостоен да го сретне Христа, да го земе во своите старечки раце, бидејќи помеѓу своите сограѓани светлел и ден и ноќ со својот богоугоден живот и работа. Да се погрижиме и ние, драги браќа и сестри, со помошта Божја, со покајание да ги очистиме нашите срца и души од секаква нечистотија што нe оддалечува од Божјата светлина и нe фрла во темнина сатанска, за да успееме да се удостоиме да се сретнеме со Христа, со таа непреодна небесна светлост за да нe осветли, загрее и препороди за вечен живот.

Исто така, да се угледаме и на блудниот син, бидејќи сите, на еден или на друг начин, сме грешници и отстапуваме од Божјата љубов, од царството небесно, го напуштаме домот родителски, ги трошиме во секаков раскалашен живот даровите и благодатите што Бог, како милостив Отец, ни ги дава. И за жал, некои го завршуваат својот живот во таков раскалашен и погибен свет. Но да се угледаме на блудниот син, и со покајание и со молба за прошка да извикаме: згрешивме, Оче, пред Тебе и прими ме како еден од твоите слуги, за да може достоинствено да живееме. Милостивиот Родител е нашиот Создател, Господ Бог, Кој секогаш за секоја душа има љубов, има место за прегрнување, за отворање на својот дом и повторно давање на сите благодети што нашиот Промислител и Создател ги дава на секоја христијанска душа, што со вистинска вера, со љубов и покајание се обраќа кон нашиот Спасител, Господ Христос.

Драги христијани, со искрена вера и со скрушено срце да измолиме милост од Бога да ги очисти нашите срца и души, да ни го просветли умот и разумот и ние денеска, најпрво како блудниот син да се вратиме во татковиот дом, а потоа со препородено срце и душа да го сретнеме и Богомладенецот Христос, заедно со праведниот Симеон. И таа средба да биде постојана во нашите мисли, во нашите срца и во нашиот живот. Амин!

15. 02 2009 година
Црква "Света Богородица - Каменско" - Охрид

sretenie

sretenie

sretenie1

sretenie1

sretenie4

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5