На 18.09.2016 година, во Тринаесеттата недела по Педесетница, и на празникот на св. пророк Захариј и праведната Елисавета, бешеизвршено преосветување на храмот „Св. вмч. Георгиј“ во с. Старо Нагоричане, Куманово. На Чинот на преосветувањето, како и на светата архиерејска Литургија, чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Нивните Високопреосвештенства Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостибварски г. Јосиф и Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, протоереј-ставрофор Драги Стојановски, игуменот Григориј, протоереите Јовица Ристевски, Виктор Стојчев и Александар Смиљков, свештеникот Дејан Апостоловски, протоѓаконот Сашо Ристов и ѓаконите Сашо Целески и Кире Ѓеогиев. По завршувањето на светата Литургија, беа осветени новите парохиски административни простории и новата крстилница, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

trace affiliate link | Nike Air Max

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Ваши Високипреосвештенства, чесни отци, драги браќа и сестри,

 

Нашиот Спасител Господ Исус Христос, проповедајќи го Евангелието помеѓу Избраниот народ, во една прилика книжниците и фарисеите го запрашале, со каква власт Он проповеда и кој Му ја дал таа власт? Господ Христос, на прашањето им одговара со прашање: „Крштението Јованово од каде беше: од небото или од луѓето?" (Мт. 21, 25). Тие, пак, плашејќи се од народот, ако кажат дека е Јованово, тогаш народот ќе се побунел сметајќи го Јована за човек Божји, а ако, пак, го признаат како Божји пратеник, тогаш зошто не му поверувале? Во таа прилика, Христос ја кажува параболата што ја слушнавме во Евангелието, прочитано на светата Литургија.


Со оваа парабола, Господ Исус Христос има за цел да го поучи народот да се врати на правиот, вистинскиот и благочестив пат. Тука, под домаќин, е претставен Самиот Бог. Он ни ги дава сите добродетели, услови и можности да живееме во согласност со Законот и прописот што Бог, преку Мојсеј, му го дава на Избраниот народ. Лозјето е народот Божји, пред сè, Избраниот народ – Еврејскиот, кој Бог ќе го учи на едноверие, ќе го штити и ќе го преведе преку Црвеното море за да го одведе во ветената Хананска земја. Но тој народ, често пати, отстапувал од Единиот Бог, правејќи идоли и кипови, а со тоа, оддалечувајќи се од Бога, од својот Создател, Промислител и Патеводител.


Виноградинарите ги претставуваат првосвештениците, садукеите и фарисеите кои биле поставени како избрани луѓе, кои го знаат Законот и прописот, и кои требало да го водат Избраниот народ по вистинскиот пат што им е даден преку Мојсеј. Тие, како познавачи на Законот, многу добро знаеле дека во Светото писмо е речено дека преку жена ќе дојде Месијата Кој ќе ги избави од ропството, односно од гревот, од ѓаволот. Но тие, место да Го очекуваат и да го подготвуваат народот за вистинскиот Месија, Кој ќе ги избави од духовното ропство, односно од гревот, тие очекуваат земен владетел, а нив ќе ги стави на првите места и ќе владеат со светот и со векот.


Слугите, пак, се Божјите пратеници низ долгата и мачна историја на Израилскиот народ. Тие, пак, како пратеници и како помазаници и пророци го опоменувале Израилскиот народ да се откаже од многубоштвото и идолопоклонството, од кривоклетството и од пороците во кои западнале. Но, наместо да ги послушаат тие ги убиваат.


Синот на домаќинот е Месијата, Синот Божји, Господ Исус Христос. Но, и Него не Го примаат, туку велат, ајде да Го убиеме па имотот ќе ни остане нам. Параболата завршува со доаѓањето на домаќинот. Он ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други. После упорното останување на Избраниот народ со скаменети срца и души, Господ Христос зборот Божји, милоста Божја и Евангелието, ќе го прошири и врз останатите народи. Со тоа ќе им даде можност на сите коишто ќе поверуваат да бидат спасени и избавени од гревот, односно од ѓаволот, од оној кој ги прелажа нашите прародители уште во рајот.


Господ Христос три и пол години ја посетуваше Палестина, неуморно проповедајќи ја благата вест за царството Божјо. Таа блага вест може да се сублимира во три збора. Верувајте! Сакајте! Проштевајте! Тоа е нов збор. Тоа е христијанството. Таму каде што нема вера, љубов и проштевање, таму нема ниту христијанство. Христијанството се состои во верата, во љубовта и во проштевањето. Сите овие три добродетели одат заедно. Верата се покажува во љубовта, а љубовта во проштевањето.


Сите мислители се согласуваат дека историјата е мајка на животот. Но, обично неа ја пишуваат луѓе кои се под притисок на одредена сила и моќ, или, пак, ја пишуваат субјективно според своите сфаќања и убедувања, па затоа имаме многу спротивставување од различни писатели за еден ист историски настан. Но едно знаеме, дека луѓето кои го жртвувале својот живот за една идеја, стануваат посилни и повлијателни по нивното напуштање на овој свет. Малкумина ги знаат убијците на нашите свети маченици, но, Божјите угодници, како што е св. Георгиј великомаченик и победоносец, се прославуваат по целата Земјина топка. Тој, со својот живот, посведочил дека е Христов војник и Христов припадник, не сакајќи да се откаже од Господа Христа и жртвувајќи сè што е овоземно. Затоа Бог го прославил.


Денеска, имавме чест, да го преосветиме овој дом Божји, кој е место за молитва, за негување на верата, љубовта и проштевањето.


Да се обратиме со искрена молитва кон св. Георгиј, тој да биде наш молитвеник. Па и ние да имаме силна и непоколеблива вера, манифестирана преку љубовта кон Бога и кон луѓето. Да проштеваме еден на друг, па да бидеме совршени како што е совршен нашиот Отец Небесен (Мт. 5, 48). Да се угледаме на Бога како учтиви деца и да живееме во љубовта (Еф. 5, 1 – 2), бидејќи Бог е љубов (1. Јн. 4, 8). Нека е честито и од Бога благословено. Амин!

 

13. недела по Педесетница
18. 09. 2016 год.
Храм „Св. вмч. Георгиј" – с. Старо Нагоричане, Куманово

 

nagoricane-1-1nagoricane-2-1nagoricane-3-1nagoricane-4-1nagoricane-5-1nagoricane-6-1nagoricane-7nagoricane-8nagoricane-9nagoricane-10nagoricane-11nagoricane-12nagoricane-13nagoricane-14nagoricane-15nagoricane-16nagoricane-17nagoricane-18nagoricane-19nagoricane-20nagoricane-21nagoricane-22nagoricane-23nagoricane-24nagoricane-25

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3