„Исус Навин таинствено го прасликуваше крсниот знак, во она време, кога рацете ги рашири крстовидно, Спасителу мој, и сонцето застана додека тој не ги победи оние што Ти се противеа Тебе, Боже; сега, пак, гледајќи Те на крстот, тоа се затемни и, кога силата на смртта ја разурна, целиот свет го подигна со Себе“ (седален на Утрена на Воздвижение на чесниот и животворен Крст).

 

Денес Крстот се издигнува и светот го осветува, зашто смртта што светот ја прими преку вкусувањето од забранетото дрво, денес друго дрво, Крстот, ја уништи. Денеска и демонските сили се плашат, а земните краеви прославуваат, зашто Крстот стана чувар на сета вселена, красота на Црквата, сила на царевите, поткрепа на верните, слава на ангелите и рана за демоните.

 

На овој торжествен и победоносен ден, на 27.09.2016 година, во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, Дебар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоерејот Никола Христоски, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

 

Празникот на чесниот и животворен Крст, беше одбележан и со уште една голема радост. Имено, под самиот манастир, Митрополитот Тимотеј го постави и го освети поставен камен-темелникот за новиот конак во ова наше светилиште, чиј иницијатор е игуменот на манастирот, архимандритот Партениј. Конакот ќе се гради со донацијата на г-ѓа Елена Пандева од Скопје. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

short url link | Men's Sneakers

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Светата Православна црква, денеска прославува еден од дванаесетте Господови празници. Поточно, го прославува Издигнувањето на Чесниот крст на нашиот Спасител Господ Исус Христос во Ерусалим. Овој празник е поврзан со едно историско збиднување. Имено, царот Константин, уште пред да биде крстен, во 312 година, се подготвувал за борба со претендентот на неговиот престол, од Италија, Максенциј. Иако Максенциј бил воено надмоќен, сепак, Константин одлучил да влезе во борба против него. Пред почетокот на решавачката битка, Константин имал видение, поточно, на небото се појавил крст со натпис Со овој знак ќе победиш. Константин веднаш наредил, на сите воени барјаци да се изобрази крстот, и така, издејствувал победа врз надмоќниот Максенциј.


Ова, на царот Константин, ќе му даде инспирација и поттик, да ја испрати својата мајка, царицата Елена, во Ерусалим, да го открие Христовиот крст. Таа ќе отиде во Ерусалим и долго време ќе се обидува да го пронајде Чесниот крст. Не треба да заборавиме дека поминале веќе три века, се промениле многу генерации и местото на страдањето и распнувањето Христово било подзаборавено. Но, со голем труд и упорност, царицата Елена го наоѓа местото, под еден многубожечки храм, и изнесуваат на виделина три крста. Ерусалимскиот патријарх Макариј, за да утврди кој е точно Христовиот крст, побарал да се принесат болни и од кој крст ќе се излекуваат, тоа е знакот дека крстот е Господовиот. Така и се случило.


Постојат повеќе преданија за утврдување кој бил Христовиот крст. Едното е дека некое парализирано лице веднаш се излекувало, а другото, пак, е дека воскреснал упокоен човек. Кое и да е точно од овие две преданија, важно е дека крстот Господов е пронајден и од страна на Патријархот Макариј свечено е издигнат и со него благословени се сите четири страни на светот. Потоа, царицата Елена и царот Константин ќе го изградат храмот посветен на Воскресението Христово, во кој се наоѓа Чесниот крст Христов.


Драги браќа и сестри, треба да нагласиме дека крстот, во првите векови на христијанството, не бил особено почитуван како симбол на христијанството. Ние, знаеме дека во Римската империја, крстот е употребуван како орудие за казнување на најголемите престапници. Од таа причина, првите христијани употребувале поинакви симболи, како што е рибата, котвата, јагнето и слично. Но, по откривањето на Чесниот крст, овој симбол ќе ги надмине сите претходни и ќе биде општоприфатен во севкупниот христијански свет. Затоа, св. ап. Павле, во своето послание до Коринтјаните вели: „Бидејќи словото за крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја... Ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазна, а за Елините безумство" (1. Кор. 1, 18 и 23).


Крстот Христов има огромна сила. На него Синот Божји, Господ Исус Христос се принесе на жртва за откуп на гревовите на сиот човечки род. Во црковните богослужбени песни, многу јасно и гласно се истакнува значењето на Чесниот и Животворен крст. Во тропарот се вели: Спаси ги Господи луѓето Твои... Со Крстот Свој заштити го Твоето жителство. Со овие зборови светата Црква, сите православни луѓе ги нарекува нејзини жители, а, пак, крстот, нивна заштита.


Изнесувајќи го и издигнувајќи го Животворниот крст на денешниот празник, светата Црква нè повикува, сите христијани, од сите четири страни на светот, да го впериме својот поглед кон Чесниот Христов крст. Но, не само да се загледаме во него, туку, тој да биде поттик за наше очистување од секакви престапи и гревови. Па со силата и благодатта Божја, а преку светиот крст Господов, да можеме да ги победиме сите непријатности што нè придружуваат и нè снаоѓаат во нашиот овоземен живот. Крстот да ни послужи како пример да можеме нашиот крст да го носиме чесно и достоинствено. Та да можеме да се искачиме кон небесните висини во прегратките Христови, и така да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!

 

Воздвижение на Чесниот крст Господов
27. 09. 2016 год.
Манастир „Св. вмч. Георгиј" – с. Рајчица

 

Krstovden2016 1Krstovden2016 2Krstovden2016 3Krstovden2016 4Krstovden2016 5Krstovden2016 6Krstovden2016 7Krstovden2016 8Krstovden2016 9Krstovden2016 10Krstovden2016 11Krstovden2016 12Krstovden2016 13Krstovden2016 14Krstovden2016 15Krstovden2016 16Krstovden2016 17Krstovden2016 18Krstovden2016 19Krstovden2016 20Krstovden2016 21Krstovden2016 22Krstovden2016 23Krstovden2016 24Krstovden2016 25Krstovden2016 26Krstovden2016 27Krstovden2016 28Krstovden2016 29Krstovden2016 30Krstovden2016 31Krstovden2016 32Krstovden2016 33Krstovden2016 34Krstovden2016 35Krstovden2016 36Krstovden2016 37Krstovden2016 38Krstovden2016 39Krstovden2016 40Krstovden2016 41Krstovden2016 42Krstovden2016 43Krstovden2016 44Krstovden2016 45Krstovden2016 46Krstovden2016 47Krstovden2016 48 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5