„За огнот не се грижеа, и за многуразличните маки и за смртта достојна за почит, бидејќи добрината на најпрекрасниот Жених со вера ја бараа, откако со различни рани се украсија, со Него се соединија фиданките на Софија: Вера, Надеж и Љубов; поради нив, Господи, од јароста ослободи нè“ (Стихира на Господи повикав... на Вечерна на св. мч-чки Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија).

 

На 30.09.2016 година, денот кога го прославуваме споменот на светите маченички Вера, Надеж и Љубов, и мајка им Софија, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Димче Азески, Владо Недески, Ѓорѓи Блажески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Зоран Ставрески. Овој свечен ден стана уште поторжествен, со ракополагањето на ѓаконот Зоран Ставрески во презвитерски чин од раката на Митрополтиот Тимотеј. Од името на целата Епархија, му го честитаме презвитерскиот чин на отец Зоран, и се молиме достојно да служи на Бога и на светата Македонска православна црква, а за спасение на неговата душа и на паството кое ќе му биде доверено. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

spy offers | Nike

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Во денешното евангелско четиво, ги слушнавме зборовите на Господа Христа како ја пофалува верата на жената Хананејка. Поради таа вера, вера каква што не нашол ниту кај Израилците, ја излекувал нејзината ќерка, која страдала од нечист дух повеќе години. Верата е дар Божји. Верата е присутна кај сите народи и во сите времиња, дури и кај оние коишто се декларираат како неверници. И кај нив, во одредени моменти се манифестира искрена вера, ако не чиста вера, тогаш, наместо неа се појавува суеверие и други облици кои се обидуваат да ја заменат вистинската вера во Бога. За неа, нобеловецот Херман Хесе вели: „Религијата е вечна, бидејќи нè упатува на оние работи кои важат за сите времиња, во сите можни земји и за сите слоеви на луѓе". Само верата дава одговор на вечните прашања: Од каде е човекот, каде оди и каде завршува?


Зошто Господ Исус Христос и се обраќа на жената Хананејка со зборовите: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата" (Мт. 15, 26)? За да ги разбереме овие зборови, треба да знаеме дека Господ Христос доаѓа од Галилеја и оди во пределите Тирски и Сидонски. Таму, пак, живееле потомците на Хам, синот на Ное. Неговите потомци биле проколнати да им бидат слуги и измеќари на Симовите потомци, односно, на Избраниот народ. Токму оваа мисла Израилскиот народ го прави горд. Мислата дека тие се Избраниот народ, и дека треба да господарат и владеат со земјата, а сите останати треба да им бидат потчинети и да им служат. Никој друг народ не бил подготвуван да Го дочека и прими Месијата и Избавителот на родот човечки, освен Израилскиот. Тие, преку пророците, царевите и патријарсите, со многубројните пророштва, биле подготвувани за доаѓањето на Избавителот. За доаѓањето на Оној кој ќе го избави родот човечки од грев и од смрт. Но, од гордост, ја преиначуваат идејата за Месијата. Од духовен избавител, почнуваат да очекуваат земен цар. Цар кој ќе ги ослободи од Римското ропство и ќе ги покори сите народи, а тие ќе господарат над нив. Затоа и Господ Христос и вели на жената Хананејка дека не е добро да се земе лебот од Избраниот народ и да се даде на незнабошците. Но, и Христос и жената Хананејка знаат кои се потомците на Избраниот род а кои се од проколнатите. Преку овие зборови Господ Христос сака да ни упати двојна поука. Поука кон своите апостолите и кон Израилскиот народ. Он не доаѓа само за Избраниот народ, туку, Он доаѓа за сите луѓе, бидејќи сите се деца Божји и сите се потомци на Адам. Никој нема да се спаси заради тоа што потекнува од овој или од оној род, туку, ќе се спаси оној што ќе поверува и ќе ја исполнува волјата Божја. Затоа и Христос $ вели на жената: „Жено, голема е твојата вера; нека ти биде според желбата твоја! И во тој час оздраве ќерката нејзина" (Мт. 15, 28).


Неслучајно светата Црква, на денешен празник, кога ги чествуваме светите маченички Софија и нејзините ќерки Вера, Нада и Љубов, го чита ова свето Евангелие. Како што знаеме од нивното житие, тие својата припадност и одданост на верата во Христа, ја посведочиле и ја запечатиле со маченички крај. Нема поголема храброст и одданост кон некое дело освен полагање на својот живот за истото. Тука, треба да истакнеме уште еден невообичаен феномен, а тоа е, мајката Софија ги бодри, ги храбри и ги моли своите ќерки да ги издржат сите маки и страдања, и да не се откажат од Господа Исуса Христа. Обично, мајчинската љубов и нежност преовладува, и во такви моменти повеќето родители ги молат своите рожби и деца да прифатат поинакви понуди, па ако треба и формално да се откажат од Христа, само да го запазат својот овоземен живот. Но, нивната вера и нивната љубов кон Господа Христа ги надминува сите човечки приврзаности и слабости. Нивната вера се потврдува како верата на жената Хананејка. Вера, која не само што ги лекува телесните немоќи, туку, пред сè, вера која ја лекува душата овозможувајќи и да го наследи царството небесно.


И ние денеска кои сме собрани во овој свет храм, да се поучиме од верата на жената Хананејка, како и од животот на св. Софија и на нејзините ќерки. Па милоста Божја нека ја излие Својата благодат врз нас. Да ни ја зацврсти верата. Да биде непоколеблива, цврста и оддана кон Бога, за да можеме да правиме добри дела и така да спечалиме вечен и блажен живот.


Ја користам оваа прилика, на новоракоположениот свештеник Зоран, да му го честитаме чинот, а воедно да се угледа на верата на жената Хананејка, па со достоинство да ја извршува свештеничката служба. Да го напасува и напојува довереното му Христово стадо, утврдувајќи ги во силата на Православието и во моќта на верата. Па така, да послужи за прославување на Бога, за просперитет на МПЦ – ОА, и за спасение на сопствената душа и на поверената му паства, сега и во сета вечност. Амин!
По охридски, честито и со бел образ!

 

Св. Софија и нејзините ќерки Вера, Нада и Љубов
30.09.2016 год.
Храм „Св. Софија" - Охрид

 

svsofija2016 1svsofija2016 2svsofija2016 3svsofija2016 4svsofija2016 5svsofija2016 6svsofija2016 7svsofija2016 8svsofija2016 9svsofija2016 10svsofija2016 11svsofija2016 12svsofija2016 13svsofija2016 14svsofija2016 15svsofija2016 16svsofija2016 17svsofija2016 18svsofija2016 19svsofija2016 20svsofija2016 21

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3