„Откако си проникнал во бездната на Божјата Премудрост, оттаму си го нацрпил богатството на божествените Писанија, со кое, Клименте семудри, елинскиот глас си го појаснил со македонскиот јазик. Затоа со љубов те славиме“ (стихира по Евангелие на утрена на свети Климент Охридски).

 

Рамноапостолниот ревнител, Климент Охридскиот Чудотворец, безброј луѓе изведе од прелеста, непрестајно поучувајќи ги во законот Божји и со својот чесен живот упатувајќи ги кон божествената наслада. Затоа, и ние денес, со љубов го славиме споменот на светиот епископ наш Климент, кој ја преведе во вистинската вера цела Македонија.

 

Празнувањето на споменот на светиот Климент започна ден претходно, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник во Охрид, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, протерејот Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната, пред моштите на светителот, беше отслужен и Молебен на свети Климент Охридски.

bridge media | NIKE Chaussures, Sacs, Vetements, Montres, Accessoires, Accessoires-textile, Beaute, Sous-vetements - Livraison Gratuite

 

Чествувањата по повод големиот празник, продолжија на 08.12.2016 година, во истиот манастир, каде што беше отслужена света арахиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Никола Христоски, свештениците Атанас Казанџиски, Владо Недески, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верници со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,


Промислата Божја, уште од создавањето на светот, промислува за секое создание, а посебно, пак, за секој човек. Задачата на човекот е да ги следи патеките коишто водат кон Бога. Господ Исус Христос на Своите ученици и апостоли им вели: Јас Сум Патот, Вистината и Животот (Јн. 14, 6).


Секој човек има свој пат. Според своите можности треба да го изоди одредениот временски живот за да се најде онаму, каде што му е зададено да стаса, односно, во Царството Божјо. Овие зборови Господ Христос им ги рекол на апостолите, но тие се однесуваат и на нас, на нашата генерација, како и на тие пред и на оние по нас. Ние сме должни да одиме по Христа, но да одиме по Него правејќи добри дела. Човекот, во чиешто срце нема љубов и е исполнет со злоба, со пакост и слично, тој не може да Го има Бога во својата душа. Тој нема мир и спокој, нема сон, односно живее во немир, како со самиот себеси, така и со останатите луѓе. А тоа е спротивно со Божјата заповед да имате мир помеѓу себе (Мк. 9, 50). Бог е љубов и Бог не може да се всели во нечист дом, односно душа.


Ние, денеска, го прославуваме св. Климент Охридскиот Чудотворец. Го прославуваме оној кој бил исполнет со љубов, како кон Бога, така и кон својата паства. Тој поднесувал многу страдања и маки во својот животен од, следејќи ги неговите учители, светите Кирил и Методиј. Треба да имаме претстава дека IX век е многу различен, во технолошки аспект, од денешниот животен век. Колку маки и страдања претрпувал само патувајќи до Моравија, а таму, пак, ќе претрпи малтретирања од германското, латинско духовништво. Ќе биде избркан и ќе патува до Бугарската престолнина, во тоа време до Плиска, а оттаму, пак, повторно испратен во овие предели. Но, треба да знаеме дека самото патување е огромен ризик и подвиг. Но, исполнет со голема љубов кон делото на своите учители, св. Климент, тука, на Плаошник, ќе развие огромна просветителско – учителска дејност и нема да дозволи епохалното дело, просветувањето и христијанизирањето на Словенскиот народ да пропадне, туку, напротив, ќе го развие и утврди како четврти јазик, препознатлив и признат во светски рамки на христијанството. Сето тоа св. Климент можел да го постигне благодарение на неговата силна и непоколеблива вера и благодарение на Божјата благодат којашто била излиена врз него – благодат, којашто ја здобил поради неговиот свет и непорочен живот. Затоа св. Климент бил прославуван уште додека бил жив во овој свет. Но, тој, уште повеќе ќе биде прославуван по неговото физичко напуштање на овој свет како избран сосуд во Царството небесно.


И покрај тоа што се поминати 1100 години од неговото блажено упокојување, тој живее во сеќавањето на македонскиот народ. Народот на него се сеќава како жив светител, кој со фенер в рака оди по тесните охридски улички и го заштитува градот и луѓето од секакви маки, искушенија и страдања. Сето тоа св. Климент може да го прави бидејќи е избран од Бога, а тој, со чистотата во својата душа и срце, овозможил Бог да се всели во него и да ја манифестира Својата љубов како во избран сосуд. Сосуд, преку кој се излива Божјата благодат врз христијаните кои со вера, љубов и со страв Божји му се обраќаат за помош.


И ние, денеска, прославувајќи го во оваа јубилејна година, да му се обратиме со искрена молитва. Тој да биде наш покровител и заштитник од секакви маки и страдања. Да ни го осветлува патот. Да ни ги препороди срцата и душите, па достоинствено да одиме кон Христа со чесен христијански живот, исполнет со добри дела а за спасение на нашите души.

 

Свети Клименте, моли го Бога за нас! Амин!

 

Св. Климент Охридски
08. 12. 2016 година
Манастир „Св. Климент и Пантелејмон" – Плаошник, Охрид

 

svklimzim2016 1svklimzim2016 2svklimzim2016 3svklimzim2016 4svklimzim2016 5svklimzim2016 6svklimzim2016 7svklimzim2016 8svklimzim2016 9svklimzim2016 10svklimzim2016 11svklimzim2016 12svklimzim2016 13svklimzim2016 14svklimzim2016 15svklimzim2016 16svklimzim2016 17svklimzim2016 18svklimzim2016 19svklimzim2016 20

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5