На 06.12.2016 година, се упокои во Господа свештеникот Марко Трпкоски од Македонски Брод. Отец Марко е роден во 1960 година, од благочестиви родители во селото Брест, Македонски Брод. Завршил во МПБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а по стапувањето во брак, во 1982 година, најпрво е ракоположен за ѓакон, а потоа и за свештеник, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонски Брод, каде служеше до неговото упокојување. Опелото на отец Марко го изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на повеќе свештенослужители од нашата Епархија, на 07.12.2016 година во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонски Брод, каде што и свештеникот Марко веќе 34 години верно служеше на Македонската православна црква и на Бога. Митрополитот Тимотеј се обрати кон ужаленото семејство и кон присутните со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

Running Sneakers Store | Nike Sportswear Dunk Low Disrupt White - DD6620-001

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!


„Живееме ли- за Господа живееме, умираме ли - за Господа умираме; според тоа- живееме ли, умираме ли- Господови сме." (Рим. 14; 8)

Со овие зборови светиот апостол Павле го искажува христијанското поимање кон животот и смртта. И во животот, но, и во смртта, христијанинот останува Господов. Ние разбираме какво значење има животот, што треба да му припаѓа на Господа Исуса Христа. Односно, не треба да бидеме туѓинци за Христа, туку повеќе да се доближиме до Христа, за да може Он да ја одрази на нас светлината на Неговиот Божествен Дух. Смислата на живеењето во Христа е да се добие благодат од плодовите на Светиот Дух.


Оној кој во својот живот се стремел да биде Господов, тој и во смртта на Него му припаѓа, бидејќи овој живот го користел како поле за добивање на вечноста. Колку е тоа таинствено и непоимливо! Умираме ли - да бидеме во Христа, а тоа значи дека уште додека сме во овој свет сме го преминале прагот од овој во оној, односно во другиот свет - вечноста. Ние во овој свет врвиме кон патот за вечноста. Тука на земјата, вечноста ја мериме со часови, денови и години. Но потоа, часовите, деновите и годините се простираат во беспределна вечност. Затоа христијанинот не треба да го мери животот ниту со часови, ниту со денови, ниту, пак, со години. Тие се брзолетни мигови на вечноста. Туку уште тука ние треба да навлегуваме во безпределното време на вечноста.


Еднаш старозаветниот пророк Исаија слушнал глас кој му вели: „Разгласувај!", а тој прашува: „што да разгласувам?" Гласот му одговорил: „Секоја плот е трева, сета убавина нејзина е како полско цвеќе" (Иса. 40; 6). Таков е реалниот живот надвор од вечноста. Уште еден, пак, стар мудрец има право кога вели дека: животот е еден миг помеѓу двете вечности. Животот е миг и само што ќе засвети веднаш се гаси. Но, за нас христијаните тоа не е крај. Свети апостол Павле, во своето послание, нè утешува кога вели: „Знаеме дека, кога земното живеалиште на нашето тело, кое е како шатор се разруши, тогаш имаме од Бога дом, куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата." (2Кор. 5, 1).


Покојниот отец Марко е роден во 1960 година, од благочестиви православни родители во поречкото село Брест. По завршување на основно училиште, се запишува во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски" и ја завршува со одличен успех. По отслужувањето на воената обврска, и по стапувањето во брак со неговата избраничка Соња, е ракоположен, најпрво за ѓакон, а потоа за свештеник во 1982 година, токму во овој свет храм. Служи како парохиски свештеник во Македонски Брод и цел Поречки крај цели 34 години. Покрај старешинската должност, беше назначен и за архиерејски намесник за Поречкиот крај, и во граници на неговите можности и способности, се трудеше да го збогати црковниот живот. Особено се ангажираше околу изградбата на објектите во црковниот двор и на градските гробишта во Македонски Брод. Во бракот со неговата попадија, Бог го благослови со 4 рожби, два синови и две ќерки. Послужи на Македонската православна црква, онака како што умееше и знаеше, и никогаш не го извалка ликот на свештеникот пред нашиот благочестив верен народ.


Секоја разделба е тажна, независно од цврстината на нашата вера, а посебно таа е жална за сопругата и децата, како и блиските и роднините. Но, нека нашата вера православна, им биде надеж и поткрепа да можат достоинствено и христијански да ја поднесат оваа загуба, без роптање против Бога. А ние сите што сме собрани тука, да се помолиме на Семилостивиот Бог, да ја упокои неговата душа во населбите на праведниците.

 

Бог да го прости, нека му е вечен споменот!

 

07.12.2016 год.
На опело на отец Марко Трпкоски
Црква „Успение на Пресвета Богородица"
Македонски Брод

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3