„По целата земја се разнесе гласот за твојот доблесен живот, пресвет отче, затоа на небесата доби награда за своите подвизи. Си ги погубил легионите демонски, а живеејќи како ангел живот непорочен си ги достигнал дури и ангелските чинови. Бидејќи можеш, застани пред Христа Бога и моли Го да им подари мир на нашите души“ (стихира по Евангелие на утрена на преп. Нектариј Битолски).

 

Празнувањето на преподобниот Нектариј Битолски и преп. Сава Осветен, започна со свечена воскресно празнична Вечерна богослужба, на 17.12.2016 година, во капелата „Св. Кирил и Методиј“ во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид. На Вечерната богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Владо Недески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната, беше прекршен и празничниот колач во слава и чест на преподобниот Нектариј, а по повод именденот на архимандритот Нектариј.

Sport media | Men’s shoes

 

Утредента на 18.12.2016 година, во 26 Недела по Педесетница, беше отслужена света архиерејска Литургија  во капелата „Св. Кирил и Методиј“ во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Никола Христоски, протоѓаконите Ратомир Грозданоски и Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Во денешното свето Евангелие ја слушнавме параболата за еден богат човек, кој размислувал да ги сруши своите амбари и да направи поголеми. Па откако ќе го собере родот од неговиот имот, да ѝ рече на својата душа: сега јади и весели се, имаш богатство за многу години. Вакво типично размислување може да се сретне и денеска кај многу луѓе, можеби не сосема истоветно, со правење на нови поголеми амбари, зашто денешното време и не дава таква можност. Оние што се занимаваат со земјоделие и житници, и не можат да бидат така спокојни и радосни, па да се веселат и да уживаат во своето богатство. Но, сепак, секое време, па и ова денешното, има свои специфични можности за создавање на богатство и останати услови за удобен живот.

Богатството само по себе не е грев, а уште помалку е зло. Нашата вера и црква нѐ учат да се грижиме за семејството, да се грижиме за телото и за сите оние потреби кои се неопходни за опстанокот на нашиот живот. Но, исто така, Црквата нѐ учи дека, човекот е психофизичко битие, односно покрај материјално тело, тој има и невидлива душа, за која сме должни да се грижиме и да ја храниме со духовна храна, исто како што се грижиме и за нашето тело, хранејќи го, топлејќи го и облекувајќи го.

Црквата, како христијани, нѐ повикува и потсетува дека сме должни да ѝ дадеме приоритет на духовната храна во овој овоземен живот, бидејќи во Евангелието се вели: „...оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?"(Мт. 16; 26). И во параболата од денешното евангелско зачало се вели: „...безумниче оваа вечер ќе ти ја земам душата, на кого ќе го оставиш богатството? (Лк. 12; 20). Со други зборови, Црквата преку овие евангелски вистини нѐ поучува да се грижиме за овоземниот живот, но да му дадеме приоритет на вечниот живот, зашто во вечноста е само човечката душа, а не и телото. Грижата за придобивање на вечноста е долг процес и тој се состои од подготовка преку целокупниот наш овоземен живот, зашто никој од нас не знае кога ќе биде повикан во другиот свет. Затоа, треба да бидеме постојано будни и подготвени да дадеме отчет пред Бога за нашиот живот, нашите постапки и дела.

Во денешно време, од многу луѓе честопати можеме да слушнеме изговор дека немаат време, и бидејќи се зафатени со разни обврски, не им останува време за посета на црква, време за молитва, за исповед, грижа за обичаи, традиции и слично. Но, тоа е едно погрешно и неоправдано самозалажување, со кое имаат намера да се самооправдуваат. Ако имаме време за сѐ останато, тогаш ќе најдеме време и за душата, која е вечна и за која сме должни како христијани да направиме сѐ за да и обезбедиме Царство Небесно. Пред неколку години, една американска писателка, напиша книга со наслов „Немам повеќе време". На прашањето зошто дала таков наслов на книгата, таа одговорила: „Никогаш порано не сум размислувала колку може да е блиску крајот на секој човек, но, минатата година изгубив мајка, сопруг и брат, и тогаш го сфатив она, што порано не го размислував, дека крајот на секој човек е блиску, независно од тоа колку ќе живее. Така почуствував и сфатив дека - немам повеќе време". Оваа писателка на свој начин го објаснува моментот и приликите кои довеле кај неа до сфаќање и осознавање за близината на крајот на секој човек. Но, ние како христијани тоа многу добро го знаеме и сме го осознале преку учењето на Црквата. Затоа сме должни да се подготвуваме за тој крај онака како што нѐ учи Црквата, со вера и молитва, а за спасение и вечен блажен живот на нашата душа.

Денеска го прославуваме преподобен Нектариј Битолски, светител кој целиот свој живот го посветил на Бога, во молитва, пост и подвижништво, и затоа Бог го овенчал со нетлен венец во Царството Небесно. И ние да се огледаме на овој Божји угодник и да се потрудиме да спечалиме духовни вредности кои се непропадливи, неминливи и вечни, а се спасоносни за нашите души.

Ја користам оваа прилика да му го честитам именденот на архимандритот Нектариј, и молитвено му посакувам свети Нектриј заедно со свети Наум, да му бидат покровители, застапници и молитвеници пред Севишниот Бог.

Честит именден и честит празник!

 

18.12.2016 година,

26-та недела по педесетница и свети Нектариј Битолски,

манастир „Свети Наум Охридски" - Охрид

 

prepnektarij2016 1prepnektarij2016 2prepnektarij2016 3prepnektarij2016 4prepnektarij2016 5prepnektarij2016 6prepnektarij2016 7prepnektarij2016 8prepnektarij2016 9prepnektarij2016 10prepnektarij2016 11prepnektarij2016 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5