На 20.02.2017 година, на денот кога го празнуваме споменот на светиот Партениј Лампсакиски, а по повод именденот на архимандритот Партениј, игумен на Бигорската обител, во манастирот беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, архимандритот Партениј, протоереите Никола Христоски и Митре Попоски, еромонасите Доситеј, Макариј и Кирил, свештениците Илија Поп Гонов, Миле Алексоски и Павел Крцоски, протоѓаконите Дени Насков и Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Лиургијата, беше осветено коливото, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу интегрално ви ја пренесуваме. Од името на свештенството, монаштвото и верниот народ од нашата епархија му го честитаме именденот на архимандритот Партениј, со молитви кон Бога за крепко здравје, бодар дух и љубов, за уште долги години да го води повереното паство и да го унапредува монашкиот живот во доверените му духовни светилишта.

trace affiliate link | シューズ

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Во денешното Евангелско четиво, прочитано на светата Литургија, ги слушнавме зборовите: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам" (Мт. 11, 28). Господ Исус Христос, откако наполнил, според Стариот завет, полнолетство на триесет години, излегува да го слови зборот Божји. Христос го поучувал народот постојано. Го поучувал додека одел од село во село, од град во град, сè со цел, Избраниот народ да го врати на вистинскиот пат и да биде спасен. Затоа, Христос, покрај проповедта, правел и безброј чуда. Лекувал најразлични болести, дури и мртви воскреснувал, сè со цел, да ги разубеди и да ги омекне срцата на Евреите. Да ги омекне, за да поверуваат дека Он е Синот Божји, испратен од Бог Отецот, да ги спаси од погибел и од вечни маки и страдања.


Но, откако ќе забележи дека книжниците, фарисеите и садукеите, не само што не пристапуваат кон Христа, туку и му пречат на народот да појде по Него, тогаш Он, ќе тргне на проповед и кај останатите народи. Кај народите кои биле презрени, и кои, Евреите, ги сметале за нечисти, бидејќи потекнуваат од семето на Хам. Тогаш Христос ги повикува: Дојдете сите вие што сте обременети со најразлични маки, понижувања, презирања, од најразлични побуди и причини, и Јас ќе ве утешам. Христос тука не мисли само да им ја намали болката и страдањето во овој свет и во овој живот, туку, напротив, ги повикува да појдат по Него, да го земат својот крст, да Го следат, да Го проповедаат и да живеат според Неговите начела. Христос, пак, ќе биде Оној Кој ќе им даде сила и моќ да ги пребродуваат сите искушенија и со Негова поткрепа, односно, со Духот Свет, Кој ќе им го испрати на светата Педесетница, ќе ги утврди и зацврсти и ќе можат сите препреки и искушенија, без болка, без страдање, како препородени, да ги поднесуваат и да вкусат предвреме од вкусот на царството Божјо.


Тоа се зборови кои Христос им ги ветил на тогашните Негови слушатели. Но, овие зборови се однесуваат и на нас. Потребно е и ние да се подготвиме и да се спремиме да Го следиме Христа. Да бидеме спремни да го земеме сопствениот крст и да го почувствуваме Христовиот јарем кој е благ. Јаремот Христов е благ и може да се носи. На ниту еден човек, од Бога, не му се дава ништо повеќе од она што самиот може да го носи, а преку него и да спечали вечен и блажен живот.


Денеска, прославувајќи го св. Партениј Лапсакиски, неговиот свет живот нека ни послужи да се угледаме на него во ревноста и во проповедањето на словото Божјо. По неговите молитви, Бог нека ја услиши нашата молитва, да можеме да одиме по патот што води кон Христа, со Христа и во Христа за вечен и блажен живот. Амин!

 

Св. Партениј Лампсакиски
20. 02. 2017 година
манастир „Св. Јован Крстител – Бигорски"

svpartenij2017 1svpartenij2017 2svpartenij2017 3svpartenij2017 4svpartenij2017 5svpartenij2017 6svpartenij2017 7svpartenij2017 8svpartenij2017 9svpartenij2017 10svpartenij2017 11svpartenij2017 12svpartenij2017 13svpartenij2017 14svpartenij2017 15svpartenij2017 16svpartenij2017 17svpartenij2017 18svpartenij2017 19svpartenij2017 20svpartenij2017 21svpartenij2017 22svpartenij2017 23svpartenij2017 24svpartenij2017 25svpartenij2017 26svpartenij2017 27svpartenij2017 28

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3