„Откако си го озари умот со просвештение на Божествениот Дух, чесната царица, имајќи богомудри плодови, ги возљуби благолепието и убавината на Црквата Христова, благословувајќи Го, заедно со верните, Богочовекот Исуса“ (песна од Канонот на Утрена во Прва недела од Великиот пост).

 

На 05.03.2017 година, во Првата недела од Великиот пост, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, протоереите Никола Христоски и Игор Никовски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Првата недела од Великиот пост, светата Православна црква ја прославува победата над иконоборството. Седмиот вселенски собор, кој се одржал 787 година во Никеја, ја дефинира доктрината за почитувањето на иконите. Но, иконоборството, уште долго време ќе продолжи да ја потресува Црквата, бидејќи истото било последователно поткрепувано од три Византиски императори. Дури во средината на IX век, ќе се воспостави дефинитивна победа над оваа ерес. Во чест на таа победа, на свечен начин, иконите повторно ќе бидат внесени во Константинополската катедрала „Св. Софија". Од тогаш, во оваа недела, се прогласува триумфот на православието.


Еднаш за секогаш, Вселенскиот собор го утврдил почитувањето на иконите. Но, треба да се каже дека ние кога ги целиваме, кога им се поклонуваме и кога се молиме на иконите, ние не ги обожуваме, туку, ги почитуваме. Нашата почит не се однесува кон материјалот, кон дрвото, стаклото, хартијата, врз кој се насликани иконите, туку, почитта ја пренесуваме на изобразениот лик на иконата. Ова учење светите отци го формулирале врз основа на христијанското верување, базирано врз Божјото откровение, врз учењето на светите апостоли и преданието на светите отци.


Но, да го задржиме нашето внимание на иконата. Кој прв почнал да ги изобразува Господ Исус Христос, Богородица и другите Божји угодници кои ги гледаме по нашите храмови и во нашите домови? Првите изобразувања не биле дело од раце на луѓе. Сам Господ Исус Христос, го отпечатил Својот образ на убрус и го испратил на Едескиот кнез Авгар, за истиот да најде излекување од болеста.


Невидливиот и непостижниот Дух Свети, прима образ на гулаб и во тој вид засведочил за славата Божја, односно, на денот на крштението на Бог Син на реката Јордан. Истиот примил и образ во вид на огнени јазици и така слегол врз апостолите на Педесетница, давајќи им власт да проповедаат, но, и да врзуваат и разрешуваат гревови на луѓето. Прв од луѓето кој се смета за уметник и кој направил икона е св. ап. и ев. Лука. Тој го насликал ликот на св. Богородица, а таа, пак, самата, за изобразбата рекла: „Со овој образ ќе престојува мојата благодат и сила".


Како христијаните да не ги следат овие изобразени примери? Како да не ја следат покажаната љубов на крстот? Крстот на кој Господ Исус Христос се распнува за нашите гревови и постанува орудие за наше спасение. Господ Исус Христос е безгрешен и врз Себе ги понесе сите наши гревови. Он е Агнец Божји, Кој ги зема нашите гревови и гревовите на светот (Јн. 1, 29). Затоа, Христос се изобразува како Јагне Божјо, како Добар пастир Кој ја носи овцата врз своите плешки.


Дали ни се потребни изобразувања на икони? Дали можеме без нив, или, пак, само со дух и мисла да се издигнуваме кон Бога и кон небото? Ако ние знаеме дека во секојдневниот живот ни се неопходни посочувања за нашите секојдневни обврски, тогаш, уште повеќе ни е потребна опомена за духовниот живот. Затоа, потребни ни се нашите небесни молитвеници и помошници, за да ни помагаат да се издигнуваме кон небото со исправен христијански живот. Па и денеска кога го прославуваме празникот на православието, да се обратиме со искрена молитва кон Господа Исуса Христа и кон светата мајка Божја. Нека ја наклонат нивната милост кон нас, за да можеме да се угледаме на Божјите угодници. Тие, пак, да бидат наши молитвеници и поткрепувачи за исправен и чесен христијански живот, и така да се издигнеме кон царството Божјо. Амин.

 

Недела на православието
05.03.2017 год.
храм „Св. вмч. Георгиј" - Охрид

 

1недВП2017 11недВП2017 21недВП2017 31недВП2017 41недВП2017 51недВП2017 61недВП2017 71недВП2017 81недВП2017 91недВП2017 101недВП2017 111недВП2017 121недВП2017 131недВП2017 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1