„Весели се, радувај се, Цркво Божја, на дрвото најбогато поклонувајќи му се денес - на сесветиот Крст Христов: нему, пак, му служат ангелските чинови, и со страв стојат пред него“ (песна од Канонот на Утрена во Крстопоклона недела).

 

На 19.03.2017 година, во Третата недела од Великиот пост - Крстопоклона недела, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Никола Христоски и Темелко Донески, свештениците Васко Голабоски и Петре Бојчиноски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. Пред започнувањето на Литургијата, според типикот на светата православна црква, насреде храмот беше изнесен светиот Крст, а на сите кои му се поклонија, Митрополитот Тимотеј им подели гранче босилок. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верници со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Во средината на Великиот пост, светата Православна црква си спомнува за страдањата на нашиот Спасител Господ Исус Христос. За таа цел, на сред црква, се изнесува светиот и Животочен Крст Господов за поклонување на православните верници. Поради тоа, целата оваа седмица се нарекува Крстопоклона.


Од историјата знаеме дека нашиот Спасител Господ Исус Христос беше распнат на крст на Голгота. Распнат како најголем престапник, заедно со двајца разбојници. До распнувањето на Господа Христа, крстот се сметал како орудие за казна на најголемите престапници. Но, со распнувањето Христово и со пролевањето на Неговата пречиста крв, ова орудие на срамот, постанува симбол и сила Божја која ги охрабрува и ги поучува христијаните за искупителната мисија на Господа Исуса Христа. Затоа, светата Црква оваа недела, во средината на Великиот пост, нè поучува да размислуваме за нашиот живот и за нашите постапки.


Во светото Евангелие, коешто денес го слушнавме, се вели: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене" (Мк. 8, 34). Св. Филарет Московски, размислувајќи за овие зборови, вели: „Откажувањето не е пренебрегнување, ниту на душата, ниту на телото. Затоа што душата, според словото Божјо – е бесценет дар, а телото, пак, според зборот на апостолот, треба природно да се негува. Откажувањето, продолжува светителот, значи, да се откажеме од зародишот на страстите, односно од пристрасноста".


Овие значајни зборови ни откриваат нешто што е многу важно за разбирање на битието на човекот. Ги дава нормите и принципите како човекот треба да се однесува кон душата и кон телото. Задоволувањето на потребите, како на духовните, така и на телесните, не се јавува како гревовно, туку, влегува во Божјата промисла за човекот. Без задоволување на душевните потреби, човекот нема сила да ги развива умствените потенцијали, зацврстување на волјата и, воопшто, севкупниот духовен развиток. Додека, пак, без овозможување на физичките – телесните потреби, не е возможен телесниот живот.


Гревот се јавува кога зародишот на страста се реализира во страст. Тоа е кога телесните страсти надвладуваат со човекот. Тоа е човек којшто живее според телесниот нагон. Тие страсти се оние за коишто светата Црква бара да се откажеме од нив, да ги отсечеме, да ги отфрлиме, и тогаш да го земеме нашиот крст и да Го следиме Христа. Човекот кој е зафатен со било која страст, тој не владее со себе, тој нема сила, нема храброст и волја да Го следи Христа. Само човек кој е ослободен од страстите може сите страдања, маки и непријатности да ги надмине и достоинствено да ги надминува сите искушенија.


И ние денеска, кои сме собрани во овој свет храм, да се поклониме на Чесниот Крст. Да се потсетиме на големата милост Божја којашто ја покажува кон нас. Но, истовремено да се потсетиме и на многубројните Божји угодници кои презреле сè во овој свет. На оние кои го зеле Крстот и Го следеле Христа. Затоа светите маченици, кои биле ослободени од секакви приврзаности на овој свет, имале храброст, машкост, сила и волја со радост да одат на страдање. Биле спремни да ги положат своите животи, бидејќи нивната вера била силна и ги победила сите страсти од овој свет.


Ние не сме повикани да бидеме маченици и страдалници, бидејќи никој не го бара тоа од нас. Но, сите сме повикани да ги отсечеме сите гревови и страсти во нашиот ум и срце. Па така ослободени да можеме да одиме по Христа. Да Го исповедаме и да Го проповедаме, онака како што од нас го бара светата вера и Црква, а помогнати од Божјата благодат, којашто Бог ни ја дава преку Неговиот Чесен и Животворен Крст. Амин.

 

Трета недела од Великиот пост – Крстопоклона недела
19.03.2017 година
Храм „Св. вмч. Георгиј" - Струга

 

krstopokned2017 1krstopokned2017 2krstopokned2017 3krstopokned2017 4krstopokned2017 5krstopokned2017 6krstopokned2017 7krstopokned2017 8krstopokned2017 9krstopokned2017 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3