„Вистинската Мудрост Божја, тајно водејќи ги пријателите свои, им подготвува душехранлива трпеза и за верните ја полни чашата на бесмртноста. Да пристапиме набожно и да повикаме: Христос, нашиот Бог, славно се прослави“ (песна од Канонот на Утрена на Велики Четврток).

 

На 13.04.2017 година, на Велики Четврток наутро, денот кога го прославуваме востановувањето на светата Тајна Евхаристија, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

Best Sneakers | Nike Shoes

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска е Велики Четврток, значаен и голем празник. На денешен ден е востановена светата тајна Евхаристија. Оваа света тајна се наоѓа во центарот на христијаните, а со тоа, и во центарот на севкупната вселена. Овој настан има огромно значење. Настан, кој се случил пред страдањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос.


Господ Исус Христос ја направил ритуалната еврејска Пасха. Согласно јудејскиот обичај, јадењето се благословувало пред почетокот. Но, Господ Исус Христос не ги изговара зборовите, кои, во принцип, секој Евреин ги знаел на памет. Христос го зема лебот, го прекршува и им вели на апостолите: „Земете, јадете, ова е Моето тело" (Мт. 26, 26). По вечерата исто така, ја зема чашата со вино и вели: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите" (Мт. 26, 27-28). На крајот вели: „Правете го ова за Мој спомен"(Лк. 22, 19). Апостолот Павле смислата на Тајната вечера ја објаснува кога вели: „Оти, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде" (1. Кор. 11, 26).
Господ на Голгота, Самиот Себе се принесе на жртва за гревот на светот. Имено, таа жртва ги ослободува луѓето од првородниот грев. Во Стариот завет кога принесувале жртви на Бога, принесувале животни, а потоа, јаделе од жртвената храна. Тоа јадење имало голема смисла. Закланите животни не им припаѓале на луѓето, туку, на Бога. Така јадејќи од жртвената храна, се допирале до Бога. Додека, пак, Господ Исус Христос, Самиот Себе се принесе како жртвено Јагне, за преку таа жртва да имаме општење со Него. Го благословил лебот и виното и таинствено ги преобразил во Свое Тело и во Своја Крв. Потоа, секој човек, вкусувајќи во тајната Евхаристија од лебот и виното, ги вкусува Телото и Крвта Христови. Ние сме вистински соучесници во жртвеното Јагне и соучесници во Божествениот живот.


Што е тоа Евхаристија? Што значи тоа за спомен на Тајната вечера и за спасителните страдања на Господа Христа? Сето ова не е плод на човечки ум и философирање. Извршувањето на Евхаристијата не е никакво симболичко дејство. Симболи тука нема ни под разно. Евхаристијата е вистинска реалност. Вкусувајќи во оваа света тајна леб и вино, ние, со силата на Светиот Дух, Ги вкусуваме Телото и Крвта на Спасителот. Преку тоа, заедно со апостолите, постануваме соучесници во сето она што го изврши Христос.


Во светата Евхаристија, со силата на Светиот Дух, се актуализира сè што е поврзано со Христа. Неговото раѓање, Неговиот живот и учење, но, пред сè, страдањето, смртта и тридневното воскресение, на небото вознесение, и седењето оддесно на Бога Отецот, и Неговото славно повторно доаѓање. Сето тоа, со силата на Светиот Дух, влегува реално во нашиот живот. Во светата Евхаристија исчезнува разликата помеѓу минатото, сегашното и идното. Исчезнува времето, а ние, бивајќи земни, се допираме до царството небесно. Тоа значи, до Божествената благодат, до Самиот Бог. Затоа, секоја света Литургија ја започнуваме со возгласот: Благословено е царството на Отецот, Синот и Светиот Дух.


Господ, во овој свет, доаѓа за да нè спаси од силите на злото, од господарењето на гревот и од ропството на ѓаволот. Но, дали можеме да се бориме против силата на ѓаволот? Ние сме слаби и кревки. Во таа борба лесно паѓаме во грев. Колку е тешко да се чекори по патот на спасението. За време на Великиот пост земаме обврски дека нема да ги правиме тие гревови, но сепак, како луѓе, брзо паѓаме и грешиме. Се поставува прашањето, тогаш, како можеме да се спасиме? Кај нас има вера и силна увереност дека Господ ни го принесе нашето спасение. Преку Неговата жртва, преку Неговата смрт и воскресение ние се спасуваме. Силата за нашето спасение ја црпиме во светата Евхаристија. Но, само кога активно учествуваме во неа, односно, кога се причестуваме со Телото и Крвта на Господа Христа.


Господи Исусе Христе Сине Божји, биди милостив кон нас грешните и недостојните Твои слуги. Амин.

 

Велики Четврток
13. 04. 2017
ман. „Св. Климент и Пантелејмон" - Плаошник

 

velcetvut2017 1velcetvut2017 2velcetvut2017 3velcetvut2017 4velcetvut2017 5velcetvut2017 6velcetvut2017 7velcetvut2017 8velcetvut2017 9velcetvut2017 10velcetvut2017 11velcetvut2017 12velcetvut2017 13

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5