„Пред Твоето зачнување, Господи, еден ангел ѝ рече на Благодатната: Радувај се! Еден ангел го тргна и каменот од гробот при Твоето Воскресение. Едниот навестувајќи знаци на радост наместо тага, а другиот, наместо смрт, проповедајќи ни Го Животодавецот Господа. Добротвору на сите, Господи, слава Ти“ (хвалитна стихира на Утрена во Понеделник од Светла седмица).

 

На 17.04.2017 година, во Понеделник од Светла седмица - Втор ден Велигден, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Никола Христоски и Темелко Донески, свештениците Васко Голабоски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот струшки народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

„Овој ден е што го создаде Господ за да се зарадуваме и возвеселиме во него" (Пс. 117, 24)

Драги браќа и сестри,

Овој ден е навистина радосен и спасителен за сите верници. За него мечтаеле старозаветните праведници. Многумина од нив би биле многу радосни, доколку, би можеле да Го созерцаваат, но, не се удостоиле за тоа. Тие би биле многу радосни да вкусат од таа радост, но промислата Божја била поинаква и биле ускратени од таа можност. Ние, пак, сме во позиција и имаме можност, овој ден, торжествено да го прославуваме и да се насладуваме со неискажливата радост за Воскреснатиот Господ. Овој ден навистина е создаден од Господа за нас.


До Воскресението Христово, над човечкиот род тежел гревот. Но, Христос се предава Себеси за луѓето и нè избавува од гревот. До Воскресението Христово луѓето биле заробеници на адот. Христос, пак, со Своето победоносно слегување во адот, ги раскинува адските окови и нè избавува, односно, нè ослободува од тоа адско ропство. До Воскресението Христово, на светот висел непобедливиот страв од смртта. Но, Христос, не само што го победи стравот од смртта, туку, ја победи и самата смрт. Христос положи почеток на сеопштото воскресение. Он е „нашиот пат, вистина и живот" (Јн. 14, 6).


Се поставува прашањето, од каде знаеме за Воскресението на Господа Исуса Христа? Зошто веруваме дека навистина тоа се случило на Земјата? За Воскресението на Господа претскажувале старозаветните свети пророци, и тоа, многу порано пред да дојде Христос во овој свет. Самиот Господ Исус Христос, многупати зборува за Своето Воскресение. „Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона; оти, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи" (Мт. 12, 39-40). Самиот Господ Христос на друго место вели: „Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам" (Јн. 2, 19).


За Воскресението сведочат и светите Евангелија, напишани од Неговите ученици и апостоли, односно, од Неговите најблиски придружници за време Неговиот овоземен живот. Но, дали можеме да им веруваме на апостолите, за тоа дека тие Го виделе Воскресението и Воскреснатиот Христос? Сигурно дека можеме, и тоа е неопходно. Довербата, всушност, е христијанската вера, која самата се раѓа од сведоштвото на очевидците. Апостолите сведочат за Христовото Воскресение и истото го посведочуваат со сопствената крв и со сопствениот живот. Ако тие не Го виделе Воскреснатиот Христос и не се увериле во вистинитоста на Неговото Воскресение, тие не би Му го принеле својот живот. Но, тие, и виделе и осознале, и тие се приклучиле кон небесниот свет кој со себе Го носи Воскреснатиот Христос. Се приклучиле кон радоста на Христовото Воскресение. Воскресението им дало радост на апостолите. Радост и сила да Го проповедаат Христа по целиот свет. А Воскресението, пак, во нивната проповед има централно место. Затоа апостолот вели: „Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера" (1. Кор. 15, 14). Со други зборови, севкупниот труд, подвиг и мачеништво би биле нелогични, доколку апостолите не биле уверени во Воскресението на нивниот сакан Учител и Господ, Воскреснатиот Христос. Токму Воскреснатиот Христос им дава сила и благодат да можат да Го проповедаат (Дела 3, 33).


И ние денеска кои сме собрани во овој свет храм, да се обратиме кон Воскреснатиот Господ Исус Христос со молитва и прозба. Да бидеме удостоени за да имаме заедничарска радост во Неговото Воскресение. Според таа евангелска и воскресенска радост да се раководиме, да живееме и да правиме добри дела. Ако Воскреснатиот Христос биде во нашите срца, тогаш ќе се удостоиме да бидеме заедничари со неискажаната радост и во царството Божјо.


Уште еднаш ви го честитаме светлото Христово Воскресение и ве поздравуваме со најторжествениот поздрав, Христос Воскресе!

 

Втор ден Велигден
17. 04. 2017 година
Храм „Св. Вмч. Ѓорѓи" - Струга

 

vtordvel2017 1vtordvel2017 2vtordvel2017 3vtordvel2017 4vtordvel2017 5vtordvel2017 6vtordvel2017 7vtordvel2017 8vtordvel2017 9vtordvel2017 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јуни 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 1 2 3 4 5