„Господи, како што си излегол од запечатениот гроб, така си влегол и низ заклучените врати при Твоите ученици, покажувајќи им ги телесните страдања што си ги поднел, долготрпелив Спасителе. Како Давидов потомок си претрпел рани, а како Син Божји си го ослободил светот. Голема е Твојата милост, недостижен Спасителе, помилуј нè, и спаси нè“ (хвалитна стихира на Утрена на Светли Четврток).

 

На 20.04.2017 година, во манастирот „Св. Јован Богослов“ Канео во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Владо Недески и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Водосвет во Светла седмица и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј

Христос воскресе!

Драги браќа и сестри,

Издигнатиот крст на Голгота ја победи смртта. Од Јудеите Распнатиот Христос, воскресна. Од Пилата поставената стража, се разбега. Од гробната врата, тешкиот камен, е оттурнат. Повивките стојат, но, телото Христово го нема. Уште во темни зори дојдената да го помаже со мириси телото Исусово, Марија Магдалена, гледајќи дека гробот е отворен и празен, многу се исплашила. Но, таа не сака да си оди. Одејќи низ градината се мачи да ја одгатне тајната на исчезнатото тело на Учителот. Застанала отстрана на гробот и плачела. Во Евангелието се вели: „А Марија стоеше крај гробот однадвор и плачеше" (Јн. 20, 11).


О колку е трогателна оваа слика! Ноќен мрак – тишина. Гроб отворен и празен... Никој нема во градината. Марија Магдалена стои до гробот и гледајќи дека телото на саканиот Учител го нема, горко плаче и лие жешки солзи. Нејзините солзи биле толку срдечни и нејзината жал била толку длабока, па дури и ангелите се запрепастиле и ја прашуваат: „Жено, зошто плачеш? Им одговори: Го кренале Господа мој и не знам каде Го положиле"(Јн. 20, 13). Следел одговорот: „Он воскресна, не е овде. Еве го местото каде што беше положен. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петра, дека Он пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол" (Мк. 16, 6-7). Откако жените мироносици излегле и брзајќи побегнале од гробот, ги опфатил трепет и ужас, и бидејќи се плашеле, на никого ништо не кажале.


Побегнатите од гробот, биле пресретнати од Самиот Христос, Кој им вели: Радувајте се! Радувајте се вие коишто бевте нажалени заради Мене. Радувајте се вие кои многу солзи пролеавте. Радувајте се вие затоа што навреди и прогонства претрпевте заради Мене. Радувајте се вие што тајно плачевте и тагувавте, гледајќи Ме како висам на Крстот. Радувајте се бидејќи вашите маки, жалости, страдања и плачење не беа напразно.


Да браќа и сестри, Христовото Воскресение е празник на сеопшто веселие. Кон тоа веселие нè повикува верата. Така пее Велигденската песна: „Денес секоја твар се весели и се радува, зашто Христос воскресна. Нека празнува светот зашто воскресна Христос, радост наша вечна" (Велигденски канон).


Кој треба да се развесели на денешниот празник? Сите да се зарадуваме и да се развеселиме, бидејќи денес прославуваме победа над смртта. Денес од гробот во Гетсиманија засветли нова религија. Засветли религијата на верата, надежта и љубовта. Религија којашто носи проштевање на гревовите на севкупниот човечки род. Да се зарадуваме и развеселиме зашто Воскреснатиот и нам ни даде простување на гревовите и вечен и блажен живот. Христос воскресе!

 

Светли Четврток
20. 04. 2017 година
Ман. „Св. Јован Богослов - Канео" Охрид

 

svetcet2017 1svetcet2017 2svetcet2017 3svetcet2017 4svetcet2017 5svetcet2017 6svetcet2017 7svetcet2017 8svetcet2017 9svetcet2017 10svetcet2017 11svetcet2017 12svetcet2017 13svetcet2017 14svetcet2017 15svetcet2017 16svetcet2017 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1