„Си седнал крај изворот во шестиот час, Спасителе, и на Самарјанката си и дал жива вода, поради неизмерното милосрдие. Со неа и ние викаме, пеејќи: Дела Господови, благословете Го непрестајно Господа“ (песна од Канонот на Утрена во Недела на Самарјанката).

 

На 14.05.2017 година, во Неделата на Самарјанката и на празникот на св. пророк Еремија, а по повод шестмесечниот помен за игуманија Агнија, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Стевчо Тошевски и Никола Христоски, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше отслужен и Парастос за игуманијата Агнија, а потоа Митрополитот Тимотеј го освети новиот надгробен споменик на вечното почивалиште на игуманијата Агнија. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

Христос воскресе!

Драги браќа и сестри,

Како што бистрата вода, извирајќи од својот извор, напојува многумина жедни, како умни, така и неумни луѓе, така, и бистрата евангелска наука, ги напојува сите жедни луѓе. Ги напојува сите што доаѓаат да се напијат, како Јудеите, така и Елините и многубројните незнабошци. Една од оние што жеднеела за жива вода била и Самарјанката, за којашто ни зборува денешното евангелско четиво.

Израилците, коишто долг временски период живееле покрај планината Самор, според планината се нарекувале Самарјани. Планина, пак, името го добила според владетелот Самор. Овој народ честопати грешел пред Бога. Бог се разгневил, и дозволил да паднат под ропство на Асирскиот цар, кој ги поробил и ги раселил во Вавилон и Мидија. Некои, пак, останале во Самарија. Во Самарија, пак, се населиле Асирци и најжестоко ги измачувале Самарјаните. Но, Бог се сожалил врз нив. Он Самарјаните не ги предал на Асирци, Вавилонци и Мидијци поради нивната слабост, туку, поради нивните престапи и гревови. Затоа, Бог испратил лавови да ги изедат овие варвари. Асирскиот цар, кога разбрал за ова непријателство, ги прашал Еврејските старци: Што е тоа што се случува? Тие му одговориле: Бог го чува ова место. Но, ако сакаш да го сочуваш, испрати Еврејски свештеници, да го научат народот на Божјиот закон и Бог ќе ги помилува. Тогаш, царот постапил според советот и свештениците го научиле народот на Мојсеевиот закон (4. Мој. 17, 24-28).

Христос, жената Самарјанка ја сретнува покрај еден бунар. Тој бунар, пак, го ископал Јаков. Оваа жена – Самарјанка, знаела дека Евреите ги потценуваат и не сакаат ништо да земат од нив, па затоа, и на Христа не Му дала вода. Но, Христос и вели: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: «Дај Ми да пијам» - ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива" (Јн. 4, 10). Христос, жива вода го нарекува Своето учење. Како што водата ги мие нечистотиите и ги гасне пожарите, така и Христовото учење ги очистува гревовите и телесните страсти. Жива вода се нарекува и благодатта на Светиот Дух. Водата којашто паѓа од небото, паѓа на разни места и сè оживува според својот природен ред. Така, трендафилот цути црвено, криновите се бели, смоквата дава благост, пелинот е горчлив итн. И Светиот Дух, слегувајќи од небото на земјата, и покрај тоа што е Еден, се разделува на различни дарови. Светиот Дух се нарекува и оган. Тој се манифестира во различни делувања. Гори, топли, свети, чисти. Ги просветлува верниците, ги гори грешниците и ги очистува душите на луѓето. Ете, тоа е живата вода Христова, за која Самарјанката не разбрала. Водата, од Јакововиот бунар, не ја гасне жедта засекогаш. Христос ќе ни даде жива вода, која води во живот вечен и создава извор во срцата. Таа вода се добива преку скрушеност. Нашите дела и постапки да бидат исполнети со таа скрушеност, за којашто ни говори педесеттиот псалм.

Прославувајќи го денешниот ден, треба да научиме дека на Бога треба да Му се поклонуваме со дух, а не телесно и митолошко. Ако нашите молби и прозби се искрени, чесни и пропратени со силна и непоколеблива вера, Бог е подготвен да ги услиши. Тогаш, Бог ќе испрати жива вода преку Светиот Дух да ги очисти нашите срца и души од секакви нечистотии. Исполнети со Божјата благодат, ќе можеме искрено и чесно да го славиме и величаме името Божјо, како вистински чеда на Црквата Христова, измолувајќи милост за спасение на нашите души. Амин!

Христос воскресе!

 

Недела на Самарјанката

14.05.2017 година

Манастир „Св. Богородица Пречиста" – Кичево

 

6meseciagnija 16meseciagnija 26meseciagnija 36meseciagnija 46meseciagnija 56meseciagnija 66meseciagnija 76meseciagnija 86meseciagnija 9

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2