„Постојано озаруван со нематеријалната светлина на благодатта, си го примил свештеничкото достоинство, блажени Кириле, и, со помошта на Светиот Дух, си го пронашол словенското писмо, та, откако луѓето се просветлија со преводот на Боговдахновените книги на нивниот сопствен говор, да пеат: Сите дела Господови, благословете Го Господа“ (песна од Канонот на Утрена на светите Кирил и Методиј).

 

И оваа година, Македонската православна црква - Охридска архиепископија, со сите свои верници, не го заборавија делото на светите браќа, нашите и сесловенските просветители. Така, по повод празникот на светите браќа, а со Одлука на САС на МПЦ-ОА, беше испратена делегација на вечното почивалиште на светиот Кирил во Рим. Делегацијата ја сочинуваа: Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој беше и водач на делегацијата, Митрополитот Европски г. Пимен, свештениците Роберт Илијевски и Александар Матески и ѓаконот Сашо Целески. На денот на светите просветители, беше отслужен Молебен на гробот на светиот Кирил, а по Молебенот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Христос воскресе!

Драги браќа и сестри,

До втората половина на IX век, сите словенски народи се наоѓале во една духовна, просветна и културна темнина. Но, Бог, како Семилостив и како Оној Кој промислува за секоја човечка душа, така промислува и за словенските народи. Благоизволува да испрати две големи светила. Светила, кои ќе засветат на небесниот свод и на земната шир. Светила, кои ќе го посеат семето Христово помеѓу нашите предци. Тоа се двајцата браќа, светите Кирил и Методиј, сесловенските учители и просветители.


Овие свети мажи, пред сè, биле наоружани со Божјата благодат. Изучувајќи особени школи, војни дисциплини и философски наобразби, имале светли овоземни позиции. Гледано од човечки аспект, можеле да живеат удобен и комотен живот, но, водени од љубовта кон својот народ, ќе ги остават овоземните позиции и ќе се одадат на мисионерската дејност. На мисионерска дејност, каде што ќе го словат словото Божјо и ќе го просветуваат својот народ на разбирлив словенски јазик.


Треба да кажеме дека христијанството, и пред светите браќа Кирил и Методиј, било познато на нашите простори. За тоа ни сведочат многубројните ранохристијански базилики и други артефакти, но, сепак, словото на Евангелието било словено на неразбирлив грчки и латински јазик. Затоа, и огромната паства била непросветена и неупатена во евангелските вистини. Затоа, светите браќа, со нивната мисионерска мисија во Моравија, покрај тоа што ќе го проповедаат Евангелието на словенски јазик, ќе подготват и азбука. Со ново оформената азбука, ќе ги преведат најнеопходните богослужбени книги на разбирлив словенски јазик.


Сета оваа работа нема да оди така лесно и глатко, напротив, ќе има големи пречки, непријатности и страдања. Во тоа време, ќе се утврди едно општо мислење, дека Евангелието треба да се слови само на три јазици, и тоа еврејскиот, грчкиот и латинскиот. Бранејќи го словенскиот јазик, овие боговдахновени мажи, ќе претрпат прогонства, затвори и други непријатности од страна на германското духовништво, односно, од духовништвото кое го заштитувало латинскиот јазик. Покрај сите перипетии и непријатности, сепак, мисијата и делото на светите браќа, просветителска и учителска, ќе опстане. Ќе опстане благодарение и на нивните свети ученици. Светите Климент и Наум, Охридските чудотворци, продолжувајќи го делото на своите свети учители, во Охрид, ќе формираат просветен центар, од каде што ќе го шират словенското писмо низ целиот словенски свет. Преку тоа, словенскиот јазик ќе добие легитимитет, како и останатите јазици, а словенските народи ќе бидат просветени со науката Христова.


Господ Христос на овој свет доаѓа да го спаси човечкиот род. Спасувањето не се случува автоматски, туку, бара и наша активност, односно, бара една синергија помеѓу човечкиот труд и благодатта Божја. Благодарение на разбирањето на словото Божјо на својот словенски јазик, и нашите предци учествуваат во тој влог за спасение на нивните души.


И ние денеска, наоѓајќи се пред вечното почивалиште на св. Кирил Солунски, во Вечниот град, да измолиме негово застапништво за нашиот народ, за нашата света Црква и за нашата држава. Нека милоста Божја ја излие својата благодат врз сиот наш Македонски народ. Нека нè освети и просветли. Па не само да ја согледаме Христовата светлина, туку, да одиме по неа, онака како што од нас тоа го бара нашата света вера и Црква. Да правиме добри дела надевајќи се да ја здобиеме милоста Божја и да ги спасиме нашите души, сега и во сета вечност.


Свети Кириле, моли Го Бога за нас. Амин!

Молебен на Св. Кирил и Методиј
24. 05. 2017 година
Храм „Сан Клементе" – Рим, Р. Италија

 

svkiril2017 1svkiril2017 2svkiril2017 3svkiril2017 4svkiril2017 5svkiril2017 6svkiril2017 7svkiril2017 8

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6