„Кога изворот на Духот дојде на земјата, разделувајќи се духовно во вид на огнени реки, ги пороси апостолите просветлувајќи ги, и беше како облак кој освежува. Преку него ние ја примивме благодатта, преку огнот и водата. Светлината на Утешителот дојде и светот го просветли“ (седален на Утрена во Понеделник на Светиот Дух).

 

На 05.06.2017 година, во Понеделник од Светиот Дух, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Никола Христоски, свештениците Владо Недески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

jordan release date | Air Jordan Release Dates 2021 + 2022 Updated , Ietp

 

Митрополит Тимотеј

 

Драги браќа и сестри,

Блажени Августин, подолго време размислувал како да го разбере и како да го сфати учењето на светата Црква за Св. Троица. Оваа голема тајна, овој голем ум на христијанската вера, го измачувала подолго време. Еднаш, така размислувајќи за Троица во Единица и Единица во Троица, се движел покрај брегот на морето и загледал едно дете кое си играло. Детето, постојано црпело вода со една кофичка од морето и истата ја истурало во една направена дупка во морскиот песок. Блажениот Августин се доближил до детето и го прашал: „Детенце, што работиш?", а тоа му одговорило: „Сакам да го исцрпам морето и да го сместам во мојот бунар". Августин се насмеал на оваа детска желба и игра, но, тоа му дало одговор и на неговото прашање во врска со Света Троица. Како што ова дете со неговата кофичка не може да го исцрпе огромното водно пространство, така и човековиот ум, кој сам по себе е ограничен, не може целосно да продре во Света Троица.


Преку овој пример, би сакале да кажеме дека ние не можеме целосно и во детали да ја сфатиме и да ја разбереме доктрината на нашата света Црква, односно, учењето за Света Троица. Истата донекаде ја разбрале само продуховени и облагодатени од Духот Свети, свети луѓе. А, ние, пак, како верници и грешни луѓе, должни сме оваа тајна да ја примиме и во истата да веруваме.


И покрај тоа што науката, во голема мера, е отидена напред, и многу нејаснотии открива, сепак, постојат тајни, иако видливи, кои до крај не можеме да ги спознаеме. Да го земеме како пример сонцето. Свети, дава топлина, дава живот, а како сето тоа се случува, науката, за сите прашања сè уште не дала целосни одговори. Или, пак, да го земеме електрицитетот со неговите пројави. Некои учители, пак, Светата Троица ја споредуваат и со едно дрво. Дрвото има корен, стебло и плодови. И покрај тоа што е едно, има три пројавувања. Вакви примери можеме да наведеме многу од нашето опкружување за да направиме приближна споредба. Ако не можеме целосно да ги разбереме и да ги објасниме тајните во видливиот свет, тогаш, уште помалку имаме способности да продреме во невидливиот, односно духовниот свет.


Како Црква, исповедаме и веруваме дека Света Троица ја сочинуваат Бог Отец, Бог Син, односно Господ Исус Христос, и Бог Дух Свети. Образот Божји го носи секој човек. Бог вели: „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние" (1. Мојс. 1, 26). Човекот е составен од тело, душа и дух, односно тој е трихотомно битие, како што нè учат светите отци, а пред сè, св. Иринеј Лионски.


Бог Отец се пројавува како Творец на сè видливо и невидливо, соделувајќи со Синот и Духот Свет. Бог Син – Господ Исус Христос, ја основа светата Црква и ни ги остави светите тајни за наше живеење и спасение. Духот Свет е Оној Кој денес делува и се манифестира во светата Црква и во светите тајни. Духот Свет е раководител и управувач на Црквата: „А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал" (Јн. 14, 26).


Светиот Дух е сила Божја во светот. Светиот Дух е живот и надеж на нашето спасение. Без Него ниеден човек не може да биде христијанин и не може да спечали вечен живот. Он се дава на секој човек преку светата тајна крштение, а преку тајната миропомазание, го добиваме печатот на Светиот Дух. Со поткрепа на Светиот Дух, секој христијанин расте и ги умножува духовните дарови.


И ние денеска, прославувајќи ја Св. Троица, да Го молиме Триединиот Бог да ни испрати Дух Свети. Со даровите на Светиот Дух да се утврдиме на патот на правдата и вистината, за спасение на нашите души и спечалување на вечен живот. Амин!

 

Втор ден Духовден
05.06.2017 година
Храм „Св. Софија" – Охрид

 

2denduhov2017 12denduhov2017 22denduhov2017 32denduhov2017 42denduhov2017 52denduhov2017 62denduhov2017 72denduhov2017 82denduhov2017 9

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5