„На небесата гледајќи ја Божјата слава, а на земјата давајќи благодат од висините, началнику на ангелите, мудри Гаврииле, на Божјата слава служителу, и на светот божествен бранителу, спасувај и чувај ги оние што ти викаат: Самиот ти биди ни помошник, и никој ништо не ни може“ (кондак на празникот Собор на св. Архангел Гаврил).

 

На 26.07.2017 година, на празникот Собор на св. Ахангел Гаврил и на преп. Сара Египетска, беше осветен храмот „Св. Архангел Гаврил“ во с. Модрич, Струга, а веднаш потоа се отслужи и света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Никола Христоски и Васко Голабоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Драги браќа и сестри,

Посебно би сакал да ве поздравам, што, во олку голем и значителен број, дојдовте во овој нов храм Божји. Кога заедно се молиме во еден дом Божји, ние, ги умножуваме нашите духовни сили. Секој од нас се чувствува посилен, бидејќи не се поткрепува на својата лична молитва, туку, и на молитвата на оној кој стои покрај него. Колку повеќе луѓе стоиме околу престолот Божји, толку сме и посилни на духовен план. Затоа, отсекогаш кај нашиот народ постоела желба за поклонение во нашите свети манастири. Желба да присуствуваат и да учествуваат на празничните богослужби. Така учествувајќи, тие се соединуваат со Црквата, во Телото и Крвта Христови. Наоѓајќи се денеска во овој прекрасен предел во Македонија, поточно во селото Модрич, каде што православната вера отсекогаш била чувана и негувана, би сакал да продолжите да бидете храбри, цврсти во нашата вера и одани на Христа. Постапките да ви бидат според нашата вера, како личните, така и семејните. Преку тоа ќе придонесувате за добробитта и на општествениот живот. Ако живееме таков христијански живот, тогаш и Божјите угодници ќе бидат со нас. Ќе нè поткрепуваат, ќе нè засилуваат во чувањето на нашата вера и во одењето по вистинскиот пат. По патот кој ќе биде исполнет со добродетели, бидејќи „верата, ако нема дела, сама по себе е мртва" (Јаков 2, 17).


Знаеме дека постои видлив свет. Свет кој е создание Божјо. Преку тоа создание Бог ни се пројавува. Ни се пројавува за да Го величаме и да го славиме Неговото свето име. Но, исто така, постои и невидлив, бестелесен свет. Тој свет го сочинуваат Божјите ангели, кои постојано Го слават Бога. Но, ангелите Божји се создадени и да им бидат служители на луѓето, а сè со цел, наше спасение. „Нели се тие службени духови, определени да им служат на оние, што ќе го наследат спасението?" (Евр. 1, 14). „Ангел Господов застанува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува" (Пс. 33, 7).


Стариот завет е исполнет со многу примери како ангел Божји се јавува и им помага на луѓето. Но, ништо помалку, ангелите не се присутни во Новиот завет. Архангелот Гаврил, на кого е посветен и овој дом Божји, и се јавува на света Дева Марија, објавувајќи и дека ќе Го роди Господа Исуса Христа, Спасителот на светот (Лк. 1, 26-38). Архангелот Гаврил му се јавува и на Захариј, таткото на св. Јован Крстител (Лк. 1, 11). Им се јавува на пастирите објавувајќи им го рождеството на Спасителот (Лк. 2, 9). Ангел седи кај гробот на Воскреснатиот Христос проповедајќи им на жените мироносици (Лк. 24, 4). Ангели се јавуваат и при вознесението на Господа Христа (Дела 1, 10). Но, она што е најважно, секој еден од нас добива свој ангел пазител и, доколку живееме исправен, христијански живот, нашиот ангел пазител ќе биде секогаш со нас и ќе ни помага да ги надминеме сите искушенија, страдања и маки. Но, доколку нашиот живот е исполнет со порочност, неморал, расипничко живеење, тогаш, нашиот ангел пазител нè остава сами. Местото на ангелот пазител ќе го заземе нечестивиот, односно паднатиот ангел, кој ќе нè води по погрешен пат. По патот исполнет со престапи и гревови. Одејќи по тој пат ќе ја изгубиме нашата душа, бидејќи сме Го напуштиле Бога и Неговите свети ангели.


Да се обратиме со искрена молитва кон Божјите ангели. По нивното застапништво Господ да ја сочува нашата света Македонска православна црква. Да го сочува духовното единство. Да ја исполни нашата земја со благоденствие и мир. Да ни даде здравје и духовен мир, за да можеме да ги отвориме нашите срца и души за славата Божја и да го живееме нашиот живот според Неговата волја. Ангелите Божји, пак, нека нè пазат по тој пат, за да можеме да спечалиме вечен и блажен живот, сега и во сета вечност.


Ја користам оваа прилика, на сите чинители коишто се вградија во овој свет храм со својот труд и со своите средства да се изгради и да се украси овој дом Божји, Семилостивиот Господ стоструко нека им возврати со Неговиот благослов за мир и спокојство. За духовно и телесно напредување во верата православна, и за добробит на Македонската православна црква и Р. Македонија. Амин!

 

Собор на Архангел Гаврил
26. 07. 2017 година
храм „Св. Архангел Гаврил" – с. Модрич, Струга

 

osvmodric2017 1osvmodric2017 2osvmodric2017 3osvmodric2017 4osvmodric2017 5osvmodric2017 6osvmodric2017 7osvmodric2017 8osvmodric2017 9osvmodric2017 10osvmodric2017 11osvmodric2017 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3