„Чудесниот Климент - великата труба на вистината, ги повикува денес сите празникољупци на веселба. Сите верни светло да го пречекаме торжеството, со песни славејќи го добриот пастир за неговите свештени подвизи, та преку неговите молитви да примиме од Христа голема милоста“ (литијна стихира на св. Климент Охридски).

 

Прославата на великиот светител Климент Охридскиот Чудотворец, нашиот просветител и учител, како и на светите Седмочисленици и на св. великомаченик Пентелејмон, започна на 08 август, во вечерните часови, со свечена Вечерна богослужба, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопрепсвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески, протоерејот Никола Христоски, свештениците Кирил Јованоски, Горан Ставрески, Владо Недески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По Вечерната, беше отслужен и Акатист на светиот Климент Охридски.

 

Празнувањето продолжи утредента, на 09 август, во Светиклиментовиот манастир, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереите Никола Христоски, Васко Голабоски и Климент Мишањ, свештениците Кирил Јованоски, Горан Ставрески, Владо Недески, Роберт Илијевски и Миле Ангелоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски. За време на Литургијата, Митрополитот Тимотеј, според Одлуката на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, го одликува протоерејот Никола Христоски со право на носење граден Крст, односно со чин протоереј-ставрофор.  По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј

Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света Црква го прославува св. Климент, Охридскиот Чудотворец. Тој е патронот на нашата света црква, на нашите просветни институции и заштитникот на Охрид. Иако се поминати веќе 11 столетија откако овој блажен и свет човек се пресели од оваа долина на плачот во царството небесно, неговиот дух и неговата молитва е присутна кај нашиот народ во катадневниот живот. Како што им помагал на луѓето додека престојувал во овој свет и век, сега, од небесната црква, е уште посилен заштитник и помагач на секоја христијанска душа, која со искрена вера и надеж му се обраќа и бара негово содејство пред Господа Христа.


Промислата Божја кога го создава човекот, го создава по Свој образ и подобие. „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие... И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде" (1. Мојс. 1, 26 – 27). Нашите прародители Адам и Ева општеле директно со Бога. Поради нивната непослушност, ќе бидат изгонети од рајот и со мака ќе ја заработуваат својата егзистенција. Но, Семилостивиот Бог, од љубов кон човечкиот род, Го испраќа Второто лице од Светата Троица, Господа Христа. Ќе се роди од света Дева Марија и ќе биде сличен со нас во сè, освен во гревот. Преку Неговата искупителна жртва, ни се дава можност повторно да ја воспоставиме изгубената врска помеѓу Бог и човекот. Можност, повторно да ја воспоставиме рајската убавина.


Секој христијанин е повикан да се угледа на својот Праобраз, односно, на Господа Исуса Христа. Тоа ќе може да го оствари само со голем труд, подвиг, духовно плачење, покајание за своите престапи и гревови, и молитва, преку која Божјата благодат ќе го поткрепува и ќе го засилува. Помогнат од Божјата благодат ќе може таа духовна борба да ја извојува и да се уподоби на својот Господ. Ние, кога сме создадени, едно ни е дадено, а друго зададено. Даден ни е образот а подобието ни е зададено. Дека тоа е можно да се оствари, ни посведочуваат многубројните Божји угодници. „Дивен Бог во свјатих своих" (Пс. 67, 35). Св. Климент ја остварил оваа христијанска цел. Не само што го добил образот, туку, го остварил и подобието, па затоа, тој е силен и моќен во редот на Божјите угодници. Затоа, тој може на сите, кои со вера му се обраќаме да ни помага, па и ние да можеме да ги совладуваме сите препреки кои не демнат во нашиот секојдневен живот.


Човекот е психофизичко битие, односно, создаден од тело и душа. Овие две состојби, кои истовремено постојат кај човекот, не секогаш се во согласност, туку, напротив си противречат. Телото тежнее кон земното, гревовното, материјалното, пропадливото и кон сè она што нè оддалечува од Бога и од Неговите свети заповеди, односно, нè оддалечува од Неговата волја. Додека пак душата тежнее кон небесното, духовното, светото, тежнее кон Бога. Телесното се грижи да обезбеди овоземни блага за подобар живот, стандард, комодитет, комфор, но сето тоа е времено, додека, пак, душата тежнее да оствари светост, односно, да го стекне подобието, а преку тоа, да стекне вечност, односно вечно блаженство.


Независно од силата и од големината на нашата вера и определба, како христијани, ние сме во постојана духовна борба помеѓу доброто и злото, помеѓу добродетелите и гревовите. Но, венец на победа нема да добие оној што таа борба ќе ја започне со некоја победа, туку, оној што ќе го заврши својот живот како победител над злото и ќе се одлепи од временото, телесното и ќе се придружи кон возвишеното, светото и Божјото. За тоа имаме многу примери од житејната литература. Многу подвижници на почетокот извојувале некоја победа, но, крајот не го запечатиле победително. Биле поразени од нечестивиот, а преку тоа и не завршиле како Божји угодници и победоносци. Други, пак, угодници, почетокот им бил со големи падови, но крајот им бил победоносен, овенчувајќи се со слава во царството небесно.


И ние да се угледаме на овие Божји угодници, и да не потклекнуваме на првите падови, туку, да истраеме во таа духовна борба како вистински чеда на Црквата. Само тогаш може да се надеваме на милоста Божја, остварувајќи ја зададената цел – подобието.


Да се обратиме со искрена молитва кон св. Климент. Тој да биде наш помошник и заштитник во нашата духовна борба. Поткрепени со Божјата милост и благодат да можеме да ги изговориме зборовите на св. ап. Павле „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив" (2. Тим. 4, 7). Амин!

 

Св. Климент Охридски
09. 08. 2017 година
Манастир „Св. Климент и Пантелејмон" – Плаошник

 

svklimlet2017 1svklimlet2017 2svklimlet2017 3svklimlet2017 4svklimlet2017 5svklimlet2017 6svklimlet2017 7svklimlet2017 8svklimlet2017 9svklimlet2017 10svklimlet2017 11svklimlet2017 12svklimlet2017 13svklimlet2017 14svklimlet2017 15svklimlet2017 16svklimlet2017 17svklimlet2017 18svklimlet2017 19svklimlet2017 20svklimlet2017 21svklimlet2017 22svklimlet2017 23svklimlet2017 24svklimlet2017 25svklimlet2017 26svklimlet2017 27svklimlet2017 28

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3