„Пред Твоето распнување на крст, Господи, ги зеде Твоите ученици на Гора висока и пред нив се преобрази, озарувајќи ги со светлината на Твојата сила, со Твојата власт и човекољубие, сакајќи да им ја покажеш светлината на воскресението. За него удостој нѐ и нас во мир, Боже, како милостив и Човекољубец“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Преображение на Господ Исус Христос).

 

Празнувањето на светлиот празник на Преображението Христово, според црковниот типик, започна со свечена Вечерна богослужба, во манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Кнежино, Кичево, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевчо Тошевски, свештеникот Александар Матески, еромонасите Ефросиниј и Кирил и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Овој ден ќе остане запишан во историјата на манастирот како радосен ден, во кој нашата света Црква доби уште еден ангел на земјата, уште еден борец против оние кои попусто непријателствуваат против нас. Имено, искушеничката Драгица беше потстрижена во монашки чин од раката на нашиот Митрополит Тимотеј, а како залог за „новиот живот“ го доби името Софија. Од името на Митрополитот, како и од името на целата епархија, ѝ го честитаме монашкиот постриг на монахињата Софија, а нејзиниот подвиг да биде за радост на ангелите и за пораз на демоните. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Sports Shoes | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Fitforhealth News

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска, во очи на големиот Господов празник Преображение, во овој свет манастир, посветен на светиот великомаченик Георгиј, извршивме историски чин. Речиси три века, монашкиот живот, во ова наше светилиште, бил замрен. Како што секој дом го личи со домаќин, така, и манастирите се лични и вистински кога во нив има монашки лица.


Монахот е Христов војник. Војник кој е подготвен на послушание и на молитва. Преку молитвата се издигнуваме на духовен план, следејќи го повикот на нашиот Спасител Господ Исус Христос: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен" (Мт. 5, 48). Кон тоа совршенство треба да се стреми секој христијанин. Особено, пак, монасите се повикани кон оваа цел. Тие се откажуваат од многу нешта коишто обичниот човек го окупираат и му попречуваат сецело да се посвети кон зададената цел. Но, таа цел не се постигнува лесно и едноставно. Не е доволно да се облече црна риза, туку, потребно е трпение, молитва и послушност. Сето тоа може да се постигне, кога монахот ќе ги презре овоземните потрепштини и ќе го насочи својот ум, волја и мисла кон исполнување на монашките завети.


Колку повеќе човекот се насочува кон молитва и кон подвизи, толку и непријателот повеќе го напаѓа со разни сплетки. Целта на нечестивиот е да го оттргне од поставената задача, односно цел. Молитвата е најсилното средство со кое може да се победи злото и да се измоли благодат Божја за да се победат сите искушенија кои животот неминовно ги носи. Преку молитвата да го победат злото, за прослава на името Божјо и за просперитет на нашата света Црква. За углед и достоинство на оваа наша светиња, а најважно, за спасение на душата на оној што се подвизува.


По молитвите на св. вмч. Георгиј, Бог нека ви даде сила, во вашиот монашки живот достоинствено и афирмативно да го носите ангелскиот лик, сега и во сета вечност. Амин!

 

Вечерна на Преображение
18.08.2017 година
манастир „Св. вмч. Георгиј" - Кнежино

 

vecpreobr2017 1vecpreobr2017 2vecpreobr2017 3vecpreobr2017 4vecpreobr2017 5vecpreobr2017 6vecpreobr2017 7vecpreobr2017 8vecpreobr2017 9vecpreobr2017 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5