„Со крепкоста на умот ги уништи сите замки непријателски и, како птица со златни крилја, од долината се искачи кон небесната височина, блажени Јоакиме, светилнику на монасите, викајќи: Свештеници, запејте! Луѓе, превозносете Го Бога во сите векови“ (песна од Канонот на Утрена на преподобен Јоаким Осоговски).

 

На 29.08.2017 година, на денот кога го прославуваме споменот на преподобниот Јоаким Осоговски и на празникот на Неракотворниот лик на Господ Исус Христос, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Горан Ставрески, Владо Недески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Александар Димоски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

Sneakers Store | FILA FX-100 White Blue , Where To Buy , undefined , nike lebron 9 ps white house black screen

 

Митрополит Тимотеј

 

Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител Господ Исус Христос, на Своите ученици и на тие што Го слушале, им рекол: „Јас дојдов, за да имате живот вечен и да имате изобилие" (Јн. 10, 10). Колку се прекрасни овие зборови! Што означува живот во изобилие? Тоа е живот во целосна полнота. Многумина, од нас луѓето, се трудат да имаат изобилие во својот живот. Многумина, овие зборови ги разбираат на свој начин. Некои, под изобилие во животот, подразбираат многу пари, изобилие на имот и изобилие на власт. Оние што ќе постигнат многу и коишто владеат со огромни материјални богатства, со голема власт, претпоставуваат дека со тоа постигнале изобилие во нивниот живот. Токму таквите луѓе се соочуваат со огромни проблеми, со прогонство на спокојот, со душевен немир, со неискреност и без човечко достоинство. Таквите луѓе, во реалност, го избрале само материјалниот поглед на животот, но, ја испуштиле главната поента. Христовиот повик е, секој човек да го живее својот живот во изобилие, но, онака, како што Он Самиот вели, дојдов да имате изобилие. Затоа, оние коишто мислат само на материјалното, се соочуваат со тешки проблеми, со жалости и тешки бремиња. Христовиот повик е до сите, и на оние што имаат големи материјални богатства и на оние што немаат. На оние што имаат власт и на оние што немаат. Христос вели: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно" (Мт. 11, 28 – 30).


Што е тоа јарем, кој е потребно да го земеме врз себе, за да пронајдеме спокој и да го здобиеме животот кој Христос им го донел на луѓето? Тоа е систем на самоограничување кој се вклопува со Божјите заповеди. Заповедта е систем на самоограничување. Човекот може да ги прими Божјите заповеди само доброволно, и тоа значи дека тој доброволно се ограничува. Некои луѓе, на овие размислувања гледаат со скепса, со потценување. Според нив, тие се косат со мислата на голем дел луѓе, дека човекот треба да ги задоволува сите инстинкти, земајќи сè што му нуди животот. Но, Господ Исус Христос повикува на самоодрекување и доведување на луѓето во полнота со животот. Тоа се постигнува само кога материјалното се соединува со духовната содржина и внатрешно го определува вертикалниот човек.


Човекот е повикан, не само да се движи по хоризонталната линија и кон тоа што дава мајката земја, задоволувајќи ги своите потреби, туку, тој е повикан да се издигнува по вертикалата. Одејќи по таа вертикала треба да се издигнува кон височината, кон небесното, а не кон земното и пропадливото. Доколку успееме хоризонталниот живот, да го вкрстиме со вертикалното издигнување, тогаш, тоа е полнотата на битието коешто го донесе нашиот Спасител Господ Исус Христос. Затоа Господ Христос вели дека Неговиот јарем е благ и Неговото бреме е лесно.


Дека ова е возможно да се оствари, ни сведочат и Божјите угодници. Еден од нив е и св. Јоаким Осоговски, чијшто спомен денес го чествуваме. Овој подвижник се подвизувал во Осоговските планини, поточно, во пештерата во Градец. Потоа, ќе основа братство, каде што и денес се наоѓа неговиот свет гроб, во непосредна близина на Крива Паланка. Св. Јоаким сите материјални блага ги презрел, односно, ги потчинил на Божјите заповеди и својот живот подвижнички го насочил само кон возвишеното, кон вертикалното искачување на неговата душа. Затоа, Бог го обдарил, уште додека бил жив да биде опкружен, не само со браќа монаси, туку, многумина доаѓале за совет, како за духовни, така и за материјални овоземни потреби. Сè она што материјално го презрел, Бог, преку Својата благодат, го наградил на духовен план. Бог го прославил уште додека бил во овој свет, а уште повеќе, откако е преселен во вечниот и блажен живот. Неговиот свет гроб и денес им точи безброј исцеленија на христијаните кои со вера, надеж и љубов му се обраќаат за помош.


И ние денеска кои сме во овој свет манастир, собрани на молитва, да се потрудиме во нашиот живот да ги споиме материјалните потрепштини со духовната вертикала. Заповедите Божји да ни бидат регулатор и самоконтрола во нашите постапки. Па, така живеејќи да измолиме милост Божја и благодатта на Севишниот да биде со нас па да можеме, постапно, но сигурно да се искачуваме кон царството Божјо, за спасение на нашите души. По молитвите на св. Јоаким, така нека биде. Амин!

 

Св. Јоаким Осоговски
29. 08. 2017 година
манастир „Св. Климент и Пантелејмон" – Плаошник

 

prepjoakim2017 1prepjoakim2017 2prepjoakim2017 3prepjoakim2017 4prepjoakim2017 5prepjoakim2017 6prepjoakim2017 7prepjoakim2017 8prepjoakim2017 9prepjoakim2017 10prepjoakim2017 11prepjoakim2017 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5