„Пак беснее Иродијада, пак е смутен нејзиниот ум. О играње лукаво и гозба со лага! На Крстителот му ја сечеа главата, а Ирод се вознемируваше. По молитвите на Твојот Претеча, Господи, дај им мир на душите наши“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Отсекување на чесната глава на славниот пророк, Претеча и Крстител Јован).

 

Празнувањето на споменот на Отсекувањето на чесната глава на светиот Јован Крстител, отсечена од бесрамниот Ирод, започна ден претходно, во манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архиамндритот Партениј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Доситеј, Макариј, Ефросиниј и Кирил, свештениците Илија Поп Гонов, Миле Алексоски и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. Радоста на сиот верен народ, но најмногу на монашкото братство, стана уште поголема со потстрижувањето во монашки чин на искушеникот Антонио, кој го доби монашкото име Антониј, добивајќи го за свој заштитник и молитвеник светиот Антониј Велики, родоначалникот на монаштвото. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

Sportswear free shipping | NIKE RUNNING SALE

Митрополит Тимотеј

Драги браќа и сестри,
Во очи прославувањето на храмовиот празник на оваа света Обител, а во чест на замонашувањето на новиотбигорски собрат Антониј, нека ми биде дозволено да кажам неколку зборови за монашкиот завет.


Верноста кон монашкиот завет треба да биде средство за исцелување на отуѓеноста што произлегува од првородниот грев. Монаштвото е благодатен дар. Примајќи го овој дар, човекот настојува да го следи Господовиот пример и да го подражава ангелскиот начин на живот. Крајното смирение кон кое нè поттикнува Христовата личност и незапирливиот копнеж кон Бога, кој се негува во монаштвото, ја привлекува божествената благодат. Оваа, пак, благодат го ослободува човекот од страстите и го прави христоподобен. Затоа Господ Исус Христос вели: „Не плашете се, зашто Јас го победив светот" (Јн. 16, 33)


Во Рајот нашите прародителизаедничареле со Бога. Бог им даваше живот и сигурност. Непослушноста и падот во грев го раскинаа тоа животворно единство со Бога и смртта влезе во животот кај луѓето. Потоа нашите прародители прибегнаа кон три лажни замени за благодатта, коипродолжија да го отуѓуваат од животот по Бога. Првата лажна замена е човековото самољубие и убедливоста во разумното расудување. Втората лага е сласта на сетилата и желбите, т.е. сластољубието и уживањето во земните задоволства, и третае лажната помош од поседување на овоземни, материјални блага. Наместо Бог да биде центар во нашиот живот, човекот постанува самиот центар. Место да ја манифестира љубовта кон ближните, тој има желба да владее врз нив. А желбата кон земното богатство го отуѓува од Бога, бидејќи во Евангелието се вели: „Каде што е богатство ваше, таму ќе биде и срцето ваше".


Монаштвото е настан кој треба да ги отстрани овие три нешта, кои се всушност отуѓување од Бога и да го возобнови човекот во првобитниот ипостасен облик на живот. За да се постигне ова монахот ги дава трите основни монашки завети, и тоа: послушноста, девственоста, или целомудреноста и сиромаштвото.


Послушанието е прв услов во монашкиот живот и неговата основа. Послушанието се негува преку аскетски подвиг, но тоа е, пред сè, дар Божји. Христос е првиот што ни даде пример на совршено послушание. Он дојде во светот во името на Отецот, а не во Свое име (Јн. 12,50). Он беше послушен до смрт и тоа смрт на крст. Исполнувајќи го своето послушание, монахот Го подражава Христа, одејќи по патот на Господовата волја. Монахот слободно се откажува од својата волја и така, преку послушанието на Бога, монахот го сосредоточува својот дух според советот или заповедта што му е дадена, а преку тоа е ослободен од секаква грижа за овоземни нешта, па така својот ум го насочува кон молитва. Послушанието е слободен чин на вера и љубов во Бога и секогаш сè прави во Негово име.


Девственоста, или целомудрието, е втор монашки завет. Најпрво треба да се постигне девственоста во срцето. Послушноста помага да се роди девственост, или целомудрие. Христос се роди од Светиот Дух и Дева Марија. За послушноста најдобро ни сведочи Пресвета Богородица, кога заедно со Господа Исуса Христа ќе биде на свадбата во Кана Галилејска. Света Богородица ќе Му каже на Христа, на Својот Син: „Немаат вино". А Христос ќе ѝ одговори: „Што ти е на тебе, жено? Не е дојден Мојот час". Таа покажува послушност кон Синот Божји и не инсистира ништо повеќе и токму таа нејзина послушност Господ Исус Христос ја наградува. И покрај тоа што сè уште не бил дојден Неговиот час, Тој го прави Своето прво чудо, претворајќи ја водата во вино. Со други зборови, за миг доаѓа Неговиот час.


Третиот завет е сиромаштвото. Тоа се појавува како природа последица на послушанието и целомудрието. Како што послушанието го помага целомудрието, додека, пак, послушанието и целомудрието го помагаат поимањето за непоседување на земни нешта, а целта на сите овие три завети е да се постигне чиста молитва и совршено уподобување на Христа, Синот Божји. Во однос на сиромаштвото, Самиот Господ Исус Христос најдобро ни сведочи, кога во Евангелието вели дека нема каде „ни глава да потслони" (Мт. 8,20).


Сето досега кажано се однесува не само на новиот собрат, туку и на сите нас, христијаните - дека наша цел во овој свет е уподобување на Христа и враќање на првобитната состојба во којашто биле создадени нашите прародители. И секој човек е повикан да биде совршен како што е совршен нашиот Отец небесен.


Да се обратиме со искрена молитва и кон свети Јован Крстител и Претеча – тој да му биде патеводител и покровител на новиот монах, та да може сите искушенија и непријатности што неминовно ќе следат во животот, полесно и достоинствено да ги пребродува и да се уподоби на Христа, Кој е наш Учител и Спасител. Амин!

 

Вечерна на Отсекување на главата на св. Јован Крстител

10.09.2017 год.

ман. „Св. Јован Крстител“ Бигорски

 

otsvec2017 1otsvec2017 2otsvec2017 3otsvec2017 4otsvec2017 5otsvec2017 6otsvec2017 7otsvec2017 8otsvec2017 9otsvec2017 10otsvec2017 11otsvec2017 12otsvec2017 13otsvec2017 14otsvec2017 15otsvec2017 16otsvec2017 17otsvec2017 18otsvec2017 19otsvec2017 20otsvec2017 21otsvec2017 22otsvec2017 23otsvec2017 24otsvec2017 25

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3