„Димитрие, отворен извору на благомирисно и чесно миро, срцето мое очисти го од нечистотијата на страстите и, откако со правење добри дела ќе ме направиш Христов добар мирис, умот мој облагодати го, за да ги пеам твоите божествени милости“ (песна од Канонот на Утрена на св. вмч. Димитриј Солунски).

 

На 08.11.2017 година, на денот кога го прославуваме споменот на св. вмч. Димитриј Солунски Мироточив, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоереите Васко Голабоски и Темелко Донески, свештеникот Александар Димоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Sports News | GOLF NIKE SHOES

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Нашиот спасител Господ Исус Христос, во светото евангелие според Матеј, вели: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека оди по Мене" (Мт.16; 28) Овие зборови Христови, во себе содржат, премудрост, вистина, знаење, кое претставува светлост, која го осветлува патот на луѓето, во овој темен и непогоден свет и живот. Блажени се оние души кои навреме сфаќаат и прифаќаат, колкава е силата на зборовите Божји, и блажени се оние, кои се управуваат токму според нив. Зборот Божји, како што вели псалмопејачот Давид: „Зборовите на Господа се чисти и сребро во оган очистено од земја, седумпати пречистено." (Пс.11,6) Затоа зборот Божји е толку силен.


Со овие зборови, Господ Исус Христос нè повикува сите нас, како негови ученици, пред сите векови и сите човечки поколенија, да одиме по неговиот пат. А патот Божји, е патот на Богочовекот, Голготското одење, пат на носење на крст. Суштината на христијанската вера е крстот Христов, и Христовото воскресение. Христовото воскресение, доаѓа после Неговото распнување на крст. Нема воскресение, без крстно страдање. На Голгота, како што знаеме, се наоѓале три крста, а во средина бил крстот Христов, невиното и безгрешното Богочовечко битие, Синот Божји, Кој од љубов кон родот човечки, дојде во овој свет, за да го спаси и избави од смртта. Покрај него, биле распнати уште двајца разбојници. Многу одамна, некои умни луѓе, имаат кажано дека, во овие три крста, се содржи целокупната судбина на родот човечки. Сè што се случува на земјата, може да се претстави преку тајната на овие три крста. Средниот крст, како што рековме, е Христовиот крст, крстот на Оној Кој го жртвува својот живот за ближните, Кој се жртвува за светот, и тој е крст на Божјата љубов, тој е крст кој го носат сите оние, кои невино страдаат во овој свет.


Вториот крст, е на покајаниот разбојник. Оној кој правел големи злодела, убивал, крадел, пљачкал, и бил преполн со гревови, но, чие срце не било сосема скаменето. Кога се огледал во огледалото на оваа земја, а тоа е Христовото огледало, огледалото на Богочовекот, ја сфатил севкупната своја беда и ништожност и се покајал, за сите свои лоши дела и повикал кон Господа: „Сети се на мене Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое." (Лк. 23; 42). Овој разбојник, се преумил, се преобразил, му се отвориле и очите, и душата, и срцето, и неговите покајни солзи, ги измиле сите негови греови, и затоа се удостоил да ги слушне Христовите зборови: „Вистина ти велам, денеска ќе бидеш Со Мене во рајот." (Лк. 23; 43) Прв кој ќе влезе во рајот, после Христа, е покајаниот разбојник, и заедно со него, влегуваат сите оние кои го носат покајничкиот крст. Христијанството, и не е ништо друго, туку заедница на оние кои го носат покајничкиот крст. Сите ние луѓе, кои живееме овде на земјата сме грешни, некои повеќе, а некои помалку, но нема човек кој ќе живее, а да не згреши. Единствен кој не греши, е Бог. Затоа ни е потребно, покајание за се што сме сториле во нашиот од и живот на земјата.


Третиот крст е на непокајаниот разбојник. Додека првиот разбојник се каел, и додека Исус Христос страдал, овој го исмејувал и довикувал: „Ако си Ти Христос, спаси се Себеси и нас!"(Лк. 23; 39). Овој разбојник, е слика на оние кои, на крајот од нивниот живот наместо да се покајат и да ги отворат очите за Бога и вечен живот, тие со нивните постапки уште повеќе се фрлаат во бездната на пропаста.


На земјата, постојат два вида на луѓе, поточно, постојат луѓе кои се слични на покајаниот разбојник, и луѓе кои се слични на непокајаниот разбојник, трет вид на луѓе, нема. Но, може да постојат некои поединци, кои се ретки, а кои страдаат невино, кој го носат својот крст, кристално чисто. Токму преку овие три крста на Голгота, се отсликува целокупната човечка судбина и историја на човештвото, и стара и нова, и денешна и идна.


Со силата на чесниот крст, да се охрабруваме, него да го носиме, бидејќи треба да знаеме дека, кој сака да оди по Христа, мора да го земе својот крст, и да оди по Него. Тој е единствен, вистински и достоинствен пат на секој христијанин, кој живее на оваа земја. По тој пат одел и свети великомаченик Димитриј, чиј спомен денес светата Црква го чествува. Со неговите молитви, Бог нека нè зацврсти во носењето на нашиот крст, во исповедањето на Бога, а живеејќи според словото Божјо, да го завршиме нашиот пат достоинствено, со носење на крстот за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин!

 

08.11.2017 година

свети Димитриј Солунски

храм „Свети вмч. Ѓорѓи“ Струга

 

mitrovden2017 1mitrovden2017 2mitrovden2017 3mitrovden2017 4mitrovden2017 5mitrovden2017 6mitrovden2017 7mitrovden2017 8mitrovden2017 9mitrovden2017 10mitrovden2017 11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3