„Благодатта се иѕлеа врз твоите усни, себлажен проповеднику Христов Тимотее, и направи да течат реки од догмати, кои ја напојуваат Црквата Христова, и кои принесуваат многубројни плодови, богомудар апостоле“ (песна од Канонот на Утрена на свети апостол Тимотеј).

 

На 04.02.2018 година, во Неделата на блудниот син и на празникот на светиот апостол Тимотеј, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, а по повод именденот на нашиот надлежен архиереј, Митрополитот Тимотеј, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарскo-кичевски и Админситартор Австралиско-сиднејски  г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Љупчо Бакрачески и Сашо Целески и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која подолу интегрално ви ја пренесуваме. Од името на Епархијата и сите верни чеда, му го честитаме именденот на нашиот Митрополит, со молитви кон Бога, Он да му дава здравје и уште повеќе мудрост, уште долги години да ја води нашата Епархија и сите верни на патот на спасението, онака како што и досега, мудро и честито нè раководеше и нè водеше на вистинскиот пат. На многаја лета, Високопреосвештени Владико!        

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Втората подготвителна седмица пред Велигденскиот пост, Црквата ја нарекува – Недела на блудниот син. Таа се нарекува така бидејќи на светата Литургија се чита Евангелското четиво за блудниот син. Историјата на блудниот син можеме да ја сретнеме, не само во светото Евангелие, туку, и во секојдневниот живот, во одделни семејства, кај познаници, па и во нашите семејства. Тоа се луѓе коишто живеат според својата волја и се раководат од своите егоистички и лични интереси, според нивните сфаќања и разбирања на животот.


Слушајќи ја параболата за блудниот син, честопати се ожалостуваме за родителот кој го изгубил својот син, а истовремено, го жалиме и синот. Го жалиме синот бидејќи се нашол во една бедна состојба, во состојба во која ја губи честа и образот да може да се нарече син на својот родител. Тој отишол толку далеку, што го потрошил родителскиот имот, на начин според којшто живеел. Но, истовремено, се радуваме со радоста на отецот кој доживеал да се врати неговиот изгубен син. Тој нашол сили во себе, си дошол при себе, се покаjал и се вратил кај својот отец. Во историјата на блудниот син, секој грешен човек, може, а и должен е да се согледа себеси, својата судбина, својата заблуда, но, заедно со тоа, и можноста да се поправи.


Секој може да ја почувствува благодатта на присуството во родителскиот дом и радоста којашто произлегува од родителската близина. Отсуството, пак, на своите деца, претставува болно чувство за секој родител, а посебно, кога неговите завети, поуки и сугестии не се почитуваат, туку, се живее гревовно, недолично и самоволно.


Во оваа парабола Господ Исус Христос ни го покажува гревовното однесување на секој еден од нас. Но, не само кон земниот родител, коешто само по себе се подразбира, туку, кон Небесниот Отец. Господ Христос со оваа парабола ни покажува во каков однос се наоѓаме и во каков однос треба да бидеме. Господ е Отец на сите луѓе! Сите луѓе се Негови чеда. Затоа помеѓу нив постои единство на општење. Во Небесниот Отец има многу љубов, милосрдие и дарежливост. Бог е апсолутна љубов! Тие добрини богато ги излива врз сите, како врз добрите, така и врз лошите, како врз послушните, така и врз непослушните деца. Небесниот Отец ни дава сè што ни е потребно во овој живот. Но, исто така, и за вечниот живот. Како слободни битија, честопати го избираме погрешниот пат, исполнети со страсти и со лош живот и се оддалечуваме од Бога. Потребна ни е духовна сила да се покаеме и да се вратиме кај нашиот Небесен Отец. Он е секогаш подготвен да нè прими, но, не како наемници, туку, како возљубени Негови чеда.


Блудниот син нè потсетува на синовството. Тоа е огромна чест и бесконечна можност за секој човек – да бидеме синови на Небесниот Отец. Колку и да грешиме во нашиот живот, и татковиот дом да го напуштиме, но, да не отстапиме и да не престанеме да бидеме синови. Тоа е сè! Преку тоа ни се дава можност и надеж за спасение. Во нашиот живот најважно е да не го изгубиме чувството на синовство. Преку тоа да покажеме дека постои можност да се поправиме и повторно да ја најдеме татковската љубов. Светата Црква, воведувајќи нè во Велигденскиот пост, ни напоменува за оваа радост и достоинствена возможност.


Да дозволиме Господ, Кој знае сè, не само нашите дела, туку и нашите помисли, да не нè лиши од благодатниот дар на синовството и од сознанието дека сме деца на Небесниот Отец. Ако секогаш го паметиме ова сознание, тоа ќе ни помогне од недостојни да постанеме достојни, од неправедни – праведни, од заблудени да се вратиме на правиот пат, од изгубени – најдени, од пропаднати да најдеме излез.


Св. ап. Тимотеј, чиј спомен денес го празнуваме, нека ни помогне, и ние, како блудниот син, да најдеме сили во себе, да се поправиме и да се вратиме во домот на нашиот Отец Небесен. Амин!

 

Св. ап. Тимотеј – Недела на блудниот син
04. 02. 2018 год.
ман. „Св. Климент и Пантелејмон" Плаошник Охрид

 

aptimotej2018 1aptimotej2018 2aptimotej2018 3aptimotej2018 4aptimotej2018 5aptimotej2018 6aptimotej2018 7aptimotej2018 8aptimotej2018 9aptimotej2018 10aptimotej2018 11aptimotej2018 12aptimotej2018 13aptimotej2018 14aptimotej2018 15aptimotej2018 16aptimotej2018 17 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Февруар 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 1