Во Осмата недела по Педесетница, на ден 07.08.2011 година, на празникот на Успение на св. Ана и преп. Олимпијада и Евпраксија, беше извршено преосветување на храмот „Св. Богородица – Челница“ во Охрид, храм кој потекнува од XIV век. На чинот на преосветувањето и на светата архиерејска Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на архимандрит Нектариј, свештеник Игор Никовски, јеромонах Јосиф, свештеник Димче Азески и ѓаконот Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа која интегрално ви ја пренесуваме.

Sportswear free shipping | ナイキ エア マックス エクシー "コルク/ホワイト" (NIKE AIR MAX EXCEE "Cork/White") [DJ1975-100] , Fullress , スニーカー発売日 抽選情報 ニュースを掲載!ナイキ ジョーダン ダンク シュプリーム SUPREME 等のファッション情報を配信!

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашиот Создател како круна на севкупниот создаден свет го створил човекот, а тој е создаден како психофизичко битие и како такво тој има материјална страна, односно тело, а тоа, пак, има потреба да се негува да се храни и да се напојува, да се чисти и сите останати потреби кои му се потребни за негов нормален развој и опстојување во живот.

Но, исто така, човекот има и бесмртна душа која е слична по својата природа на својот Создател Бога. Душата, исто така, бара своја духовна храна, зашто таа не може да биде заситена со храната која е наменета за телото. Храната за душата е Словото Божјо, правдата, љубовта, вистината, добродетелите, а пред сè светата Причест, храна од која душата никогаш не огладнува, ниту пак ожеднува.

Денешното свето Евангелие прочитано на светата Литургија ни зборува за едно чудо кога нашиот Господ Исус Христос нахранува со духовна, а потоа и со телесна храна мноштво народ. Како што знаеме, еврејскиот народ бил подготвуван преку многу пророци и многу проповедници, со многу закони и прописи да го дочека Месијата, односно Господа Христа. За Него најсилно сведочел и проповедал св. Јован Крстител во Јорданската пустина: „Еве го јагнето Божјо кое ги зема гревовите на светот“ (Јн. 1,36), укажувајќи на Христа.

По убивањето на св. Јован Господ Христос се повлекол во тие пусти предели и се подготвувал за проповедање на Словото Божјо. Еврејскиот народ кој бил жеден и гладен пред сè за духовна храна, но истовремено изморуван, обесправдуван, пљачкосуван, имал потреба и за правда, мир и за вистина. Со други зборови бил подготвен да слуша за новата наука и учењето на Христа. Господ Исус Христос проповедал и поучувал и пред тоа, одејќи од место до место од град до град, правејќи безброј чуда и лекувајќи секакви болести и немоќи, па дури и мртви воскреснувал. За овие чуда и овие добродетели Еврејскиот народ знаел, слушнал и посакал и лично да го чуе тој Проповедник, тој Лекар и Учител. И се вели во денешното свето Евангелие: „И кога излезе Исус, виде многу народ; и се смили над нив и ги излекува нивните болни“ (Мат. 14,14).

Неговата наука наишла на добра почва кај насобраниот народ и со големо внимание и трпение ги впивале сите зборови кои ги изговарал Христос, а и покрај тоа што поминало долго време откако ниту јаделе ниту пиеле телесна храна, не чувствувале ниту жед, ниту глад бидејќи биле наситени и напиени со духовната трпеза што им ја приготвил Спасителот Христос. Но, Господ Исус Христос го покажува и своето човекољубие кон луѓето, па покрај тоа што ги нахранува духовно, ги нахранува и телесно и тоа со пет леба и две риби.

Но, особено  важен е еден момент што Апостолот го истакнува, а тоа е моментот кога Господ Исус Христос ги подигна Своите очи кон небото и откако го помоли својот Отец небесен ги благослови лебовите и рибите и направи чудо. Преку овој пример Спасителот и нас нè поучува дека секогаш пред јадење треба да се обратиме со молитва кон Господа за да ни ја благослови трпезата, а по завршувањето да се заблагодариме на Бога за даденото и за нашата умножена телесна храна. Овој обичај нашата света Црква го сочувала и го препорачува на секоја христијанска душа, но изминатиот антирелигиозен период во голема мера и кај добар дел кај нашите луѓе, па дури и  оние што се декларираат дека се верници и припадници на Црквата го забораваат и ретко го практикуваат. Овој пример нека ни послужи да не се оддалечуваме и да не ги забораваме убавите традиции и учења на нашата света Црква.

Браќа и сестри, да не заборавиме дека Господ Исус Христос и покрај тоа што го наситил и нахранил тоа мноштво народ со пет леба и две риби не пропушта да им каже дека духовната храна е поважна од телесната и дека тие го следат заради телесното а не заради духовното. Ова особено се  нагласува кај светиот апостол Јован: „Вистина, вистина ви велам: вие не Ме барате затоа што видовте чудеса, туку затоа што јадовте од лебовите и се наситивте. Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за живот вечен и која ќе ви ја даде Синот Човечки, зашто врз Него сложил печат Бог Отец... Зашто лебот Божји е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот“ (Јн. 6,26-27 и 33).

Ние денеска се собравме во овој свет храм посветен на Пресвета Богородица, наречена Челница, да направиме преоблекување на светиот Престол, кој е осветен пред 102 години. Сета оваа духовна храна, за која претходно зборувавме, основачот Господ Исус Христос ја дава во Црквата Своја, каде сите благодети и благодатта Божја им се дава на верните токму во светите храмови, односно домовите Божји. Во Стариот завет Евреите имале само еден храм во Ерусалим и според законот Мојсеев сите Евреи биле должни на празникот Пасха да појдат на молитва во овој храм . Господ Исус Христос со своите родители Јосиф и Марија го почитувале ова правило и пеш по горештини, по спарнини, со неудобности и прашини, неколку дена патувале од Назарет во Ерусалим.

Преку овој пример светата Црква ни покажува дека присуството на заедничка молитва во светиот храм е многу позначајна отколку индивидуалната молитва во својата келија, дом или на кое и да било друго приватно место. Ако Христос и Света Дева Марија кои биле свети луѓе, а повторно чувствувале потреба и тие да се молат во тој единствен храм, колку повеќе, пак, ние кои сме исполнети со разни престапи и гревови имаме потреба да ја храниме, да ја негуваме, да ја затоплуваме нашата душа со духовната храна која се дава и раздава преку светите тајни и молитвословија во светата Црква. А душата, пак, како Боголика постојано ја бара духовната храна, го бара Бога како што кажал уште во Стариот завет пророкот Давид: „Боже, Боже мој, кон Тебе поранувам; за Тебе жеднее душата моја. Колку пати за Тебе копнее телото мое на земјата пуста, неплодна и безводна? (Пс. 62,1), а потоа, пак, додава: „како што кошутата жеднее по водни извори, така и душата  моја, Боже, копнее по Тебе“ (Псал. 41,1).

Нека денешното свето Евангелие нè поучи и сите да извлечеме јасен и недвосмислен заклучок дека духовното, односно душата има предност пред сите овоземни и телесни потреби. Црквата не е против задоволување на телото, но се разбира во границите на потребите и одржувањето на телото, но таа бара и советува повеќе внимание, повеќе грижа и повеќе труд да вложиме во зачувувањето и во задоволувањето на душата со духовна храна, бидејќи таа е вечна и бесмртна.    При оваа прилика би сакал да ја истакнам заслугата и вложениот труд на протоереј Сашо Богданоски, поранешен парох при храмот „Св. Богородица“, кој вложи многу од неговото време во изнаоѓање на луѓе и средства за разубавување и украсување на овој дом Божји. Не помала благодарност искажувам и кон свештеникот Димче Азески, старешина на храмот „Св. Богородица Каменско“, како и на овој храм, за продолжување на започнатото од неговиот претходник и крунисувањето со денешното чествување. Додека, пак, на     г-дин Спасе Штериоски му искажуваме искрена благодарност за трудот и работата и ревноста во чувањето и разубавувањето на овој дом Божји. А од Бога му посакуваме награда за се она што го прави за доброто на нашата света Црква. Благодарност и на вас браќа и сестри што дојдовте и го зголемивте овој свечен чин.

Да се обратиме со молитва кон светата Мајка Божја на кого е посветен овој свет храм, таа нека ни биде молитвеница, заштитничка, патеводителка по правиот и вистинскиот пат кој ја храни и напојува душата, а преку тоа и нè води во вечен живот во Царството Небесно. Амин!

Митрополит Тимотеј

Успение на св. Ана
07.08.2011 година, храм „Св. Богородица-Челница“ Охрид

oсветување на Челница 113

oсветување на Челница 176

oсветување на Челница 186

oсветување на Челница 196

oсветување на Челница 320

oсветување на Челница 321

oсветување на Челница 338

oсветување на Челница 402

oсветување на Челница 442

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5