„Се исполни пророштвото кое вели: Повторно ќе ја издигнам паднатата скинија на свештениот Давид, која беше твој предобраз, Пречиста, зашто правот на сите луѓе, преку тебе, во тело Божјо се создаде“ (песна од Канонот на Утрена на Рождество на Пресвета Богородица).

 

Овој ден е Господов зашто се роди Пресветата Владичица наша Богородица, како палата на светлината, како источна врата која го очекува влезот на Големиот Светител. Овој празник е Богородичен, но тој го најавува и почетокот на нашето спасение, зашто преку девствената утроба на Богомајката, во овој грешен свет ќе се насели Несместливиот, Словото Божјо, нашето Спасение. Токму затоа и нашиот верен народ има неизмерна почит кон Мајката Божја, а и затоа толку многу храмови и манастири се посветени на оваа наша незамолклива застапница и молитвеница. Оддавајќи и ја должната почит и похвала, и нашиот надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, прославувањето на Рождеството на Богомајката го започна ден претходно, на 20.09.2020 година, со посета на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Г. Манастирец, Македонски Брод, каде што отслужи Акатист на Пресвета Богородица, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Саше Костадиноски, еромонахот Ефросиниј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. 

Sport media | Nike Release Dates

 

Во попладневните часови, Митрополитот Тимотеј замина во манастирот „Пресвета Богородица“ - Пречиста во Кичево, каде што отслужи празнична Вечерна богослужба, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Ристе Ристевски, протоереите Стевче Тошевски и Темелко, еромонахот Доситеј, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески, Павел Крцоски и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Епископот Партениј се обрати кон верниот народ со пригодно слово, во кое се задржа на значењето на празникот на Раѓањето на Пресветата Богородица, како празник од суштествено значење во Домостројот на спасението на човековиот род. Епископот Партениј побара од верниците да посветат особено внимание и труд да ги направат своите домови вистински мали цркви, во кои секогаш ќе престојува нашиот Спасител, а особено внимание да се посвети на најмладите, кои во денешното модерно време особено се мета на секакви лажни вредности. На крајот, Епископот си спомна и за својата младост и за зборовите што Митрополитот Тимотеј му ги упатил токму во овој наш свет манастир и кои одиграле важна улога во неговиот избран пат на монаштвото. Токму заради ова негово лично искуство и чудо, тој ги повика верниците да ги слушаат своите архиереи, а преку нивниот благослов и свештениците, зашто тие се преносители на зборот Божји.

 

Празнувањето на Богомајката продолжи утредента, на 21.09.2020 година во истиот манастир, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Епископот Партениј, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Ристе Ристевски, протоерејот Стевче Тошевски, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Анатолиј. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска сета вселена ја прославува појавата на најсовршеното Божјо создание во светот. Со голема радост како земната, така и небесната Црква ја прославуваат неневесната невеста. За неа ликуваат и торжествуваат и ангелските чинови, воспевајќи ја со зборо-вите: „Радувај се благодатна!" Која е оваа Царица небесна, која е прва по Бога и после Бога? Со нејзините совршенства ја надминува и пламената љубов на архистратезите Господови. Со чистотата и непорочноста, таа го надминува духовниот свет, а со силата и моќта е помала само од Седржителот. Света Богородица се раѓа во овој грешен свет, но нејзиниот подвиг и покорност ја издигнува до најголемите висини, надминувајќи ги пречките на во овој гревовен свет.


Прекрасни биле првите луѓе Адам и Ева, насладувајќи се со чест и радост во рајската градина. Но, сѐ се изменило со нивното гревопаѓање. Се измениле и самите тие, а и светот околу нив. Поради нивната гордост и непослушност, прародителите биле протерани од рајот и со мака и пот го заработувале својот суров опстанок. Историјата на паднатиот човечки род претставува слика на која може да се видат неправди, лукавства, лаги, насилства, нечистотии и запустувања. Може да се рече дека такво создание какво што е човекот е непотребно и недостојно за совршениот Создател и многупати заслужувало да биде уништено. Но, патиштата Божји се неисцрпни и непознати на човечката мисла. Во овој светски хаос и свет кој лежи во зло, Седржителот сеел семиња, давајќи им благопријатна роса и создавајќи таква убавина, на која и ангелските сили се чуделе. Со посебна љубов, Господ ја подготвувал почвата за објавување на многусенчестото дрво под кое многумина ќе се засолнуваат. Господ го подготвувал патот за онаа која ќе биде достојна девствена мајка на Синот Човечки и Синот Божји.


Преку целиот долг период кога светот престојувал во грев, Бог промислувал и подготвувал и поткрепувал една нитка на праведни и свети луѓе. Во секое поколение на тој начин ја сочувувал духовната ризница. Круна на оваа нитка биле смирените Јоаким и Ана кои преживувале најголем презир заради нивната неплодност, но во тоа истрајале покорувајќи се на волјата Божја. Колку интересен момент е оној во кој архангелот ѝ јавил на праведната Ана дека во стари години ќе добие дете. Таа покорно воскликнала: „Жив е Господ мојот Бог". Таа дала ветување дека ако добие пород, ќе го даде во служба на Господа. Во овие зборови како да се слушаат зборовите на покорност кои подоцна пред архангелот ќе ги каже нејзината ќерка: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои" (Лк. 1, 38). Така, во светот помрачен од гревот засветила пресветата Дева Марија – новата Ева, преку која Господ предвидел дека ќе се скрши главата на древната змија, односно на ѓаволот.


Првата Ева, прамајката на човечкиот род е создание кое е излеано од рацете на самиот Создател. Додека сè уште била неосквернета од грев, таа била неизмерно убаво суштество и по тело и по душа. Но, колкаво задоволство почувствувал злобниот непријател Божји, кога успеал да ја прелаже Ева и да ја насочи против Бога, а потоа да ѝ се потсмева и неа и на целиот човечки род, кој потекнал од неа. Така, човештвото станало игралиште за гревот, тонејќи во злото и потопувајќи го со себе сиот свет. Но, гордиот кнез на темнината не видел каков пораз и срам за него подготвил семоќниот Бог. Седржителот сега му подготвил ново посрамување на нечестивиот, бидејќи од родот човечки Господ ја вознел на небото Царицата небесна, токму на местото на паднатата Деница.


И ние денеска, прославувајќи го нејзиното рождество, да не заборавиме дека света Богородица со нејзините подвизи и послушност на волјата Божја ги надминува сите небесни ангелски сили. Нејзината сила и моќ е неопходно потребна на сиот човечки род. Таа има сила и можност да се застапува за нас и да ги принесува сите наши молби и прозби кои ги упатуваме кон севишниот Бог. Да се помолиме таа да се застапи за исполнување на нашите молби, и тоа на оние кои вистински ни се потребни и не водат кон спасение. Пресвета Богородице помагај ни. Амин.


Рождество на Пресвета Богородица
Манастир „Богородица Пречиста" Кичево
21.09.2020 год.

 

malabog2020 1malabog2020 2malabog2020 3malabog2020 4malabog2020 5malabog2020 6malabog2020 7malabog2020 8malabog2020 9malabog2020 10malabog2020 11malabog2020 12malabog2020 13malabog2020 14malabog2020 15malabog2020 16malabog2020 17malabog2020 18malabog2020 19malabog2020 20malabog2020 21malabog2020 22malabog2020 23malabog2020 24malabog2020 25malabog2020 26malabog2020 27malabog2020 28malabog2020 29malabog2020 30malabog2020 31malabog2020 32malabog2020 33 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3