„Твојот пречеен омофор, поскапоцен од некогашниот ковчег, навистина светли со духовен, нематеријален сјај, повеќе од злато и сребро, простиран со твоите нетлени пречисти раце, и милостиво ги чува оние кои го чествуваат благоукрасениот празник на твојот покров, Владичице, во кој, собрани, од срце го празнуваме“ (седален по полиелејните псалми на Утрена на празникот Покров на Пресвета Богородица).

 

На 14.10.2020 година, денот кога го прославуваме споменот на великиот празник Покров на Пресвета Богородица и на св. Јован Кукузел, во параклисот „Покров на Пресвета Богородица“ во Митрополитската резиденција во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Димче Ѓорѓиески, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

Running sneakers | adidas Campus 80s South Park Towelie - GZ9177

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска нашата света Црква прославува повеќемина Божји угодници. Но, на прво место ја прославува Царицата небесна, односно си спомнува за покровот на Пресвета Дева Марија. Од денешното свето Евангелие слушнавме за еден настан, односно за тоа кога Господ Исус Христос го посетил домот на својот пријател Лазар во Витанија. Двете сестри на Лазар, по име Марта и Марија Го пречекале со радост. Марта се зафатила со подготвување на домот, припремајќи достоинствена гозба за да Го почести почитуваниот и сакан гостин – Господа Исуса Христа. Од друга страна, нејзината сестра Марија седнала пред нозете Христови и внимавала на сите зборови што Господ Христос ги изговарал. Неговиот говор бил исполнет со полезни совети за спасението и вечниот живот на човештвото. Во еден момент Марта Го замолила Христа да ѝ каже на сестра ѝ да ѝ помогне во подготовката на храната и останатото. До тој момент, Христос не ѝ велел на Марта да престане со подготвувањето и да не се труди околу средувањето на домот и подготвување на храна, туку ја оставил да си ја врши својата работа. Но, кога побарала нејзината сестра да се оддалечи од слушање на словото Божјо и да се занимава со земни нешта, кои се второстепени, тогаш Христос благо ја укорил со зборовите: „Марто, Марто, ти се трудиш и се грижиш за многу работи. Но Марија го избра подобриот дел кој нема да ѝ се одземе".


Од зборовите на Господа Исуса Христа, треба да заклучиме дека Христос не ја игнорира потребата од чистота на домот, како и потребата за подготовка на храна и пиење за одржување на телото во живот. Во Светото Писмо се вели дека ние сме должни да го сакаме телото и да се грижиме за него, да го храниме и стоплуваме, бидејќи тоа е храм на душата. Но, тука Тој сака да ни каже дека храната и другите потреби кои се неопходни за телото, треба да се задоволат во границите на неопходното за да се одржиме во живот. Тој сака да каже дека во животот не треба нашата главна преокупација да биде грижата за телото, туку приоритет треба да има грижата за душата. Душата не се храни со јадење и пиење, туку со слушање на словото Божјо, со читање на Светото Писмо и светите отци. Оваа храна е поважна од храната за пропадливото тело.


Денешниот празник, пак, е посветен на Покров на Пресвета Богородица. Во овој ден си спомнуваме за еден историски настан од X век кога Цариград бил нападнат од страна на Арапите. Тие биле во голема предност и по бројност и по оружје, така што гледано од човечки аспект, Цариград немал можност да се одбрани од оваа силна наезда. Соочен со оваа опасност, самиот патријарх, заедно со свештенството и народот се упатил во храмот во Влахерна каде што се чувал појасот на Богородица. За време на сеноќното бдение, света Богородица се јавила со отворен омофор над градот, молејќи се на Бога да го сочува од ова зло. Иако црквата била исполнета со многу народ, Богородица ја виделе само двајца подвижници и молитвеници. Тоа биле свети Андреј Јуродив и неговиот ученик Епифаниј. По ова нивно видение, гласот се проширил, прво во црквата, а потоа низ целата империја. Благодарение на заштитата од Богородица, Арапите се повлекле, напуштајќи ја идејата да го заземат градот. Во спомен на овој настан е востановен овој празник, која се слави особено кај словенските народи.


Денеска исто така, го прославуваме и свети Роман Слаткопевец. Овој угодник Божји живеел во V век, а се упокоил на почетокот на VI век. Се одликувал со побожност и чесен живот, но бил необразован и служел како клисар во храмот Света Софија во Цариград. Самиот патријарх Ефтимиј (489-495 г.) многу го засакал поради неговата кроткост и смиреност. Затоа наредил и него да го наградат како останатиот клир во црквата. Ова предизвикувало завист, особено кај певците. Во една прилика, во навечерието на Божик, двајца пејачи го фатиле за раце и го одвеле во средината на црквата и му заповедале да чита и пее, бидејќи примал иста плата како нив. Бидејќи бил неписмен, тие го посрамиле пред народот и патријархот. Ноќта, нажален, долго време Роман останал пред иконата на Мајката Божја, молејќи ја да му даде просветлување на умот за да може да ѝ пее неа како Царица небесна и на нејзиниот Син Господа Исуса Христа. Така, молејќи се, Роман заспал, а на сон му се јавила Богородица, давајќи му свиток и велејќи му да го изеде. На тој начин, му се просветлил умот, го разбрал законот Божји и добил ангелски глас за пеење. Утредента, на Божик, на величествен начин, од централното место во храмот Света Софија го испеал кондакот „Дева денес". На големо изненадување на патријархот и народот, тој го објаснил видението на Богородица. Тогаш оние кои го исмевале му се извиниле, а патријархот го ракоположил за ѓакон. Од тогаш свети Роман почнал да пишува значајни химнографски творби – кондаци, за многу празници во текот на годината.


Милоста и љубовта на света Богородица кон човечкиот род, изразена преку овие две јавувања, ни кажува дека таа е секогаш подготвена да притекне и да ѝ помогне на секоја душа која искрено ѝ се обраќа и од неа проси соодветна заштита и грижа. Да се обратиме и ние со искрена молитва за таа да биде наша молитвеница, да не просветлува и осветлува за да одиме по вистинскиот Христов пат и да измолиме милост за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.


Параклис „Покров на Пресвета Богородица"

Митрополитска резиденција Охрид
14.10.2020 год. 

 

pokrovprbog2020 1pokrovprbog2020 2pokrovprbog2020 3pokrovprbog2020 4pokrovprbog2020 5pokrovprbog2020 6pokrovprbog2020 7pokrovprbog2020 8pokrovprbog2020 9pokrovprbog2020 10pokrovprbog2020 11pokrovprbog2020 12pokrovprbog2020 13pokrovprbog2020 14pokrovprbog2020 15pokrovprbog2020 16pokrovprbog2020 17pokrovprbog2020 18pokrovprbog2020 19pokrovprbog2020 20

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5