„Да Му принесеме на Господа воздишки како митарот и, ние грешните, да Му пристапиме како на Господар, бидејќи Он го сака спасението на сите луѓе, им дава прошка на сите кои се каат, оти заради нас се воплоти Словото Божјо, Кое е собеспочетно на Отецот“ (кондак на Утрена во Неделата на митарот и фарисејот).

 

На 21.02.2021 година, во Неделата на митарот и фарисејот, во храмот „Св. Троица“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Кирил Јованоски, свештеникот Ромео Петрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

jordan Sneakers | Sneakers Nike

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Со оваа недела настапува подготвителниот период за прослава на Празникот над празниците, односно на светлото Христово Воскресение. Овој пат е Велигденскиот пост, кој е период на испитување на нашата совест, период на покајание за нашите гревови и пат на издигнување на нашите души. На тој пат, ако појдеме без Господа и без Неговата благодат која Он ја дава на секого од нас, ние сме ништо. Светите отци велат: „Не гордеј се, човеку, зашто си прав и пепел. Не се превознесувај високо во облаците, знај дека си земја и пепел и дека во земја ќе се вратиш. Ти си голем и чист и почитуван, затоа што Бог ти помага. Од Бога си создаден и Бог те држи. Не се откажувај од благодетите и не Го заборавај својот Добротвор".


Промислата Божја дејствува во секој човек. Бог секогаш е благ и добар и го сака спасението на нашата душа. Затоа и се вели: „Секоја душа по својата природа е христијанка". Само ако огруби, односно се извалка во гревови, тогаш суетното срце не е способно за добри дела и се оддалечува од Господовиот пат. Но, човечкото срце исполнето со љубов и милосрдие, секогаш ќе биде смирено, кротко и трпеливо. Уште овде на земјата, ние го градиме за себе Божјото царство. Уште овде, во нашата ризница собираме благодат Божја и сѐ што е неопходно за вечниот живот. Затоа и Господ Исус Христос не еднаш вели: „Не собирајте богатства на земјата, ... но собирајте си богатства на небото ... Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше" (Мт. 6, 19-21). Кон што ќе се приврземе овде на земјава, за тоа ќе бидеме подготвени и во вечноста.


Денешното Евангелие ни поставува два примера. Едниот е фарисеј, а другиот цариник (Лк. 18, 10). Пред нас се двајца кои се молат пред Бога. Но, Срцевидецот Господ открива со какви тајни помисли е исполнето срцето на секого од нив. Каков однос гради секој од нив кон Бога. Едниот Му благодари на Бога што се удостоил да живее согласно со Божјите заповеди и не е како цариникот. Другиот, пак, се кае за своите гревови и Го моли Бога да му ги прости.


Фарисејот бил задоволен сам од себе. Тој се сметал за достоен за Бога, бидејќи Му угодувал. Неговата молитва била исполнета со самофалба и осудување на другиот. Оваа молитва на фарисејот ни покажува како изгледа молитвата на човек исполнет со гордост и себељубие. Горделивиот фарисеј оддава благодарност на Бога за својата состојба, која е подобра од оние на другите, односно е состојба на праведник. Но, се поставува прашањето: Од каде тој ја знаел состојбата на другите? Како можел да го осудува цариникот кој истовремено со него влегол во храмот. Христос за него вели дека и тој е син Авраамов (Лк. 19, 9). Свети Јован Кронштатски вели: „Секој човекот е творба Божја и слободно битие. Тој може да се измени кон добро со благодатта Божја, може од лош да стане добар, од лукав – незлоблив, од гневен – кроток, од нечист – чист, преку усрдно и постојано покајание, воздржување и молитвени солзи. Човекот осквернет со гревови може да постане ново создание". Токму таков се покажал и цариникот кој бил подготвен за вистинско покајание. Евангелието не спомнува ништо за гревовите ниту за праведноста на цариникот. Тоа само ја истакнува како пример неговата молитва, која се состои исклучиво од сознание за својата гревовност и барање милост од Бога. Ова е силна потврда дека сите луѓе без исклучок се грешни пред Бога. Сите имаат потреба за спасение преку простувањето со милоста Божја, која се пројавува кај секого кој ја бара Божјата помош. Евангелието завршува со укажувањето Господово дека од храмот оправдан излегол цариникот, зашто во својата молитва не осудил никого, а пред себе го гледал само Божјото милосрдие. Го гледал својот Спасител Кој спасува не само заради добрите дела, туку спасува по Својата голема милост. Истовремено, ова е порака и за потребата нашето срце да се стреми кон добрите дела и исполнување на законот Божји.


Затоа ние христијаните, доколку сакаме да ја подготвиме нашата душа за Велигденскиот пост, должни сме повторно да размислиме за нашиот живот. Кој ни е поблизок? Дали лукавиот и горд фарисеј или цариникот кој бил исполнет со кротост и смиреност? Знаеме дека Господ ги сака луѓето кои се надеваат на Неговата милост и го осознаваат свето недостоинство. Само кротките и смирените ја привлекуваат благодатта Божја. За тоа ни сведочи и Божјата наука: „Погледна на смиреноста на слугинката своја" (Лк. 1, 48).


И ние да се молиме заедно со смирениот цариник. Да се потсетиме дека сме недостојни и сето она што го имаме ни е дадено од Неговата голема љубов и поради Неговото големо трпение. Он се смири пред човекот и беше издигнат на крстот и положен во гроб како човек. Со Своето, пак, воскресение ја раскина смртта и како Бог ги разруши адските врати и нѐ направи Свои сакани деца. Амин.


Недела на митарот и фарисејот
Храм „Св. Троица" Охрид
21.02.2021 год.

 

mitifar2021 1mitifar2021 2mitifar2021 3mitifar2021 4mitifar2021 5mitifar2021 6mitifar2021 7mitifar2021 8mitifar2021 9mitifar2021 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3