„Со љубопитната десница, Тома ги испита животодателните ребра, Христе Боже, кога си влегол низ заклучените врати, и со другите ученици викаше: Ти си мојот Господ и Бог!“ (кондак на Утрена на Томина недела).
На 09.05.2021 година, во Неделата на Антипасха - Томина недела, во храмот „Св. Никола Чудотворец“ во Долна Маала, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Сашо Ристески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј им се обрати на верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Authentic Nike Sneakers | シューズ
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Христос воскресе!
Денеска го прославуваме чудното уверување на свети апостол Тома. Се поставува прашањето: Што е вера и неверие? Зошто човек кој имал толку многу докази за божествената сила, која дејствувала во Исуса Христа, сила која лекувала секакви болести, воскреснувала мртви, барал уште еден доказ? Тој не бил обичен човек. Тој бил сведок на сето тоа што го направил Исус Христос и еден од дванаесетте ученици на Господа. Што значи тоа вера и неверие – термини кои одат рака под рака во текот на целиот живот на човекот. Ако тоа се случувало и помеѓу апостолите, тогаш што останува за останатите луѓе. Нели зборовите на Господа Христа биле прости и разбирливи? Неговите чудодејствија не повлијаеле на сознанието, волјата и чувствата на апостолите за помеѓу нив да нема никакви сомневања. Сето тоа било под Негова власт. Независно што свети апостол Петар отфрлил секаква можност за откажување од Него и исповедал дека е подготвен да претрпи дури и смрт за Христа, сепак се одрекол од својот Учител. Другите апостоли се оддалечиле што е можно подалеку од Гетсиманија, од дворот на првосвештеникот, од затворот, од Голгота, освен само свети Јован Богослов. И на крај, јавувајќи им се на апостолите во слава по воскресението и минувајќи преку заклучената врата, Христос посведочил дека е Он и дека има тело и дека реално воскреснал. Но, и тој факт не бил доволен и било потребно тоа да се повтори само за еден апостол.
И ете, верата и неверието постојано се преплетуваат во нашиот живот. Во еден момент ние сме подготвени и својот живот да го дадеме за Бога, а во друг момент, водени од соблазни, лаги, страв или возбуда или од некоја друга страст, или раководени од разни мисли, зборови и идеи, се откажуваме од Господа. Некои се откажуваат за некое време и повторно се враќаат кон Бога. Што значи овој феномен на вера и неверие? Тоа значи само едно: Бог ни дал голема сила – сила на Својот образ. Он ја положил во нас таа слобода, која и Самиот ја има. Он не остава сами на себе и ние во одреден момент можеме да избереме дали ќе одиме на десно, односно кон Него, или, пак, на лево – далеку од Него. Во светоотечката литература се користи десната страна како симболика на доброто, светото и благородното, односно како страна на добриот ангел. Левата страна е симбол на злото, лагата и лошиот ангел. Ние секогаш се наоѓаме помеѓу овие две спротивставени страни. Затоа секогаш, па и денес се молиме на Господа за Он да нѐ благослови со Својата сила, со силата на Својата слава и да повлијае на нашето сознание и да ни помогне. Во секој момент од времето да го избереме патот на верата во Него и да останеме Негови верни следбеници и ученици.
Како што рековме, денеска го прославуваме свети апостол Тома – ученикот на Господа Исуса Христа, кој бил еден од дванаесетте апостоли. Тоа што се случило во душата на Тома на настанот за кој си спомнуваме денес, се случува во нас во целокупната историја на човештвото. Ние многу често го читаме Евангелието, а читаме и други книги во кои се зборува за Неговите чуда и Неговиот живот. Ние се восхитуваме на длабоките мисли и силните Евангелски пораки. Но, за многумина тоа останува недоволно сведоштво за вистинитоста на Евангелските пораки и тие остануваат во неверие кон ваквата проповед. Тоа е така, бидејќи тие луѓе не се сретнале со Христа и не го почувствувале Неговото реално присуство.
Што значи, пак, тоа – средба со Христа? Тоа значи во одреден момент од Својот живот точно да разбереш и да почувствуваш дека над тебе е Божјата рака и тоа што се случува со тебе не припаѓа на животната логика, туку дава претстава за еден поинаков свет кој во тој миг го допираш на реален начин. Ова се случува со многу луѓе во овој свет. Токму ова е реалното религиозно искуство што го доживеал и свети апостол Тома, среќавајќи Го воскреснатиот Спасител. Токму по оваа средба ги изговорил поразителните зборови: „Господ мој и Бог мој!" (Јн. 20, 28). По оваа средба, апостолот Тома добил голема духовна сила и станал непоколеблив проповедник на Господа Исуса Христа и на Неговото страдање и воскресение. Амин.
Томина недела
Храм „Свети Никола“ Долна Маала, Охрид
09.05.2021 г.