„Откако се покажа како сострадалник и оружник на мачениците, стана извонреден војник на Царот на славата; со искушенија и маки си ги уништил олтарите на идолослужителите, затоа го воспеваме твојот чесен спомен, мудар Талалее“ (кондак на Утрена на св. мч. Талалеј).

 

На 02.06.2021 година, на празникот на св. мч. Талалеј, во храмот „Св. Никола Чудотворец“ во Долна Маала, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Сашо Ристески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денеска сме собрани во овој свет храм да го прославиме светиот маченик Талалеј, а во нашата црковна традиција останало на овој ден да се слави и преносот на моштите на свети Никола според Цариградската пракса. Прославата на овие двајца Божји угодници ни дава за повод да кажеме неколку збора за верата во Господа Исуса Христа. Свети Јован Златоуст во своите дела вели дека сите луѓе се стремат кон радост, но истовремено, малкумина знаат што е тоа вистинска радост и која е патеводителната ѕвезда што го покажува патот на таа радост и кој пат треба да се избере за да се стаса до поставената цел. За вистинскиот верник тоа не е сокриено. Во секој верник има дар Божји, кој му ги осветлува сите страни на неговото многуразгрането битие и никогаш не го лаже во изборот, покажувајќи му ги вистинските средства кои водат кон блаженство. Дарот доаѓа одозгора, од Бога. Тоа е нашата православна вера. Таа нѐ облекла во облеката на божествената благодат преку светите тајни крштение и миропомазание и преку нив се соочуваме со сите маки на земниот живот, препливувајќи го разбранетото животно море. Тој дар Божји нѐ просветлува и осветлува, ни ги умножува знаењата и ни ги осветлува чувствата, откривајќи ни ги тајните на времениот и вечниот живот. Тој дар ни дава можност да се допреме до светото и блаженото.


Самата совршена радост која ни ја дава верата е знаење на Бога. Преку верата ние ги запознаваме Неговото битие, Неговата недостапност и секадеприсутност, Неговото величие и снисходливост, Неговата љубов и милосрдие и Неговата награда. Верата ни ја открива Спасителот Христос. „Во Него имаше живот и животот им беше светлина на луѓето" (Јн. 1, 4). „Бога никој никогаш не Го видел. Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Он Го објави" (Јн. 1, 18). Ние им веруваме на Неговата слава и на Неговото дело. „На сите што веруваа во Неговото име – им даде можност да станат синови Божји" (Јн. 1, 12). Ние знаеме дека Он дојде во светот за спасение на луѓето и за да ја освети земјата со Своите нозе и со благодатта на Светиот Дух. Он на земјата ја донесе евангелската правда. Он е наш Спасител, Кој пострада, беше погребен и воскресна. Но, тие што ќе поверуваат во Него и да умрат ќе живеат (Јн. 11, 25). Преку верата ние ја постигнуваме тајната на Црквата која е основана од Христа заради нашето спасение. Сѐ што се случува во Црквата и е поврзано со неа е дело Божјо. Зборовите на прочуениот законоучител Гамалиил најдобро ни зборуваат за тоа: „ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши; а ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите" (Дела 5, 38-39). Црквата Христова ја потврдува оваа вистина во својата двеилјадигодишна историја. Да се потсетиме само на првите векови во кои Римските императори со сета своја жестина се обидувале да ја уништат верата во Христа, но не успеале во тоа. Во наредните векови тоа се обидувале да го направат разните ереси кои на своја страна ги привлекле дури и Византиските императори. Во XVIII век на Запад тоа се обидело да го направи просветителството но и овој обид останал без успех. Во минатиот век тоа се обиде да го направи и руската болшевичка власт. Но сите овие обиди загинаа, а Црквата остана да сведочи дека таа не е човечка, туку Божја творба.


Христос ни го покажува патот по кој треба да одиме. Да ги воздигнуваме срцата кон небото и кон вечната радост. Верата нѐ соединува со Христа, но истовремено и еден со друг. Верата ни ја објаснува смислата на животот, преку сите наши победи и порази, радости и жалости. Сѐ што ни се испраќа во нашиот живот е за наше добро и за наше усовршување. Со трпение и со добродетелен живот човекот создава добро за себе, а со злото – само лошо. На земјата ни се дадени сите можности за да ја создадеме нашата иднина. Верата ни дава радост преку молитвите и разговорот со Бога. Молитвата, како личната така и заедничката, ги окуражува верниците и ги соединува со светиите и со нив принесува славословија и благодарење кон Бога. На ова Бог секогаш родителски одговара.


Прославувајќи ги денеска и свети Никола и свети маченик Талалеј да се поучиме од нивните животи, од нивната силна и непоколеблива вера, па и ние да ја зацврстиме вистинската православна вера, да одиме по Христовиот пат и да измолиме милост и благодат Божја за спасение и вечен живот. Амин!


Свети маченик Талалеј
„Свети Никола Долна влашка маала" Охрид
02.06.2021 год.

 

svtalalej2021 1svtalalej2021 2svtalalej2021 3svtalalej2021 4svtalalej2021 5svtalalej2021 6svtalalej2021 7svtalalej2021 8svtalalej2021 9svtalalej2021 10svtalalej2021 11svtalalej2021 12svtalalej2021 13svtalalej2021 14svtalalej2021 15

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5