„Порано неплодната, денес го раѓа Христовиот Претеча, и тој е исполнувањето на сите пророштва. Во (реката) Јордан, тој ја положи раката врз Оној Кого Го навестуваа пророците; се јави пророкот на Божјото Слово, истовремено проповедник и претеча“ (кондак на Утрена на празникот Рождество на чесниот славен пророк, претеча и Крстител Јован).

 

На 07.07.2021 година, на денот кога го прославуваме Рождеството на чесниот славен пророк, претеча и Крстител Јован, во манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто иноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Епископот Антаниски г. Партениј, игуменот Фотиј, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил, свештениците Горан Ставрески, Љупчо Бакрачески, Бобан Митевски, Павел Крцоски, Александар Димоски, Крсте Тасески и Јове Тренчески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј, Силуан и Анатолиј. Овој празничен ден стана уште поторжествен за еромонахот Доситеј и за ѓаконот Анатолиј, а со тоа и за Бигорскиот манастир. Имено, со одлука на САС на МПЦ-ОА, а по предлог на Митрополитот Тимотеј, еромонахот Доситеј беше награден со архимандритско достоинство, а Митрополитот Тимотеј ја спроведе истата токму на овој торжествен ден. По повод овој чин, игуменот на манастирот Епископот Партениј го дарува новиот архимандрит Доситеј со прекрасен граден крст. Ероѓаконот Анатолиј, пак, се удостои од раката на нашиот Митрополит да го прими еромонашкиот чин. На двајцата од името на нашот Митрополит и сите верни чеда на Дебарско-кичевската епархија срдечно им честитаме и се молиме Господ нашиот Бог да ги води по стапките на Неговите заповеди. По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

„Со твоето раѓање, Претечо и Проповедниче, се отвори покајанието, оти само ти проповедаше, викајќи: Покајте се, се приближи царството небесно" (Втор канон, песна 4, тропар 1).

Се исполнуваат пророчките зборови. Господ ги подготвува луѓето и целата природа и целиот свет за доаѓањето на Спасителот. За да Му подготви пат на Господа, Он го испраќа Претечата Јован. Името „Јован" на еврејски значи „благодат". Тоа значи да се сведочи со подвиг кој треба да го изврши Претечата. Да се задржиме на историјатот на ова собитие. Добро ни е познато дека кај еврејскиот народ бездетството се сметало за казна Божја, а бездетните се сметале за големи грешници (5 Мој. 28, 18). Таквите луѓе на некој начин се сметале за луѓе преку кои не може да дојде Спасителот, односно Месијата. Татко на свети Јован бил свештеникот Захариј, кој бил почитуван човек, а и неговата мајка Елисавета имала благочестив и свет живот. Но, и покрај тоа, тие се помириле со реалноста дека нема да имаат пород. Но, никогаш не роптале на Бога за тоа (Лк. 1, 6). Тие живееле очекувајќи го избавувањето од гревот, со покајание и вера во Месијата и Избавителот на светот, Кој очекувале да дојде. Во Новиот Завет, а исто така и во Стариот Завет на повеќе места се вели: барајте и ќе ви се даде. Ако човек бара со усрдна молитва, пост и подвиг, Господ нема да го оттргне Своето уво од таквата молитва. Тој човек ќе добие сѐ што му е неопходно. Затоа во кондакот на овој празник и се вели: „Порано неплодната, денес го раѓа Христовиот Претеча".

Господ испраќа утеха на луѓето кои се верни и живеат согласно со законот Божји. За време на кадењето во Светињата над светињите, Захариј имал видение во кое му било кажано дека ќе му се роди син, кој ќе биде предвесник на Христа Спасителот во светот. Захариј се посомневал во ангелската вест и затоа онемел сѐ до исполнувањето на оваа најава и раѓањето на Јован. Кога се родило детето, мајката побарала да се вика Јован, а Захариј побарал штичка и напишал: „Јован му е името". Тогаш му се одврзал јазикот и со радост Го славел и фалел Бога.

Кратко по раѓањето на Јован, за овој чудесен настан слушнал Ирод, кој побарал да бидат погубени сите младенци. Во оваа прилика Захариј бил убиен во Ерусалимскиот храм, а Елисавета, просветлена од Светиот Дух се повлекла во пустината, каде ја засолнила својата рожба. По кратко време и самата се упокоила, а Јован станал жител на пустината. За него се грижеле Божјите ангели и врз него пребивала Божјата благодат. Во пустината тој се подготвувал за мисијата која му претстоела: да го припреми јудејскиот народ за дочекување на Спасителот.

Примерот на пустинскиот живот на Јован е особено поучен за нас христијаните. Секој од нас има свој ангел пазител, кој го добиваме за време на светата тајна крштение. Нашиот ангел не пази да не паднеме во гревови, при многуте искушенија кои не снаоѓаат. Ние само не треба да заборавиме на Бога и не смееме да ги заборавиме Неговите заповеди.

Да се потсетиме на маките и страдањата кои биле допуштени на праведните Захариј и Елисавета, па и на самиот свети Јован Претеча. Тие се огромни и нашите евентуални маки, страдања и непријатности се ништожни во споредба со нивните. Господ ги допушта искушенијата и страдањата на луѓето онака како што Нему Му е угодно. Потребно е да бидеме трпеливи во нивното поднесување. Бог секого од нас треба да го сочува од малодушноста, искушенијата и роптање против промислата Божја. Патиштата Божји се неиспитливи и ние не можеме да знаеме зошто Бог со едни постапува на еден, а си други на друг начин. Во Евангелието се вели: „Не судете за да не бидете судени" (Мт. 7, 1). Да го предадеме нашиот живот на промислата и волјата Божја, зашто Бог ни дава многу повеќе од она што бараме, па дури и од она што можеме да помислиме.

Овој празник ни сведочи за тоа дека е неопходно да се откажеме од нашите земни потреби и да се вознесеме кон горниот свет, кон душите на праведниците и светите. Од нив да бараме помош за себе и поддршка во верата и надежта, во Божјото милосрдие кон паднатиот човечки род. Свети Јован се појавува помеѓу тие светии, како прв маченик и проповедник на Божјата благодат. Тој се јавува како сведок на големата тајна – крштението Христово и објавата на Света Троица.

Од свети Јован Претеча можеме многу да научиме. Тој како голем молитвеник, нѐ учи да се молиме. Во него гледаме и исповедник кој не се уплашил од смртта и засведочил што е тоа грев и дека од него треба да се бега. Сведочел дека само добродетелта нѐ издигнува кон небесното царство, а гревот нѐ води во вечни маки. Затоа ние сме должни секогаш да си спомнуваме за овој човек, на кого му било дадено да ја стави својата рака на Творецот на вселената. Тој Го засведочил Спасителот на целиот свет. Затоа да се помолиме и нас да нѐ упати кон покајание, да нѐ научи на исправен живот и да биде помошник во нашиот христијански подвиг.

Ја користам оваа прилика на отецот Доситеј да му го честитаме одликувањето од страна на САС на МПЦ-ОА со достоинство на архимандрит, кое ќе го носи како почесно достоинство, останувајќи собрат на оваа обител како и до сега. Му посакуваме ова достоинство да го носи за просперитет на овој манастир и за спасение на неговата душа.

На новоракоположениот јеромонах Анатолиј, во името на собраќата свештенослужители и од свое име му посакуваме ревносно служење на Црквата Божја и духовно растење во христијанските добродетели. Свештеничкиот чин, пак, да го носи во служба на Бигорскиот манастир и на братството, за афирмација на МПЦ и за спасение на неговата душа. По охридски – носи го достоинството со бел образ. Амин.

Раѓање на свети Јован Крстител

Бигорски манастир „Свети Јован Крстител"

07.07.2021 год.

 

ivanden2021 1ivanden2021 2ivanden2021 3ivanden2021 4ivanden2021 5ivanden2021 6ivanden2021 7ivanden2021 8ivanden2021 9ivanden2021 10ivanden2021 11ivanden2021 12ivanden2021 13ivanden2021 14ivanden2021 15ivanden2021 16ivanden2021 17ivanden2021 18ivanden2021 19ivanden2021 20ivanden2021 21ivanden2021 22ivanden2021 23ivanden2021 24ivanden2021 25ivanden2021 26ivanden2021 27ivanden2021 28ivanden2021 29ivanden2021 30ivanden2021 31ivanden2021 32ivanden2021 33ivanden2021 34ivanden2021 35ivanden2021 36ivanden2021 37ivanden2021 38ivanden2021 39ivanden2021 40ivanden2021 41ivanden2021 42ivanden2021 43ivanden2021 44ivanden2021 45

  

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3