Сигурните и богогласни проповедници, врвот на апостолите Твои, Господи, си ги примил во наслада и покој на Твоите добра, бидејќи нивните страдања и смрт си ги примил подобро од секоја првина, Ти, Кој единствен знаеш да ги читаш срцата на луѓето“ (кондак на Утрена на св. апостоли Петар и Павле - Петровден).

 

На 12.07.2021 година, денот кога го славиме споменот на светите славни, сефални и првоврховни апостоли Петар и Павле, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритите Нектариј и Доситеј, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Господ Исус Христос за време на Својот земен живот избрал од Своите ученици дванаесет апостоли за да го проповедаат словото Божјо. Според сведоштвото на Новиот Завет, тие заземале посебно место во Црквата. Секој треба да ги смета за служители Христови и управници на тајните Божји (1 Кор. 4, 1). Сите тие биле еднакви меѓу себе и обдарени со власт да разрешуваат гревови. Им било ветено дека ќе седнат на престол возглавен од Синот Човечки. Сите тие се потрудиле за да се прослави името Господово, пренесувајќи го словото на живиот Бог на сите страни во светот. „Нивниот звук се пренесува по целата земја, а нивните зборови дури до краиштата на вселената" (Пс. 18, 4).


Сите апостоли имаат посебни денови во кои се празнуваат. Само апостолите Петар и Павле, кои се нарекуваат првоврховни имаат заеднички празник. Тоа е така поради нивниот посебен ангажман во проповедањето на верата. Затоа и светата Црква пред овој празник одредила и пост во нивна чест. Како овие двајца апостоли кои живееле пред 2000 години може да влијаат на нас и да не поучат? Какви биле овие двајца и што непознато покажале на светската историја? И Петар и Павле се духовни учители и тоа вселенски учители поради нивната силна љубов кон Господа. Тие се разликувале од другите апостоли со својата ревност и труд во благовестењето на Евангелието Христово. Во останатото тие биле различни еден од друг.


Апостолот Петар пред да се сретне со Христа се викал Симон и бил прост рибар и сиромав човек. Тој бил оженет, а веројатно имал и деца. Во секој случај, се занимавал со тешка работа за да го прехрани своето семејство. Но, во неговата душа постоела силна вера и страв Божји. Покрај тешкото секојдневно работење, тој истовремено живеел духовен живот очекувајќи Го Месијата. Токму тоа му овозможило при првиот повик на Месијата да остави сѐ и да тргне по Него. Апостолот Петар бил сведок на бројните чуда што Христос ги правел. Посебно го приврзало кон Христа исцелувањето на неговата тешта. Тој присуствувал и на Христовото преобразување на Тавор. Тој прв Го исповедал Христос како Син на живиот Бог, а Христос му рекол: „ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат" (Мт. 16, 13-18). Зборот „Петар" на грчки значи „камен". Петар и се откажал од Христа, но и се покајал и Христос му простил, зашто Петар плачел за својот грев целиот свој живот. Заради неговата силна и непоколеблива вера, Бог го удостоил тој прв од апостолите да дознае за воскресението. Петар пострадал маченички во време на императорот Нерон во 67 г.


Сосема поинаква е личноста на апостолот Павле. Тој бил учен човек и потекнувал од богат род. Бил ученик на најпрочуениот еврејски учител во негово време по име Гамалиил. Павле бил фарисеј и познавач на Законот, но и голем гонител на христијаните, не само во Еруслаим, туку и пошироко. На чудесен начин тој се преобратил и од Савле станал Павле. Кога патувал во Дамаск, му се јавила Божјата сила од небото, при што ослепел и го слушнал Божјиот глас: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?". Откако прашал кој му се обраќа, добил одговор: „Јас сум Исус, Кого Го гониш ти" (Дела 9, 5). Тогаш Христос го избрал Савле правејќи го Павле. Тој постанал најревносен проповедник на словото Божјо. Неговата главна мисија се одвивала меѓу незнабошците. Организирал три мисионерски патувања, при кои ги посетил Сирија, Палестина, Антиохија, Кипар, Мала Азија, Атина, Рим, а ја посетил и Македонија. Секаде проповедал и правел чуда, но поднесувал и сурови маки и страдања. Овој проповедник на словото Божјо Му служител на Господа целиот свој живот се каел за заблудите од младоста, сознавајќи за својот грев и недостатоци. Тој ја отворил душата во своите посланија и се јавил како најголем човек со својата кротост и скромност. За да не биде на товар на никого со своите раце го заработувал лебот. Апостолот Павле се јавил како пример на сите нас за тоа како да се бориме со страстите. Тој се јавува како помошник во животот на сите кои сакаат да им одолеат на слабостите. Се јавува како утешител и показател како да се сочува верата во Бог Кој Е љубов. Поради неговата вера и подвизи бил издигнат до третото небо. Тој нѐ поучува за љубовта со зборовите: „И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи" (1 Кор. 13, 3). И апостолот Павле го завршил својот живот маченички во истата 67 г. во Рим.


Животот на овие двајца апостоли ни го покажува патот кон спасението. Да се обратиме со искрена молитва кон нив за тие да бидат наши молитвеници и помошници. Амин.


Свети Петар и Павле - Петровден
Храм „Свети Петар и Павле", Кичево
12.07.2021 год.

 

petrovden2021 1petrovden2021 2petrovden2021 3petrovden2021 4petrovden2021 5petrovden2021 6petrovden2021 7petrovden2021 8petrovden2021 9petrovden2021 10petrovden2021 11petrovden2021 12petrovden2021 13

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3