„Откако примивте благодат на исцеленија, им давате здравје на оние кои се во неволји, лекари и преславни чудотворци; но со вашата посета ја поразивте и дрскоста на воинствениците, исцелувајќи го светот со чудеса“ (кондак на утрена на свети бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан).

 

На 14.07.2021 година, на празникот на светите бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан, во храмот „Св. Козма и Дамјан“ („Св. Врачи“) во Пештани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Ристе Ристевски, свештениците Атанас Казанџиски, Димче Азески и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


За време на светата литургија ги слушнавме зборовите на Господа Исуса Христа со кои ги испраќа Своите ученици на проповед. Христос видел голем број на луѓе кои го следеле и очекувале духовно и телесно исцеление. Тогаш Господ се сожалил над народот кој бил изморен и распрскан како овци без пастир. Примерот со овците Спасителот го употребува повеќе пати. Овој пример се однесува на луѓето кои имаат потреба од духовна храна. Луѓето, како и овците кои не се собрани во стадо и немаат свој пастир, се изложени на различни опасности. Во животот се случува луѓето да се оддалечат од Бога и да потпаднат под власта на ѓаволот. Понатака, Господ употребува друга метафора, споредувајќи го народот со жетва во поле кое созреало за собирање, но нема доволно жетвари за да ја соберат жетвата.


Спасителот за време на Својот земен живот со Неговото учење и проповед и вршење на многубројните чуда ги подготвувал учениците за плодна жетва. На неговите ученици им претстоело да жнеат со утврдување на нивните умови и срца во учењето Христово и да приведат многу народ во царството небесно. Затоа Тој ќе каже: „жетвата е голема, а работници се малку. Затоа, помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници за Својата жетва" (Мт. 9, 37-38).


Самиот Господ Исус Христос се моли на Господарот на жетвата – на Отецот небесен. И кога ги испраќа апостолите на проповед, ги повикува кон таквиот повик, за Бог да ги услиши нивните молитви и да ги наоружа луѓето со духовна делатност, со силна и непоколеблива вера, со разбирање и умеење и со посебни способности. Ние гледаме дека Христос им дал сила над нечистите духови и да лекуваат секакви болести. Христос ги обдарил со таква сила – да прават чуда, какви што правел Он. Тоа не била нивна сопствена сила, туку дар Божји, па затоа и чудата ги правеле во името на Бога. Кога Господ Исус Христос ги испраќал Своите ученици на проповед за приближување на царството небесно, Он знаел дека тоа нема сите да го прифатат со радост. Тој знаел дека многумина пред нив ќе ги затворат дверите на нивните домови и ќе станат да хулат, натажувајќи ги Божјите претставници, а некои дури и ќе кренат рака на нив.


Тие што привикнале да живеат со земни задоволства и што се задоволени со земните благодети, не сакаат да слушаат за небесното и дефинитивно, тие ќе настапат како непријатели на новото учење, во чија основа лежи небесниот свет. Тие не можеле да се откажат од удопствата и телесните наслади и од она што е привлечно за телесните очи.


Слушајќи го денешното Евангелие, ние се поучуваме дека уште во Стариот завет, проповедниците биле гонети, а истата судбина ги снашла и апостолите и мачениците. Непријателот на човечкиот род не спие никогаш, туку постојано демне и работи, со цел да оддалечи од Бога што е можно повеќе души и да ги наведе на зло и пропаст.


Но, ќе има и такви кои ќе ја засакаат правдата и кои не ќе можат да живеат без да ги запазуваат заповедите Божји. Господ на луѓето им ја открил вистината и ги дал Своите животворни заповеди, кои според зборовите на свети Исак Сирин, претставуваат очистителни лекарства во нашата страсна состојба. Тие ни се дадени за да ја очистиме душата од секакво зло и нечистотија. Како што вели еден подвижник: тоа што се лекарствата за болното тело, тоа се заповедите за страсната душа.


Прославувајќи ги денеска светите бесребреници Козма и Дамјан, да се обратиме со искрена молитва за тие да бидат наши молитвеници, за исцеление на нашите тела и души, па да одиме по вистинскиот пат и да спечалиме вечен живот заедно со Божјите угодници. Амин.

Свети врачи Козма и Дамјан
Храм „Свети Врачи" Пештани, Охрид
14.07.2021 год.

 

svvracilet2021 1svvracilet2021 2svvracilet2021 3svvracilet2021 4svvracilet2021 5svvracilet2021 6svvracilet2021 7svvracilet2021 8svvracilet2021 9svvracilet2021 10svvracilet2021 11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3