„Сега невидливото Божество во тело, Кое засветли на Таворската Гора, беше видено од апостолите, кои викаа: Боже на татковците наши, благословен си“ (песна од канонот на Утрена на Преображение на Господ Исус Христос).

 

На 19.08.2021 година, денот кога го прославуваме великиот празник на светото Преображение на Господа Бога и Спасителот наш Исус Христос, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. На Литургијата, а според типикот на светата православна Црква, беше осветен и новиот лозов плод, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа која подолу во целост ви ја пренесуваме. На самиот крај, свештеникот Александар Димоски го промовираше новиот Служебник на црковнословенски јазик, а издаден по повод овогодинешниот Јубилеј на Митрополитот Тимотеј - 70 години од раѓањето и 40 години архиерејска служба. Служебникот е во издание на струшката црква, а претставува едно прекрасно издание на кое работеле свештеникот Александар Димоски и протоерејот-ставрофор Игор Никовски, а како уредник се јавува старешината на храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, протоерејот Васко Голабоски.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Светото Преображение на Господа Исуса Христа е тајна на идниот век, која ќе се открие после погубувањето на сѐ што е создадено во шесте дена. Издигнувањето во светот на Небесниот Отец е неизмерна чест од која се лишил паднатиот човечки род. Во јазиците на луѓето нема такви зборови што можат да ја искажат таа блажена состојба. Нема ниту многу избраници кои се удостоиле за време на земниот живот да се допрат до светлината на Отецот. И тие кои успеале во ова не се во можност да го раскажат на други чудото над чудесата. Тоа претставува невидена и неискажлива радост и спокојство, сладост и благоухание, топлина и светлина. За овие рајски дарови им зборува Господ на учениците, говорејќи: „овде стојат некои што не ќе вкусат смрт, сѐ додека не го видат царството Божјо" (Лк. 9, 27). За тоа небесно видување се удостоиле апостолите Петар, Јаков и Јован, кога пред нив се преобразил Господ Исус Христос на гората Тавор. Затоа апостолот Петар, осенет од Таворската светлина, воскликнал: „Добро ни е да бидеме овде" (Мт. 17, 4). Не само што над апостолите се покажала Божествената убавина, туку им било убаво неочекувано да се најдат во близина на древните праведници Мојсеј и Илија, во зраците на Синот Божји – Сонцето на Правдата. Сакајќи да го задржи неземното блаженство, апостолот Петар уште рекол: „Господи, ако сакаш да направиме три сеници, една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија". Сето тоа, апостолот Петар си го претставувал според земната логика, и затоа Спасителот му рекол дека не знае што зборува (Лк. 9, 33). Веднаш потоа Спасителот најавува дека Тој ќе биде подложен на страшни маки и ќе биде убиен, а на третиот ден ќе воскресне. Затоа на гората Тавор не било време за да се прават сеници. Но, преобразувајќи се на Тавор, Господ им дал на тројцата апостоли искуствено знаење за Божјото царство, за божествената слава. Небесниот Учител ги повикал апостолите да се подготват за големите маки и страдања, преку кои ќе наследат блажен и вечен живот. „Ако некој сака да Ме следи, нека го земе својот крст и нека оди по Мене" (Лк. 9, 23).


Кога Господ се преобразил и ја покажал Својата слава, сакал да ги научи и учениците дека и тие треба да се преобразат, односно да го отфрлат стариот човек исполнет со многу похоти (Еф. 4, 22) и да постигнат сопствено преображение. Тавор означува дом на чистота. Оваа гора е покриена со прекрасни дрвја и цветови, но се наоѓа на врвот на планината и до неа се стигнува со тешкотии. Таков е патот на преображението на секој христијанин. Затоа и ние сме должни со напор да се искачуваме на таа висока планина. Таму ќе се надишеме со чист планински воздух, односно ќе се удостоиме да се приклучиме кон светлината на Отецот.


Господ Исус Христос се преобразил заради нас, за да ја просветли нашата темнина и да нѐ преобрази, од робови на гревот во синови Божји. Што сакаме да избереме? Дали ќе се потрудиме да се искачиме на Тавор со помош на Божјата благодат, одејќи како кон светилник што свети во темно место, додека не се раздени (Петр. 1, 19), или ќе останеме во погубните јами на гревот, кои се исполнети со нечистотии, носејќи ги своите души во адскиот оган? Видувањето на Таворската светлина е торжество на чистите срца и предвестие за идната слава.


Со ваква пресветла надеж да го прославиме денот на Преображението Господово и со топла молитва да пристапиме кон Спасителот. Тој да ни подари духовна сила за достојно да го носиме нашиот крст и да се искачуваме на Таворската гора во чистота. Да не се плашиме од работа и тешкотии, за да можеме заедно со апостолот Петар да речеме: „Добро ни е да бидеме овде", а ние да додадеме: „тука и во идниот свет, во најпосакуваното царство на Отецот". Амин.

 

Свето Преображение,
Храм „Свети Георгиј Победоносец", Струга
19.08.2021 год.

 

preobrazenie21 1preobrazenie21 2preobrazenie21 3preobrazenie21 4preobrazenie21 5preobrazenie21 6preobrazenie21 7preobrazenie21 8preobrazenie21 9preobrazenie21 10preobrazenie21 11preobrazenie21 12preobrazenie21 13preobrazenie21 14preobrazenie21 15

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3