Почитувани верници, во прилог Ви ја пренесуваме беседата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изговорена на Вечерната богослужба на празникот на светиот великомаченик Димитриј Солунски - Митровден, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Со Вечерната богослужба ние започнуваме да го прославуваме големиот Божји угодник, кој го запечатил својот живот со мачеништво. Поточно, го славиме светиот Димитриј Солунскиот Чудотворец. Во Евангелието сме слушнале како Господ Исус Христос, поучувајќи ги Своите апостоли и испраќајќи ги на проповед, им дал заповед да се сакаат помеѓу себе. Им кажал дека по тоа ќе бидат препознаени како Негови ученици. Но, истовремено ги предупредил, кажувајќи им дека во светот ќе имаат непријатности и ќе треба да поднесат многу маки и страдања, доколку сакаат навистина да бидат Негови проповедници и следбеници.


По падот на нашите прародители, кои биле непослушни на Божјата заповед во Рајот, откако тие биле измамени од паднатиот демон, целото човештво живее во овој свет во борба помеѓу доброто и злото. „Целиот свет лежи во зло" (1 Јн. 5, 19) – вели свети Јован Богослов. Затоа и апостолите, па и сите христијани на еден или друг начин поднесуваат разни непријатности заради Христовото име. Бог не го создал злото. Сѐ што создал Бог било добро. Но, отпаднатиот ангел Деница, кој од светол станал темен и од добар – лош, постојано се обидува во овој свет да приготви страдања и маки за човечкиот род. Тој постојано нѐ демне сите нас и ги анализира нашите постапки, замисли и намери, обидувајќи се со најлукави итроштини да нѐ одврати од Господа Христа и да не насочи против Него. Нѐ тера или да похулиме на Бога, или да се откажеме од Него.


Имајќи предвид дека секој човек е психофизичко битие, кога тој ќе дозволи телото да господари над духот, односно кога во него ќе загосподарат страстите, слабостите и гревовите, тогаш природно Божјата благодат која ја поседува секој христијанин го напушта и го препушта на ѓаволските сплетки кои водат кон погибел. Затоа и Господ Христос им вели на Своите ученици: „Ќе настапи и време кога секој што ќе ве убие ќе мисли дека на Бога Му принесува служба" (Јн. 16, 2). Преку овие зборови Христос ги уверува апостолите дека им претстои страдање. Така, сите апостоли со исклучок на свети Јован Богослов го завршиле својот живот маченички. Првите векови од христијанството претставувале арена на мачеништвото.


Еден од мачениците на тоа време е и светиот великомаченик Димитриј. Тој жртвувал сѐ што имал – и својата младост и богатството и положбата, но од Христа не се откажал. И покрај сите понуди од Римскиот император и неговата придружба, тој останал верен на Христа. Го завршил својот подвиг и ја потврдил својата љубов кон Христа со својата маченичка смрт. Од тогаш се поминати околу 17 века. Но, неговото име не само што не е заборавено, туку торжествено се прославува од целата Црква. Тој жртвувал сѐ што е времено за она што е вечно. Затоа Божјата благодат се излеала врз неговите свети мошти и икони, па сите кои со вера и побожност му се обраќаат за помош, ја добиваат неговата поткрепа.


И ние, кои денеска го прославуваме во овој свет храм, да се обратиме со искрена молитва и да го побараме неговото содејство пред Севишниот. Да ја зацврсти нашата вера, па и ние да сведочиме дека сме вистински христијани, не само по име, туку и со нашите дела. Така да измолиме милост Божја за вечен и блажен живот, по молитвите на свети Димитриј. Амин!


Вечерна на Свети Димитриј Солунски
ман. „св. Климент и Панетелјмон" Плаошник, Охрид
07.11.2021 год.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3