„Јордане реко, зошто се исплаши? - Го видов Невидливиот необлечен, рече тој, и затреперив; и како да не затреперам и да не исчезнам пред Него? И Неговите ангели се исплашија гледајќи Го; се исплаши и небото, а затрепери и земјата, и морето се разбранува, и сѐ видливо и невидливо. Христос се јави на Јордан да ги освети водите“ (седален на Утрена на празникот Свето Богојавление).

 

На 19.01.2022 година, на денот на славното и свето Богојавление на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос - Водици, денот кога Бог ги освети водите и посведочи за Божеството на Својот Син на Јорданските води, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димче Азески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Голем Богојавленски водосвет, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. По завршувањето на богослужбата, Богојавленската литија, предводена од свештенството, се упати кон водите на Охридското Езеро, каде што истите беа осветени, а традиционално беше фрлен и светиот Крст во охридските води. Оваа година Бог благослови Крстот да падне во рацете на г-дин Мартин Гоџо од Охрид. Него му честитаме со желби и молитви за добро здравје, успех и вера во Бога, а оваа голема радост за него да биде и негов поттик за усовршување во христијанската вера и љубов. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата од Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.


Во денешниот тропар на празникот Богојавление се вели: „ Се јави Христе Боже, и Го просветли светот, слава Ти". Со ова просветлување, Бог ја објави целата вистина за Себе и за целиот свет, за сѐ што постои на земјава и за сите суштества воопшто. Господ доаѓајќи во овој свет, на овој денешен голем ден, крштевајќи се во реката Јордан, ја освети водата и сета природа. Ние денес сме сведоци на тоа, непрекинато Негово чудо. Денешната вода што се осветува, во нашите цркви и извори, не се расипува. Он тоа го прави, за да ни покаже на нас луѓето, кои сме крстени во таа вода, дека преку неа се очистуваме и обесмртуваме. Од нас се протерува сѐ што ја расипува нашата природа и се прогонува сѐ она што е смртно, сѐ што е ѓаволско и сѐ што е гревовно.
Господ Христос, покажувајќи ни го вистинскиот Бог, ни дал да знаеме и ни дал светлина, та ниеден лажен бог да не успее да нѐ заведе, излаже и сл. Со тоа, вистинскиот христијанин, никакви лажни богови и лажни учења не можат да го излажат. Вистина е само тоа што е од Бога, само Он е Вистина, Господ Исус Христос (Јн. 14, 6). Сѐ останато, што е друго и е против Него и од Него не е, лага е и измама е.


Господ слегол во нашиот земен свет и го осветлил сето она што се случува во него, осветлувајќи ја правдата и неправдата. Правда е Неговото евангелие, правда е самиот Он, а неправда е сѐ што е спротивно и е против Неговото евангелие. Слегувајќи во овој свет, Господ, како незаодно Сонце, неспоредливо посилно од сонцето кое што свети и ги осветлува сите длабини на нашиот живот и сите длабочини на небото и земјата, просветлил се, од пеколот до рајот, од демоните до Бога и со тоа, ни покажал што е добро, а што зло. Доброто е единствено она што доаѓа од Бога, а зло е сѐ што исходи од ѓаволот. Тоа е науката на Господа Исуса Христа.


Некој можеби ќе се запраша: Kои се тие патишта што водат од земјата кон небото? Тие патишта ни ги објавил, осветлил, просветил и покажал Синот Божји. Патиштата кои што водат од земјата кон небото сѐ патишта кои што водат кон небесното Царство, односно Рајот. Но, Господ, исто така, ни ги покажал патиштата што водат од земјата надолу, кон пеколниот свет, во царството на злото, демонското царство. Господ им покажал на луѓето зошто се во овој свет. Покажал дека човекот со тело е од земјата, но со душа е од Бога. Тоа е науката Христова за луѓето, и не само тоа, Он и ја објавил и осветлил личноста на човекот во сета вечност. И телото и душата се создадени за живот вечен. Човекот е создаден во овој свет за да се здобие со живот вечен. Тој се постигнува преку Господа Исуса Христа, Кој ја победи смртта со Своето Воскресение. Тоа е нашиот пат, кој води кон Царството небесно или во вечна погибел и ад. Трет пат не постои.


Што е светата Тајна Крштение, со која што Господ денес се крштева, а ние сме крстени по нашето раѓање. Со светата Тајна Крштение, ние се облекуваме во Господа Исуса Христа, она што Господ го покажува на реката Јордан. Кај секој човек кој што се крштева, Господ ја уништува ѓаволската сила, го уништува големото ѓаволско зло, па со тоа, секој крстен човек е должен, кога е облечен во Господа Исуса Христа, да живее според евангелието Негово. Неговиот живот да го потврдува со правење на добри дела, како што правел Он, да биде милостив како што бил Христос, да биде праведен како Христа. Некој ќе рече: Не, јас не можам! Навистина, ние не можеме да правиме сѐ што правел нашиот Господ Исус Христос. Он е Бог, а ние луѓе. Но, затоа како луѓе сме должни постојано да се трудиме, да растеме во правдина, во љубов кон Бога и нашите ближни - луѓето. Нашата молитва и нашиот пост е тоа, што нѐ поттикнува кон небото како христијани. Да не допуштиме гревовите да не совладаат и да не турнат во пеколната геена, бидејќи исходот на гревот не води никаде на друго место, освен во царството на злото.


Господ е дојден во овој свет, ни Ги дал сите Божествени сили, коишто ни се потребни за живот вечен, а тој започнува тука, но завршува во другиот свет. Секој од нас, како христијанин, има задача за себе да си осигура вечен живот, живеејќи чесен и вистински христијански живот. Затоа, да не престануваме да Го прославуваме Господа Исуса Христа, Кој постанал човек. Он како вистински Бог, Кој се јавил и живеел на земјата, помеѓу луѓето, изградувајќи наше спасение, градејќи ја нашата победа над смртта, изградил вечен живот за секој од нас. Преку сите овие дарови што ни ги дал Бог, да немаме оправдување ако свесно грешиме и не се каеме.


Со доаѓањето и со јавувањето, Господ Исус Христос сите нѐ повикува кон Него, а ние да одговориме со чисто срце и душа и да Го следиме по патот што Тој ни го осветли, со Неговото свето евангелие и, одејќи по Него, да се здобиеме со вечен и блажен живот. Амин!

 

Богојавление - Водици

19.01.2022 год.
храм „Пресвета Богородица“ Каменско, Охрид

vodici2022 1vodici2022 2vodici2022 3vodici2022 4vodici2022 5vodici2022 6vodici2022 7vodici2022 8vodici2022 9vodici2022 10vodici2022 11vodici2022 12vodici2022 13vodici2022 14vodici2022 15vodici2022 16vodici2022 17vodici2022 18vodici2022 19vodici2022 20vodici2022 21vodici2022 22vodici2022 23vodici2022 24vodici2022 25vodici2022 26

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5