„Навистина колку е свештена, сепразнична, спасителна и светлозарна оваа ноќ, бидејќи е предвесник на светлоносниот ден на Воскресението: во неа од гробот, телесно, на сите им засветли вечната Светлина“ (песна од канонот на Утрена на Воскресение Христово).

 

На 24.04.2022 година, на денот на сесветлото, торжествено и победоносно Воскресение Христово, на нашиот најсветол празник над празниците Велигден, во манастирот „Св. Климент и Панетелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Кирил Јованоски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. На дочекот на Христовото Воскресение присуствуваше и Претседателот на Владата на Р.С. Македонија, г-динот Димитар Ковачевски. Во оваа торжествена ноќ, беше прочитано и Велигденското послание испратено од Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, заедно со членовите на САС на МПЦ-ОА, кое интегрално ви го пренесуваме.

 

† СТЕФАН,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И
ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ –
ХРИСТОС ВОСКРЕСE!

Да Му благодариме на Бога,
Кој ни дарува победа
преку нашиот Господ Исус Христос1.

Возљубени празникољупци,
Денес торжествуваме и празнично Го величаме Христа воскреснатиот, Кој ја уништи смртта и го порази адот, Кој умрените ги ослободи и стана почеток – првороден меѓу мртвите2.

Бог, Кој стана човек и зеде врз Себе сè човечко, освен гревот3, искусувајќи дури и страдание и смрт – го изврши она што никој пред Него и освен Него не можеше да го направи: го избави човештвото од ропството на гревот и смртта, и овозможи секој што верува во Него да воскресне4! Како што Неговата смрт ја победи смртта на сите, така и Неговото воскресение е воскресение за сиот човечки род! Па, Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син5, та преку Него сите да имаат живот вечен6.

Воскреснатиот Господ е единственото Ново под сонцето7! Тој е Новата Пасха8, преку која човештвото преминува „од смртта кон животот, од земјата кон небото"9 и од временото кон вечното. Тој е лебот и лозата на животот10 коишто им се даваат на оние што со Неговото име се именуваат, на оние на кои никогаш не им престанува радоста од Воскресението. За нив, со сепобедното Христово воскресение, на третиот ден по страдањето, се потврдило дека вистината, правдата и науката за љубовта, коишто Бог му ги објави на светот, не беа уништени на Голгота, туку останаа како богодарувано сведоштво и спасоносно мерило за навек. Впрочем, со Христовото воскресение, воскресна Божјата вистина, се потврди Божјата правда и се покажа Божјата љубов!

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Повеќе од еден милениум нашиот православен македонски народ живее со верата во воскреснатиот Господ, најнапред проповедана од светиот апостол Павле11, а потоа утврдена од охридскиот чудотворец – свети Климент. Двајцата, и со зборови и со дела, го посведочиле боже­ствениот и блажен Живот што се излива од Христовиот гроб и им се дава на сите народи, просветлувајќи ги како незаодно Сонце на правдата, и помагајќи и ние, како народ, да ги согледаме светот и историјата на сосема поинаков начин.
Нашите богољубиви предци, живеејќи по евангелските пораки и следејќи ги богоугодните примери, узнале дека Царството Божјо не е од овој свет и дека тоа се стекнува преку верата во воскресението и со добродетелен живот. Уште во првите христијански времиња многумина од нашиот род ги познале вечните и незаменливи евангелски вредности, и таа вера во сепобедното воскресение, во текот на вековите, мнозина ја посведочиле и со сопствената крв, силно верувајќи во Оној што има власт на небото и на земјата12, и преку Кого „од смртни ‒ постанавме бесмртни"13.

Возљубени чеда во Господа,
Епохата во која живееме често се претставува како нова, како време во кое старите облици на живеење и традиционалните вредности треба да се заменат со нови. Црквата, пак, мајчински нè поучува дека за нешто навистина да биде ново, тоа треба да ѝ припаѓа на вечноста и да извира од спасоносната тајна на Воскресението. Евангелските вредности и Светиклиментовото наследство, втемелено врз нив, имаат непроменливо и универзално значење, не поради нивната древност сама по себе, туку затоа што ни даваат предвкус за идниот век, приведувајќи нè кон заедницата со воскреснатиот и прославениот Син Божји, Кој ја обнови човечката природа и ја избави од распадливоста и од смртта.
Исто така, сведоци сме дека, и покрај сите обиди на светот да се обнови самиот себеси, со посредство на технолошките откритија и човечките мудрувања, тој успева само да направи привид на новото, но не и да воведе некоја суштинска промена. Страстите и слабостите им се неразделни сопатници на сите Адамови потомци при нивното патешествие низ историјата. Војните, болестите, сиромаштијата, гладот, негрижата за беспомошните не запираат и покрај сите насобрани знаења и достигнувања на нашето време. А зошто е така? Така е зашто човештвото, и покрај сиот развој и напредок, останува исто и непроменето уште од денот кога прародителите беа истерани од рајската градина14! Затоа патот кон обновувањето на нашата падната човечка природа започнува со покајанието, проследено со постојано богољубие и човекољубие. А вистинската промена, кон која човештвото копнее, е преумувањето на личноста, преку кое повторно се востановува Христовиот образ во нас.
Предизвиците, пак, со кои се соочува нашето поколение, потврдуваат дека ваквата преобразба ни е пот­ребна како никогаш досега. Создаваме и живееме време преполно со искушенија, време во кое очигледно е отфрлен разумот и, пред сè, заборавен е законот Божји15. Всушност, како да не сфативме дека само доколку ја поз­наеме и живееме со вистината ‒ вистината ќе нè ослободи16, дека само со покајание и со прифаќање на Божјата волја, ќе го најдеме патот што води кон личното и кон сенародното учество во тајната на Христовото воскресение. А тоа е патот на смирението и долготрпението, на крстоносењето и на грижата за ближните на кои им е потребна нашата помош, на делата на добродетелта кои сведочат за преобразителната сила на нашата вера, надеж и љубов. Впрочем, повикани сме да се чуваме од зло, да правиме добро, да градиме и да го чуваме мирот17!

Возљубени чеда во Христа воскреснатиот,
Со неизмерна тага ги следиме известувањата за братоубиствената војна која изминативе недели се води по украинската православна земја. На човекољубивиот Бог Му принесуваме ревносни молитви за да го воскресне мирот во неа и во целиот свет. Пастирски ги повикуваме сите верни да ги сочуваат своите срца од омраза и гнев, потсетувајќи дека нашата најголема борба е против поднебесните духови на злобата18. Љубовта е единствениот лек против злото, а тоа ќе го покажеме доколку со непоколеблива вера, како апостолите и сите богољупци и христољупци во изминативе 20 столетија, ја споделуваме радоста од празниот Христов гроб. Затоа, да застанеме во заедничка молитва за спасение на сите страдални луѓе и на сите што се засегнати од оваа голема несреќа. Да се молиме Бог да им го даде дарот на покајанието и прошката, врз кои се крепи мостот што води кон помирувањето, да си простат и да направат сè заради воскресението.
Кон нашиот православен народ, пак, еве, и во мир се води војна и продолжуваат непријателствата и негирањата! Затоа, да Го молиме воскреснатиот Господ, да ни ги дарува потребните мудрост и единство, и нам, во Татковината, и насекаде до каде што нè има по светов, за да можеме да се одбраниме од сите што ја порекнуваат македонската посебност и сето она што нам ни припаѓа, или се обидуваат со сомнителни статистики да го намалат, па дури и сосема да го избришат многувековното присуство на Македонците по македонската земја, и во минатото и во сегашноста.
Единствениот и вистински Миротворец и Човекољубец, воскреснатиот Господ Исус Христос, да го утврди во нас Својот мир, нека нè упати по патот на покајанието и на добродетелниот живот и нека нè удостои со жителство во вечниот и небесен град ‒ Новиот Ерусалим, таму каде што Тој ќе биде во сите денови, до крајот на светот19. Амин!
Христос воскресе!

† СТЕФАН
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската Православна Црква
– Охридска Архиепископија

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и
администратор Австралиско-новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски и
администратор Австралиско-сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско-осоговски

Велигден, 2022.

1 1 Кор 15, 57.

2 Сп. Кол 1, 18.

3 Сп. Евр 4, 15.

4 Сп. Јн 6, 54 и 1 Сол 4, 14.

5 Јн 3, 16.

6 Сп. Јн 10, 10.

7 Сп. Проп 1, 9.

8 Сп. Пасхален канон, трет припев на 9. песна.

9 Исто, ирмос на 1. песна.

10 Сп. Јн 6, 48 и Јн 15, 5.

11 Сп. Дела 9, 16.

12 Мт 28, 18.

13 Св. Климент Охридски, Собрани дела: слова, поуки, житија, САС на МПЦ, Скопје 2012, 300.

14 Сп. 1 Мојс 3, 23.

15 Сп. Ос 4, 6.

16 Сп. Јн 8, 32.

17 Сп. 1 Птр 3, 11.

18 Ефес 6, 12.

 

veligden2022 1veligden2022 2veligden2022 3veligden2022 4veligden2022 5veligden2022 6veligden2022 7veligden2022 8veligden2022 9veligden2022 10veligden2022 11veligden2022 12veligden2022 13veligden2022 14veligden2022 15veligden2022 16veligden2022 17veligden2022 18veligden2022 19veligden2022 20veligden2022 21veligden2022 22veligden2022 23veligden2022 24veligden2022 25veligden2022 26veligden2022 27

  

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5