„Нека кажат Јудеите како војниците Го погубија Царот Кого Го чуваа, и зошто каменот не го дочува Каменот на животот? Или погребаниот да Го дадат, или на Воскреснатиот да Му се поклонат, говорејќи со нас: Слава на мноштвото Твои штедрости, Спасителе наш, слава Ти“ (Воскресна стихира на Хвалитни на Утрена во Понеделник од Светлата седмица).

 

На 25.04.2022 година, во Понеделникот од Светлата седмица - Втор ден Велигден, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон присутните верници, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос воскресе!


Драги браќа и сестри!


Во текот на целата Светла седмица го прославуваме Христовото воскресение – празникот над празниците и торжеството над торжествата. Нашиот Спасител пред Своите крстни страдања им ветил на учениците: „Вашата жалост ќе се претвори во радост" (Јн. 16, 20). И во каква амнезија ја претворил верата на апостолите кои се сомневале и каков пламен на почести разгорел од пепелта на жалоста! Радоста за Христовото воскресение го осветлила целиот свет. Ликуваат и се восхитуваат сите оние што биле лишени од торжествата помеѓу страдањето и смртта, претчувствувајќи го своето воскресение во љубовта Господова. По нив, незаодната Пасхална светлина ќе ги озари милионите верници по сите краишта на земјата.


Без наша заслуга, а по големата Божја милост, ние христијаните стануваме наследници на апостолската вера. На својот пат кон воскресението ние сме посреќни од апостолите Христови. Нам неспоредливо ни е полесно отколку ним. Нашата вера е сродна на знаење. Ние се утврдуваме на основа на писмото од Евангелието и на многубројните сведоци. Ние знаеме од многувековната историја на Црквата и имаме сознанија какви што немале апостолите. „Вистинската светлина го просветлува секој човек што доаѓа во светот" (Јн. 1, 9). Ништо не ни попречува да го дишеме воздухот на вечноста. Отворената врата нѐ води во Пасхалното царство. Се отвора радоста која нема крај. Нашата вера се темели на непоколебливи пројави и чуда Божји, поткрепени со вековни сведоштва. За да се погледне духовното од нас не се бара подвиг на пламена љубов каква што имал свети Јован Богослов ниту неустрашливоста која ја имале жените мироносици. Нам ни е дадено повеќе и од апостолот Тома, кого Господ го повикал да ги стави рацете во Неговите рани. Нас Христос потполно нѐ просветлува со светлината на непобедливата победа.


Христијаните биле прогонувани и расејувани по разни земји и минувале низ многу искушенија. Поради тоа, апостолите се разбегале од Христа – заради страв од Јудејците. Денеска од секого од нас се бара само искрено да се стремиме кон средба со Спасителот. Ние добивме ветување од Него: „Јас Сум со вас до крајот на векот" (Мт. 28, 20). Божјата вистина ни е дадена изобилно. Потребна е само добра волја за да совоскреснеме со нашиот Господ. Колку е важно да ги затоплиме нашите срца и да го разгориме благодатниот оган од гробот на воскреснатиот Господ. Пожртвуваноста и љубовта е вистинскиот пат кон царството Божјо. Само тоа свето чувство е способно да ја разгори небесната соединителна љубов, која го гради големото Господово семејство на светите ангелски воинства и безброните народи од сите времиња кои се спасуваат со жртвената љубов. Обраќањето на секој еден од нас е радост за горниот свет. Торжествува и Самиот Господ Исус Христос. Нашите срца да се исполнат со нелицемерна љубов кон нашите ближни. Така во потполност и вистински ќе ја прославиме светата Пасха. Ако во нас се зацари взаемна љубов, тоа ќе биде празник и за Самиот Господ.


Воскресението на Спасителот е и наше воскресение. Како ли да ни засветли светата Пасха, кога сме расеани и скитаме по животните маки и секојдневните обврски? Зар во овој светлозарен ден не можеме да го послужиме ближниот со утеха и радост и да ги отвориме срцата на ближниот за Господа? Целиот свет денеска торжествува и мноштво верници ликуваат на сите страни воспевајќи го воскресението Христово. Да се пробудиме и ние со чесен живот во Исуса Христа нашиот Спасител.


Христос воскресе! Навистина воскресе! Повторно и повторно прекрасно се шири оваа радосна вест, откривајќи ни ја неискажливата убавина на вечноста и животворната трајна љубов Божја. Да нѐ удостои Бог да приграбиме во нашите души вистинска пасхална радост. Да не ја менуваме оваа чудесна сила на духот за никакви земни соблазни. Да не ја потрошиме во суетен живот. Според заветот на апостолот, да ја сочуваме љубовта Божја и така да очекуваме милост од Господа – од нашиот Исус Христос за вечен живот (Јуда 1, 21). Амин!


Христос воскресе!
Велигден (Втор ден)
Храм „Свети Георгиј Победоносец", Струга
25.04.2022 год.

 

vtordenvel2022 1vtordenvel2022 2vtordenvel2022 3vtordenvel2022 4vtordenvel2022 5vtordenvel2022 6vtordenvel2022 7vtordenvel2022 8vtordenvel2022 9vtordenvel2022 10vtordenvel2022 11ш 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3