На 29.04.2022 година, во Петокот од Светлата семдица - Источен петок - Балакалија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, го освети новиот храм посветен на Пресвета Богородица, односно на празникот Животочен извро - Балаклија, во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид. Храмот се изгради врз темели од постар храм, а ктитор на истиот е г-дин Бранко Арнаудов од Охрид со семејството. Храмот го фрескоживописа Владимир Симеонов. По осветувањето на храмот беше отслужена и првата Литургија, а по завршетокот на Литургијата, Митрополитот Тимотеј му додели Орден на св. Наум Охридски од Прв ред на г-дин Бранко Арнаудов поради неговиот труд и несебичното дарување на храмот. Митрополитот Тимотеј му додели Орден на св. Наум Охридски од Втор ред и на г-дин Никола Маркоски, кој доброволно беше ангажиран за сето време при изградбата на храмот. Господ на двајцата, како и на сите помагатели, да им дарува стоструко за нивниот труд и одвоено време. На крајот, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос воскресе!


Драги браќа и сестри!


Во текот на целата оваа недела го прославуваме светлото Христово воскресение. Затоа оваа седмица се нарекува светла. Низ долгата историја, човештвото си го поставувало прашањето за вистинитоста на Христовото воскресение. Тоа е основно прашање за целото човештво. Затоа и прашањето за воскресението во својата суштинска пројава го поставува главното прашање на постоењето. Дали постои Бог? „Ако Христос не воскресна празна е нашата вера" – вели апостолот Павле, а потоа ни кажува: „Но, Христос воскресна!" (1 Кор. 15, 17 и 20).


Зошто било потребно распнување на крст и воскресение на Синот Божји? Да размислиме уште еднаш за тоа: Кој е Оној што страда? Кој е Тој што е распнат и погребан како слуга и чие воскресение денеска прославуваме? Најпрво Тој е Единороден Син Божји и Создател на светот. Тој е Богочовек и Спасител на целокупното човештво. Потоа, Тој е и историскиот Месија – Христос, потомок на Давида – царот Израилски. Како што со крстната Христова смрт е извршено нашето искупување така и со Неговото воскресение ни е подарен вечен живот. Затоа Христовото воскресение е предмет на постојани торжества на Црквата. Тоа е непрестајно ликување и врв во празнувањето на светата Христова Пасха. Не само што со воскресението е победен адот, туку е поставен и почетокот на царството небесно. На земјата е испратен Светиот Дух од Отецот. За да се изврши сето тоа било потребно да се случи распнувањето и воскресението Христово. Со воскресението Христово е поништен падот на Адам. Човештвото веќе не е во ропство на гревот. Затоа свети Григориј Ниски поучува: Мудрата изрека вели дека во радосен ден се зборува за бедност и за мака. Денешниот ден нѐ тера да зборуваме за голем празник. Денеска исповедаме за небото и земјата. Денеска небесниот Создател нè прави небесни. Тогаш преку грев се зацарила смртта – сега Животот повторно прима власт преку правдата. Тогаш еден отпаднал и нѐ вовел во смртта, а сега повторно Еден нѐ води во живот. Тогаш преку смртта ние отпаднавме од животот. Сега со животот се уништува смртта. Тогаш од срам се сокрил со смоквини лисја – денеска со славата на дрвото се доближуваме до животот. Тогаш заради непослушност бевме истерани од рајот, а сега со вера влегуваме во рајот. Што ни преостанува да правиме после ова? Што друго ако не да се зарадуваме, како што вели пророкот: „Горите заиграле како овни и ридовите како јагниња" (Пс. 113, 4). Така, дојдете да се радуваме во Господа. Тој ја скрши силата на непријателот и нѐ издигна победоносно со знамението на крстот. Тој го порази непријателот. Да воскреснеме со глас на радост, како што воскликнуваат победниците над непријателите.


Од Светото писмо знаеме дека Бог не ја создал смртта. Тој го создал човекот за бесмртност. (Мудр. 1, 13 и 2,23). Човекот е создаден за вечен живот во состојба на внатрешна хармонија. Тој бил должен да се утврди во доброто и да пројавува послушност кон Бога, како благодарен син кон својот родител. Но, човекот не се воздржал пред искушенијата и користејќи ја својата слобода, паднал во грев. Така гревот влегол во светот, а преку гревот – и смртта. Престапувањето на добрата волја на Создателот се нарекува гревопад. Со престапувањето на заповедта Божја првиот Адам се поставил себеси во центарот на животот. Поради егоизмот било изгубено не само единството на човекот со Бога туку и на човекот со човекот. Се изгубила љубовта, се јавила омразата. Како последица на тоа дошло и првото убиство.


Така било сѐ до појавата на Христа. Луѓето биле поробени од гревот. Самиот Господ Исус Христос со Своето крстно страдање ги соединил луѓето со Бога. Тој ја раскина клетвата (Гал. 3, 13). Се принесе Себеси на жртва за да ги земе гревовите (Евр. 9, 28) и да ја симне од нас вината. Со таа жртва се покриени сите наши гревови и тоа не само минатите туку и сегашните и идните. Со страдањето на Спасителот човештвото нашло душевен мир, помирување со Бога, невидено голема радост и синовска блискост со небесниот Отец. „Бог толку го засака светот што Го даде и Својот Единороден Син" (Јн. 3, 16). Со воскресението Христово се отворија вратите на царството небесно. Светот е спасен. Христос воскресе! – значи во секого од нас се јавува надеж за воскресение и вечен живот. Честит празник и за многу години! Амин!


Светол  петок

храм „Пресвета Богородица“ (Животочен Извор)
29.04.2022 год.

 

istpet2022 1istpet2022 2istpet2022 3istpet2022 4istpet2022 5istpet2022 6istpet2022 7istpet2022 8istpet2022 9istpet2022 10istpet2022 11istpet2022 12istpet2022 13istpet2022 14istpet2022 15istpet2022 16istpet2022 17istpet2022 18istpet2022 19 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5