„Светлино неизменлива, Слове, на неродениот Отец Светлина, во Твојата светлина, денес на Тавор покажана, ја видовме и Светлината на Отецот, и Светлината на Духот, Кој во светлина го води сето создание“ (светилен на Утрена на свето Преображение на Господ Исус Христос).

 

На 19.08.2022 година, на денот на светото Преображение на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред самиот крај на Литургијата, беше осветен и новиот лозов плод. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон насобраните верници со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска прославуваме еден од големите Господови празници. Поточно, го славиме празникот Преображение. Со самиот збор „преображение" секогаш се буди надеж за подобро утро. Овој збор се спомнува не само во Светото писмо туку и во богослужбите, во литургискиот живот, но, и во секојдневието на луѓето. Кога ние зборуваме за преображение, тогаш подразбираме една нова состојба, различна од претходната. Подразбираме некоја принципиелна промена која има огромно значење. Таа промена несомнено води кон подобро од тоа што било дотогаш. Затоа ние зборуваме за преображение на личноста, промена на општеството и системот и сл. Но, секогаш во овој збор гледаме надеж.


Преображението Господово нѐ навраќа на значајниот настан што се случил на гората Тавор. Господ таму се преобразил. Од обичен Човек, каков што Го гледале апостолите, Тој постанал поинаков. „Неговото лице светна како сонце, а алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег (Мт. 17, 2 и Мк. 9, 3). Што означува снегот за тие јужни предели? Ние знаеме дека во Палестина снег скоро никогаш да нема. Тоа е нешто ретко и восхитувачко и ја одразува чистотата на небото на земјата. Ако се погледне кон Палестинските врвови, понекогаш може да се забележи малку снег. И навистина, како тогаш, така и сега, жителите на Палестина гледале на таа височина и се восхитувале на снежната покривка. Затоа оваа претстава на снегот е искористена како симбол на белина. Што да се каже за чувството на апостолите кои Го виделе преобразениот Спасител, Кој сјаел како снег од висините на планината?


Но, да се запрашаме: зошто било потребно преображението пред Христовите страдања? Кондакот на денешниот празник одговара на ова прашање: „Кога ќе го видат доброволното страдање, да го проповедаат на светот". Апостолите биле во предворието на страдањата и било потребно да ја видат славата Господова. Тоа било со цел да не се помрачи верата на апостолите кога ќе Го видат Христа понижен, раскрвавен и распнат. Покажувајќи ја Својата слава, толку колку што можеле да поднесат апостолите, Тој имал за цел апостолите ова да го поврзат со сѐ што се случило пред тоа и што ќе се случи потоа. Така, да разберат дека страдањето е доброволно и да бидат свесни за вистинската Христова слава. Помеѓу апостолите на Тавор бил и апостолот Петар. Како што вели Евангелието, апостолот не знаел што да каже, па рекол: „ Добро ни е да бидеме овде; ако сакаш, да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија" (Мт. 17, 4). Апостолот Петар бил надвор од себеси и неговата реакција покажува како се чувствувал во тој момент. Апостолите се допреле до царството небесно и претвкусиле од вечноста. Затоа апостолот Петар рекол: „Добро ни е да бидеме овде".


Но, што се случило по овој настан? Кога Спасителот бил заробен и кога Го повеле во дворот на првосвештеникот Кајафа и почнале да Го судат, тогаш што направил Петар – сведокот на преображението? Тој се откажал и тоа не еднаш. Ние не знаеме ништо за Јаков кој исто така бил на гората Тавор. Најверојатно и тој избегал со останатите апостоли. Само Јован, најмладиот апостол, го сочувал преображенското чувство и љубовта кон Спасителот. Ова му помогнало да не побегне како останатите, туку заедно со Богородица да остане на Голгота под крстот.


Но, искуството на преображението и созерцавањето на Божјата слава не било напразно. Тоа имало за цел да ги убеди и утврди тројцата апостоли. Но, само апостолот Петар кажал: „Добро ни е да бидеме овде". Неслучајно денеска на Литургијата го читаме делот од второто соборно послание на апостолот Петар, во кое тој се обраќа до христијаните со зборовите: „Браќа, затоа уште повеќе настојувајте да го зајакнете вашиот позив и избор, оти, ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите" (2 Петр. 1, 10). Овие зборови ни помагаат да разбереме низ што поминал апостолот Петар на Тавор, но и во мигот на одрекувањето. Овие зборови доаѓаат од длабочината на душата и од неговото лично искуство. Тој разбрал дека мора да остане со цврста вера во повикот и тогаш кога силите ќе ослабат.


Денешниот празник Преображение ни покажува прекрасен образ на преобразување во слава на јавениот Христос. Таа слава и тоа јавување Христово на секого треба да му помогне за да може да ги преживее сите внатрешни тешкотии, во кои спаѓаат и слабеењето на верата и разочарувањето. Настанот на преображението да ни помогне да разбереме дека низ искушенијата треба да помине секој човек и за да влезе во царството Божјо потребна е сила. Сите сме повикани кон таа борба. Преобразениот Господ Исус Христос да нѐ преобрази и нас за да можеме да ги надминеме сите искушенија и да останеме силни во верата. Да бидеме вистински следбеници на Господа Исуса Христа во целиот живот. Амин!

 

Преображение на ГИХ
Храм „Свети Георгиј Победоносец", Струга
19.08.2022 г.

 

PREOBRAZEN2022 1PREOBRAZEN2022 2PREOBRAZEN2022 3PREOBRAZEN2022 4PREOBRAZEN2022 5PREOBRAZEN2022 6PREOBRAZEN2022 7PREOBRAZEN2022 8PREOBRAZEN2022 9PREOBRAZEN2022 10PREOBRAZEN2022 11PREOBRAZEN2022 12PREOBRAZEN2022 13PREOBRAZEN2022 14PREOBRAZEN2022 15PREOBRAZEN2022 16PREOBRAZEN2022 17PREOBRAZEN2022 18 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3