„Си воскреснал од мртвите, Животе на сите, и ангел светол им викаше на жените: Престанете со солзите, благовестете им на апостолитњ, повикајте пеејќи: Воскресна Христос Господ, Кој благоволи, како Бог, да го спаси родот човечки“ (седален воскресен во недела на Утрена, глас 8-ми).

 

На 09.10.2022 година, во Седумнаесеттата недела по Педесетница и на празникот Упокоение на св. ап. и ев. Јован Богослов и на преп. Нил Калабриски, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевче Тошевски, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на храмот „Св. вмч-чка. Варвара“ во селото Долно Добреноец, Кичево. Темелот на храмот е осветен од раката на Митрополитот Тимотеј на 05.08.2000 година, а истиот се градеше по иницијатива на Иницијативниот одбор, чии членови се: Никоски Добре, Алексоски Стојан, Софрониоски Бранко, Николоски Бранко, Крстески Светозор, Митрески Бранко, Здравески Стојче, Стефаноски Мито, Софрониоски Даме и Крстески Трајче, а истиот се изгради со донациите на локалното население и на сите добронамерни верници од пошироката околина. Откако беше осветен храмот, се отслужи и првата света Литургија, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Во денешното Евангелско четиво од светата Литургија ги слушнавме зборовите на нашиот Господ Исус Христос: „'О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!' И во тој час оздраве ќерката нејзина" (Мт. 15, 28). Верата и нејзиното значење во нашиот живот честопати се предмет на нашето размислување и тема на повеќе проповеди во нашите цркви и манастири. Тоа е и оправдано. Верата е темел и основа на нашиот живот и еден од битните услови за нашето спасение. Но, се поставува прашањето: Која вера и каква вера? Само чистата и јака вера во Бога и во неговата неограничена љубов кон луѓето и вера во сезнаењето и семоќта Божја. Постојаната и непоколеблива вера без никакви сомневања е чудотворна. За таква вера ни зборува и денешното свето Евангелие што го слушнавме за време на светата Литургија во овој новоосветен храм Божји.


Господ Исус Христос, како што знаеме, постојано патувал од едно место на друго, минувајќи низ цела Палестина, проповедајќи ја Божествената наука. Така, еднаш пошол од Галилеја во Тир и Сидон – места во кои според Израилците живееле незнабошци, односно потомци на проколнатите наследници на Ное од неговиот син Хам. Ние знаеме дека секогаш Христа Го следеле многу луѓе. Едни сакале од Неговата уста да го слушнат словото на Неговата наука, други барале исцеление на некој близок итн. Во оваа прилика, Христа Го следела една жена Хананејка, која Го молела да ја излекува нејзината тешко болна ќерка која со години страдала од нечист дух. Оваа несреќна жена одела по Христа и викала: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко ја мачи демон" (Мт. 15, 22).


Оваа страдална мајка најверојатно побарала лекарства кај многу лекари, но не нашла. Слушнала од луѓето за небесниот Лекар и Исцелител Исус Христос Кој им помага на луѓето и ги лекува и најтешките болести. Слушнала и за Неговата безгранична љубов и милосрдие кон страдалните и тргнала по Него со силна и непоколеблива вера и надеж дека само Тој може да ѝ помогне и да ја излекува нејзината ќерка. Но, како туѓинка сметала дека е недостојна да излезе пред Неговото лице и да побара помош. Затоа одела по Него и постојано молела: „Смилувај ми се, Сине Давидов". Христос како да не ги слушал нејзините молења. Одел напред и не одговарал на нејзината молба. Неговата Божествена љубов изгледала како незаинтересирана за болката на оваа скршена жена која страдала заедно со својата ќерка. Неговите ученици, слушајќи ја нејзината постојана молба, Му рекле на учителот: „Отпушти ја зашто постојано вика кон нас" (Мт. 15, 23). Некој може да помисли дека апостолите имале повеќе слух и поголемо сострадание кон оваа мајка отколку нивниот Учител. Но, Христос на нивната молба одговара: „Јас сум испратен само за изгубените овци од Израилот" (Мт. 15, 25). Со овие зборови Христос одбива да ѝ помогне на оваа жена, не затоа што таа не е дете од израилскиот народ, туку за да ја зацврсти нејзината вера во Неговата семоќност. Таа останала упорна и со уште посилна молба ја побарала Неговата помош. „Господи, помогни ми!". На ова, Господ одговара со уште потешки зборови: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата" (Мт. 15, 26). И покрај тоа што овие на прв поглед се навредливи зборови, тие уште повеќе ја засилиле нејзината вера и надеж. Затоа таа Му одговара на Господа: „Да Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари" (Мт. 15, 27). Таа како да сака да Му каже: „Подај им Ти леб на синовите Израилеви, но и мене допушти ми да земам една ронка од Твојата милост и љубов која ја даваш на децата на Израилот". Со тоа, таа многу јасно кажала дека една ронка од Неговата љубов и Неговото милосрдие ќе направи нејзината ќерка да оздрави и да се ослободи од демонот што долго ја мачел. Оваа голема упорност на верата и надешта вродила со плод кај оваа необична туѓинка. Тогаш Христос ѝ рекол: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!" (Мт. 15, 28).


Господ Исус Христос е извор на љубов и милост кон луѓето за кои слезе од небото, пострада и воскресна. Тој намерно ја одолговлекува помошта, сѐ со цел да ја испита упорноста и цврстината на нејзината вера. Со тоа ни дал пример и на сите нас денеска. И ние, кога имаме потреба да молиме нешто, да бидеме цврсти и упорни во нашето барање и да покажеме јака и непоколеблива вера. Нека Господ Исус Христос ни помогне преку примерот на жената Хананејка, како и со силната и непоколеблива вера на света Варвара, на која е посветен овој свет храм.


Денеска го осветивме овој свет храм посветен на света великомаченица Варвара која ја жртвувала младоста за верата во Христа и била убиена од нејзиниот тетко затоа што го примила христијанството. Овој свет храм да ни послужи на сите нас за добро. Да влегуваме во него отворајќи ги нашите срца и души пред Бога и барајќи прошка за нашите престапи и гревови. Да излегуваме од него преобразени, одејќи од сила во сила и славејќи Го Бога, сега и во сета вечност. Амин!


Седумнаесетта недела по Педесетница  

Осветување на храм „Света Варвара" с. Добреноец, Кичево
09.10.2022 год.

 

osvdobrenoec2022 1osvdobrenoec2022 2osvdobrenoec2022 3osvdobrenoec2022 4osvdobrenoec2022 5osvdobrenoec2022 6osvdobrenoec2022 7osvdobrenoec2022 8osvdobrenoec2022 9osvdobrenoec2022 10osvdobrenoec2022 11osvdobrenoec2022 12osvdobrenoec2022 13osvdobrenoec2022 14osvdobrenoec2022 15osvdobrenoec2022 16osvdobrenoec2022 17osvdobrenoec2022 18osvdobrenoec2022 19osvdobrenoec2022 20osvdobrenoec2022 21osvdobrenoec2022 22

 

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3