besediВо името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашата света православна Црква денеска го прославува свеченото влегување на Небесниот Цар во Ерусалим. Господ Исус Христос за време на Неговиот живот повеќе пати влегувал и престојувал во Ерусалим. Но, пред Неговите страдања, Он ќе влезе во Ерусалим онака како што прилега на Цар. Он има полно право на тоа, бидејќи сето тоа што го правел е за да го исполни она што било речено во Писмото за Него од пророците, како што пишува и светиот апостол и евангелист Матеј: „А сето тоа стана за да се исполни кажаното преку пророкот, кој вели: Кажете и на ќерката Сионова: ете, твојот Цар доаѓа пред тебе кроток, качен на ослица и осле, син на подјаремница“ (21, 4). За Христа како Цар пророкувале старозаветните пророци. Тие ја повикуваат кон радоста ќерката Сионова - Ерусалим да го прославува Царот на Славата: „Ете, Господ објавува до крајот на земјата: кажете и на ќерката Сионова Твојот Спасител иде; наградата Негова е со Него, а отплатата Негова - пред Него“ (Исаија 62, 11). Додека, пак, старозаветниот псалмопеач Давид има пророкувано: „Од устата на младенците и девојчињата си ја создал похвалата Своја, заради непријателите Твои, за да го срушиш непријателот и одмазникот“ (Пс. 8, 2).

Господ Исус Христос многупати им зборувал на апостолите и на народот за Неговото царско служење, но не земно, не преодно, туку небесно и вечно. Но, ниту апостолите, а уште помалку народот, го разбрал правилно. Тие очекувале земен Цар за да ги избави од ропството и тиранијата што Римската империја ја спроведувала над нив.

Христовото Царство, како што рековме, не е од овој свет, но тоа е неоделиво од Црквата, од земјава и од луѓето, бидејќи тоа е за луѓето. На денешен ден Господ Исус Христос извршил царско влегување во Ерусалим заради љубовта кон луѓето и заради луѓето. Тој влегува во градот како што влегувале силните војсководители после некои борби од големо значение, борби за да се биде или не, или пак, како што влегувале силните цареви. За такви поводи во минатото се граделе и посебни триумфални порти преку кои минувале овие знаменити личности. Народот радосно го пречекал во Ерусалим со фрлање на своите алишта на местото каде што требало да помине, како и палмови и врбови гранчиња и вокликнувале торжествено „Осана“ - што значи спасение, „благословен е Оној Кој иде во името Господово“ (Мат. 21, 8-9). Цел Ерусалим се кренал на нозе да Го пресретне и да Го поздрави Исуса Христа како пророк од Назарет Галилејски.

Но, нема да помине многу време и истите тие луѓе ќе почнат да викаат: „Распни Го, распни“ . Токму овој настан нè поучува дека во овој свет сè е менливо и непостојано, затоа и се вели „Не надевајте се на кнезовите од овој свет“. По овој свечен пречек на Христа во Ерусалим ќе настапат денови на предавство, понижување, откажување од Христа, судење, распнување и погребение.

Во Светото Писмо Христос се нарекува втор Адам. Со првиот Адам луѓето погрешиле и затоа примиле смрт како плата за гревот. Во новиот Адам луѓето примаат нов живот и спасение. Вториот Адам сега во Ерусалим го пресретнува толпа народ која ликува заедно со младенците. На првиот Адам се надвисил мракот на гревот, за жал кон него и тој се приклонил. Додека народот сè уште ликувал и Го поздравувал Христа, злобниците се собирале против Христа.

Незадоволни од торжественото пречекување на Христа во Ерусалим, злобните фарисеи, книжници и првосвештеници јудејски се подготвуваат и кројат клевети и обвиненија. Првиот Адам подлегнал на соблазната и направил грев и навлекол трагедија врз севкупниот човечки род. Вториот Адам – Христос, пак, времено дава можност неправдата и гревот човечки да торжествуваат и се предава Себе во раце на беззакони луѓе. Во Црквата се вели дека злото торжествувало во актот или во моментот на Христовото предавање, Неговото понижување и срамната смрт преку распнување. Но, во првиот Адам била желбата за возвишување, издигнување, волјата да биде бог, односно гордоста, која ги доведува првите луѓе кон злото и гревот. Тука, пак, кај Христа, доброволното понижување и неискажливото смирение Го приведуваат кон возвишеност, кон победа на доброто над злото и победа над гревот. Таков е законот на духовниот свет. Само преку понижување се стасува кон возвишување и само преку пораз кон победа.

Денеска Господ Исус Христос влегува во Ерусалим да го прими крсниот подвиг, за потоа, преку воскресението, да влезе во слава во новиот Ерусалим. Патот Христов е пат преку Голгота кон небесниот Ерусалим. Да го следиме Христа. Неопходно е да одиме во пресрет на Него, за да имаме општа радост и вечен живот. И ние да го пречекаме и пресретнеме Христа, како што го дочекале во Ерусалим, но наместо да ги постелуваме нашите облеки и зелени гранчиња, да му принесеме добродетели и вистинска љубов. Таквата средба Нему ќе Му биде пријатна, а за нас ќе биде спасоносна. Амин!

Цветници
08.04.2012 година
ман. „Пресвета Богородица – Пречиста“ Кичево

Митрополит Тимотеј

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јуни 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 1 2 3 4 5