Sveti NikolaМитрополит Тимотеј

Правило на верата

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Бог, од преголема љубов кон човечкиот род, ја основа Својата света Црква, и им дава можност на луѓето, преку вистинска вера да можат да ги задоволат сите свои духовни потреби, а за да можат да се спасат и вечно да живеат во Царството Божјо.

 

Верата во Исуса Христа нè прави синови Божји, бидејќи преку неа ние се доближуваме со духот до Небесниот Отец. Преку верата ние го примаме Божјиот закон и неискажливите дарови, како и Неговата благодат, преку кои ние можеме духовно да се издигнеме до небесните височини и живеалишта на духот.

Сите луѓе доаѓаат на овој свет како чеда Божји, бидејќи имаат примено лик и подобие Божјо. Но, и покрај тоа што Божјото посиновување  лежи во создателниот Божји акт, и покрај тоа што луѓето се произлезени како деца Божји од Неговите раце, луѓето можат да се одрекуваат од тоа свое Божјо повикување и да го изгубат Божјото посиновување. Вистинското Божјо посиновување се добива преку верата во Исуса Христа и кој сака да го сочува тоа посиновување треба да престојува во делотворна вера, воден од Духот Божји, како што вели св. ап. Павле: „Сите оние, што се утврдуваат по Духот Божји, се синови Божји“ (Рим. 8,14).

Верата навистина прави чуда. Таа го препородува човекот, ако ја прима со искрено и Богопредадено срце. Таквата вера го облагородува духот и го умножува делото на луѓето, за да постане свето и богоугодно. Знаеме дека без вера не можеме да му угодиме на Бога (Евр. 11,6). Верата треба да роди дела. Таа треба да биде објавена на луѓето, да се овоплоти и да ја искаже својата дејствителна природа преку делата. Вистинската и искрена вера не може, а да не роди Богоугодно дело. Тоа е нејзиниот живот и нејзината сила. Без таа сила верата отпаѓа, исчезнува и се губи.

Можеби не е најправилно да се каже дека верата треба да биде придружена од добрите дела. Тој израз се должи на нашиот обичен говор. Всушност, верата ги раѓа добрите дела и живее преку нив, а не е само придружувана од нив. Верата и доброто не се само сопатници, не се две стихии од различни извори и различен почеток. Доброто дело се раѓа во верата, живее преку неа и умира заедно со смртта на верата. Христијанското богоугодно дело е активна вера. Ние, како христијани, со високиот позив да постанеме синови Божји преку верата во Исуса Христа, сме водени од Духот Божји. Ете уште еден важен услов за Божјото посиновување, а следствено на тоа активно пројавување на верата во делата на љубовта. Да бидеме водени од Духот Божји. Но, да знаеме, нема два различни акти - верата има еден извор, а раководењето преку духот Божји е друг поттик. Искрената, чистата и длабоката вера суштествува преку Божјиот Дух, Кој го привлекува човекот кон верата. Кој е со верата, тој е силен во доброто, бидејќи е воден од Духот Божји.

„Гледајте каква љубов ни дал Отецот, да се наречеме чеда Божји и такви да бидеме“ (1Јов. 3,1). Синовите Божји се и примачи на даровите од Бога. Пред сè, тие го имаат примено ликот и образот на Бога, а преку тоа тие се и наследници на ветувањата, кои Он им ги има дадено на синовите на Земјата.

Бог е совршен. Затоа синовите Божји го слушаат неговиот глас и се стремат кон совршенство и созерцаваат во Него, според мерката на човечките облагородени можности. Бог е возвишен. Он е на Небесата и бескрајно е издигнат во духовниот свет. Небесата на луѓето се исто така бескрајни. Нема едно небо во човечките души. Не едно небо осенува со својата убавина и височина. Секое духовно издигнување ги зацврстува духовните крилја за повисок полет кон нови, поведри небеса.

Овие небеса не се само морални хоризонти и доживувања, не се само светла радост на личното духовно воздигнување. Тоа се повеќе и повторно издигнување во другиот, во небесниот, божествен свет и се активно општење на душата со тој горен невидлив свет.

Севишниот е над сите небеса, видливи и невидливи за нас луѓето. Затоа и Неговите синови секогаш се стремат кон висините со својот позив.

Бог е општо за сите луѓе Небесен Отец. Оттаму и доаѓа сечовечкото братство и сестринство, па, затоа и ние, христијаните, се нарекуваме браќа и сестри во Христа, бидејќи имаме заеднички Отец на Небото. Но, за да бидеме вистински браќа и сестри треба да исполниме и некои заповеди што од нас ги бара светата Црква, а светиот апостол Павле тоа најдобро го искажал во своето послание до Колосјаните, кога вели: „А сега и вие отфрлете се од себе; гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста! Не лажете се еден со друг, откако веќе го соблековте стариот човек со неговите дела, и се облековте во новиот, кој се облекува во познанието, според образот на својот Создател. Каде што нема ни Елини, ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сè и во сè е Христос“ (1Кол. 3,8-11).

Денеска го прославуваме св. Никола Мирликискиот чудотворец, кој со својот живот и со своите дела ги усвоил сите овие норми евангелски и затоа постанал пример и образец и правило на верата наша, пример на кротост  и учител на воздржанието, како што пееме во неговата химна. Св. Никола, како голем поборник на чистотата на нашата вера, нека влие и во нашите срца и во нашите души од неговата ревност, за и ние да живееме според начелата на нашата света Црква. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Никола тој да биде наш молитвеник и застапник пред Севишниот, за да ни подари сè што е корисно и спасоносно за нашите души и тела. Амин!

                                  19.12.2010 година
Св. Никола Мирликиски
храм „Св. Никола Геракомија“ Охрид

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5