Bigorski manastir1

Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител" се наоѓа на 20 километри од градот Дебар, кога се оди по магистралниот пат што води од Маврово кон Струга, по текот на реката Радика, и е сместен во преубав природен предел исплнет со бујна шума и карпи од бигорен камен (по што и манастирот го добива името).

Врз основа на манастирскиот Поменик, препишан во 1833 година за време на игуменот Арсениј, манастирот бил основан во 1020 или 1021 година, од кога потекнува и чудотворната икона на светиот Јован Крстител, која се наоѓа во манастирскиот храм, а се поврзува со името на некој монах Јован, за кој се смета дека е познатиот охридски архиепископ Јован, последниот поглавар на Црквата во Самуиловата држава и првиот архиепископ под византиска власт. Имено, овој монах, кој живеел тука во близина во испосница, Шетајќи се ја видел иконата на Св. Јован Крстител како лебдее во воздухот, над извор со вода. Токму таа икона е причината за изградбата на познатиот бигорски храм, на местото каде иконата била пронајдена. Во XVI век, Бигорскиот манастир се iздигнува во силен духовен и културен центар во Западна Македонија. Во писмените извори се наведува дека за време на турското ропство, поточно во XVII век, манастирот бил опустошен, а манастирскиот храм разурнат. По ова разурнување прв кој го обновил манастирот и изградил ќелии за монасите бил јеромонахот Иларион. Подоцна, во 1800 година, игуменот Митрофан ја обновил и проширил манастирската црква. Во 1812 година наследникот и ученикот на игуменот Митрофан, архимандрит Арсениј, ги проширил манастирските згради, што се наоѓале северно од црквата, а во 1825 година ја изградил манастирската трпезарија. Денешната манастирска црква е изградена на крајот од XVIII и почетокот на XIX век. Градена е од тесни блокови од бигор и има две осмоаголни куполи. Фреските, што се наоѓаат во куполите и во поткуполниот простор, потекнуваат од XIX век и се дело на Дичо Зограф. Внатрешноста на црквата ја краси иконостас во резба, кој е најубавото остварување на македонските резбари. Изработен е во периодот од 1830 до 1840 година, од рацете на познатите мајстори Петре Филиповски - Гарката и неговиот брат Марко - Макарие Фрчковски, како и нивните соработници: Аврам Дичов и неговите синови Васил и Филип, потоа Макариј Негриев Фрчкоски и др. Нивно дело се и балдахинот во олтарот, архијерејскиот трон и игуменскиот стол, настанати во истиот период. На северната страна од црквата се наоѓа конакот, наречен Горни палат, изграден во 1814 година, во кој живее манастирското братство. Во 1825 година, на западната страна од Горниот палат биле изградени машката и женската трпезарија, во кои се наоѓаат фрески, а меѓу нив се и портретите на заслужните игумени Митрофан и Арсениј. Во 1870 година е изграден момочкиот конак, кој служел за живеење на момоците и послугата, а кој денес не постои. Зад овој конак, најверојатно во истиот период била изградена и сејменската кула, која постои и денес, во која живееле чуварите на манастирот, т.н. сејмени. Над главната манастирска порта бил изграден уште еден конак, наречен Долни палат, кој изгорел во 1912 година, по што е обновен, но во стил што не одговарал на манастирската архиектура, па пради тоа истиот е редизајниран и осветен во 2006 година.

Од 1948 година, со смртта на игуменот Спиридон, па сè до раните деведесети години на минатиот век, поради сфаќањата на тогашниот комунистички систем, манастирот е запуштен. Повторниот препород на манастирот, како во духовна, така и во материјална смисла, почнува со доаѓањето на сегашниот игумен, архимандрит Партениј, кој извесен период престојува во манастирот Григоријат на Света Гора, на 23 јуни 1995 година, кога се ставаат темелите на новото манастирско монаштво, кое, по молитвите на светиот Јован Крстител, во наредните години сè повеќе и повеќе се зголемува.

Духовниот живот во манастирот се темели на строго почитување на манастирскиот типик, кој претставува вистински преданиски континуитет на монашкиот типик на Света Гора. Секојдневно се практикува богослужбениот циклус на Црквата, и тоа: утринска богослужба и Света Литургија, вечерна богослужба и повечерие со акатист на Пресвета Богородица. Во текот на денот секој од монасите во братството го извршува своето послушание, што е благословено од духовникот на манастирот. Постојат разни секојдневни послушанија како чреден јеромонах, кој ги служи секојдневните богослуженија, економ на манастирот, магер, чија задача е подготовка на трпезата, архондарик, кој ги пречекува поклониците во манастирот, го објаснува историјатот и се грижи за нивното поткрепување во манастирската гостоприемна соба и за нивно сместување во конаците, потоа монаси што се занимаваат со работа на манастирските имоти и др. Секој од монасите практикува и секојдневно индивидуално правило што е зададено од игуменот.

Паралелно со обновата на духовниот живот, монасите се трудат и за материјално обновување на ова православно светилиште. Имено, водени од зборовите во Светото писмо: Ревноста за твојот дом ме изеде (Пс. 68/2, Јн . 2/17), но и Го возљубив благолепието на Твојот дом, тие вложуваат особен труд во украсувањето на манастирската црква, како и на манастирските конаци и параклиси. Така, кон крајот на 1998 година почнува и реконструкцијата на горниот кат на конакот наречен Горни палат, во кој се сместени монашките ќелии, манастирската магерница и трите трпезарии, и тоа: Големата, или уште наречена машка трпезарија со капацитет за триста гости, и две помали трпезарии што заедно собираат околу 120 гости. Под Големата трпезарија се наоѓа т.н. Женска трпезарија која сега е претворена во манастирски музеј. Исто така, во овој период, се обновува и Големата гостоприемна соба, што се наоѓа во подножјето на Горни палат, а во контекст на престојните преговори меѓу комисиите на Српската и Македонската православна црква, кои се состануваат за решавање на проблемот со автокефалниот статус на МПЦ. Една од тие средби се одржува во Бигорскиот манастир, во јануари 1999 година. По срдечните молитвени прозби упатени кон свети Георги, на 27 септември 1999 година, на празникот Крстовден, е поставен камен темелник за изградба на нови конаци во метохот на Бигорскиот манастир, "Свети Георги Победоносец" - Рајчица, кој се наоѓа на 2 километри од градот Дебар, а на 18 километри од Бигорски, а датира од XVIII век.

Во месец март 2007 година од старец Пантелејмон од манастирот во Бостон, посветен на Светото Преобржение, кој ги добил од Великата Лавра на Света Гора во манастирот пристигаат мошти на свети Јован Кукузел, а во ноември месец, по посетата на Света Гора, архимандритот Партениј носи како благослов и мошти од повеќе светители. Во манастирската ризница има уште дел од Чесниот крст, потоа дел од моштите на свети Јован Крстител, свети апостол Јаков, свети Пантелејмон, свети Кирик, света Параскева, свети Харалампиј, свети Евстатиј, света Марина, свети Никита и свети Трифун, кои се сместени во специјален кивот во наосот на манастирскиот храм, како и мошти од свети Агатангел Битолски, свети Стефан Првомаченик, свети Климент Охридски, свети Климентиј, свети Јован Руски и др., што се наоѓаат на престолот во олтарот и се изнесуваат за целивање на бденијата и службите за време на големите празници.

На денот посветен на свети Партениј Лампсакиски (20 февруари) 2008 година, во манастирскиот овоштарник е извршено осветување на темели за изградба на дрвена црква со руско кубе (кое е изработено во Украина), посветена на свети Серафим Саровски, која ќе претставува дел од скитот што се предвидува да се устрои на ова место. Истата година, за време на Великите пости, поточно по бдението за празникот Благовештение, се поставени и нови крстови на централниот манастирски храм кои се донесени од Киево-Печерската лавра во Украина.

Бигорскиот манастир "Свети Јован Крстител" претставува вистински центар на обновата на православието во Македонија. Постојаните сеноќни бденија исполнети со мелодии на прекрасен изворен источен православен мелос, што се служат спроти големите празници, како Успение на Пресвета Богородица (28 август), Раѓање на свети Јован Крстител (7 јули), Благовештение (7 април), Водокрст (18 јануари), Божик, Велигден и во чест на светите Григориј Палама, Јован Кукузел и Нектариј Битолски, потоа прекрасните богослужби за време на Страсната седмица, но и севкупниот секојдневен литургиски и светотаински континуитет на духовниот живот во манастирот, придружен со пожртвуваниот подвиг на нелицемерно и несебично гостопримство од страна на игуменот и братството за сите добронамерници, се голем придонес во мисијата на Православната црква за спасување на душите на луѓето. Во овој контекст ќе биде неблагодарно да не се спомене дека монасите неуморно извршуваат уште еден подвиг, односно дека поради нивната вистинска љубов и постојана грижа, а по застапништвото на светиот Јован Крстител, во манастирот се излекувале и сè уште се лекуваат голем број на зависници од наркотични средствa.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3