Монашките заедници или манастири како носители на христијанскиот живот отсекогаш во Црквата ја претставувале онаа сила која е свртена кон служење и надградување на останатите служби на црковната заедница. Затоа монашката заедница во Црквата не претсавува еден одделен самостоен организам во однос на Едната Света Соборна и Апостолска Црква, туку во заедница со епископот ја гради истата таа Црква.

Подвижничкиот или монашки живот е определба за Царството небесно, и како таков тој претпоставува оддалечување од светот. Бегајќи од светот монахот ја бара вистинската заедница а тоа е заедницата на љубов кон Бога и ближниот, бидејќи христијаните во светот со Бога се соединети индиректно, преку светите тајни, а монасите пак директно и најнепосредно се соединуваат со Бога. Така, монасите се откажуваат од Божјите дарови, за да би можеле да општат со самиот Дародавец - Христа. Таков дар е на пример брачната заедница, која монахот ја отфрла, но не затоа што го презира бракот, туку поради копнежот за повозвишен, мистичен брак со Христа. "Оваа тајна е голема...(ефес. 5,32)
За да ја постигне оваа непосредна заедница со Бога и ближните, монахот се труди, преку деноноќно покајание, испосништво и послушание, да се очисти од страстите кои произлегуваат од самољубието и кои се главна пречка за таа заедница. Светите отци јасно истакнуваат дека оној што се љуби себе си, не може да го љуби Бога, а ни браќата. И уште, тие велат дека себељубието е корен на сите зла. Страстите ни пречат да изградиме правилен однос кон Бога, Неговите дарови и луѓето, зашто се острастуваме кон нив и ги гледаме со заболен, искривен духовен вид. Светот е добар. Тој станува лош за нас кога го гледаме острастено. Затоа Авва Исак вели: 'Светот тоа се нашите страсти"
Монахот кој е ослободен од страстите ги чисти и очите на душата и има непристрасен однос ( во зависност од степенот на неговото очистување) кон луѓето и предметите. Затоа може на правилен начин да ги користи предметите и да комуницира со луѓето.

Не случајно Св. Максим исповедник во своите 400 глави за љубовта зборува најмногу за очистувањето од страстите. Без нивното очистување невозможно е да се достигне вистинската љубов.

За монашката заедница љубовта не е резултат на некаква сентиментална околност или пак човечка приврзаност (емотивност, соработка, страст) туку една благодатна состојба, дар на Светиот Дух, кој им се дава на оние што се трудат да се очистат од страстите. Затоа, не можеш да го стекнеш Бога и човекољубието во своето срце, се додека си исполнет со себељубие. Колку повеќе срцето се празни од себељубието, толку повеќе ги прима во себе Бога и браќата.

Ова искуство монахот го стекнува преку трудот на секојдневната борба и подвижништво. Од личното искуство на светите отци се гледа колку асоцијална личност станува човекот поради страстите и колку општествено корисна кога ќе достигне обестрастеност и преобразување на страстите. Да се потсетиме на зборовите на Св. Максим Исповедник: 'Душата која во молитва и со љубов се прилепува за Бога, станува мудра, силна, сочувствителна, милосрдна и негневлива, вклучувајќи ги во себе сите божествени одлики.

Св. Василиј Велики ја дава теолошката основа на општежителниот какрактер на монаштвото, кој му помага на монахот да го надмине нездравиот индивидуализам и егоцентризам, давајќи му можност да оствари највозвишена заедница. Пример за монашкото општежитие е соборот на светите апостоли, возглавен од нашиот Господ Исус Христос. Монашкото општежитие, пак, треба да биде пример за христијанската заедница, бидејќи токму заедничарењето, еднаквоста и слободата од робување на било која личност, кои се општествени идеали, се принципи на кои се заснова општежитието.

Заедницата со Бога монахот ја постигнува преку молитвата, учеството во богослужбите и Божествената Литургија. Без молитва како монахот би имал љубов за Бога и браќата. Секоја воздишка кон Бога со зборовите: 'Господи, Исусе Христе, Помилуј ме грешниот", или 'помилуј нè", претставува надминување на егоизмот и отворање кон Бога и луѓето. Колку повеќе монахот се приближува до Бога тој се доближува и до луѓето, како што точките поставени на радиус од круг се повеќе се доближуваат како што тој се доближува до центарот. На ист начин, на заедничките богослужби, монасите се молат, Го слават, Му благодарат и заедничарат со Бога и Неговите луѓе, како со идно тело Христово, како царско свештенство и свети луѓе. Заедничкото служење ги сврзува со силни лични духовни врски. Центарот на таа Богочовечка заедница е Божествената Литургија и Евхаристијата. Заради ова во манастирите секојдневно се служи Божествена Литургија. Самиот збор Литургија (од грчки 'leitton ergon'), што значи заедничка работа на лугето, го покажува нејзиниот карактер. Имено, во Божествената Литургија ние го надминуваме секој нездрав индивидуализам, па дури и религиозниот индивидуализам, и стануваме Црква.

Поимот 'Божествена Евхаристија" ја означува на особен начин заедницата со Бога и меѓу нас самите. Благодарејќи Му на Бога заеднички, ние се соединуваме не само со Бога, туку и меѓу себе, преку нашето евхаристиско општење. Зборот 'Света Причест", пак, најјасно го открива општествениот карактер на оваа Света Тајна, како што вели Св. Јован Дамаскин: 'Се нарекува причестување и тоа е навистина така, бидејќи преку него верните стануваат причасници со Христа, со Неговото тело и со Неговото божество. Тие заедничарат и се соединуваат и се преобразуваат преку неа. Бидејќи од еден леб сите добиваат едно Тело и Крв Христови и заедно стануваат едно скапоцено тело Христово. Така нашето единство и заедничарење во Црквата преку Светите тајни е толку длабоко, како што ке биде и идното единство на телото. Тоа единство не е психолошко, или идеолошко или етичко или организационо, туку телесно-мистично единство."

Ние не го создаваме тоа единство. Ние не го правиме телото Христово. Христос сам нè прави свое тело а ние мора да Му помагаме преку постојано покајание и подвижништво, така што да станеме достојни за тоа единство на телото а не да го попречуваме. Манастирот претставува едно мало откровение на Црквата. Монахот постојано се подвизува во него. Тоа го прави за да ја живее постојано и непречено (колку што му е тоа достапно) Црквата како тајна на Богочовечката заедница. Патот и изворот на оваа заедница е Троичниот Бог.
Но тука постои една привидна противречност. Монахот ја постигнува таа заедница со повлекување од светот. Тоа за светската логика е потполно необјасниво. Тој се оддалечува од луѓето за да стекне ослободување од страстите и така, да ги засака на вистински начин. Ова навистина е парадоксално, но не и противречно. Ова ја оправдува и изолираноста на манастирите, како и изреките од светите отци: 'Бегај и спаси се" или 'Туѓ на сите, пријател на сите".

Св. Григориј Палама во својата прекрасна проповед за Воведение на Пресвета Богородица во храмот, објаснува како Богородица живеејќи долги години во Светињата на светињите, живеела во осама, оддалечена од луѓето, во длабока исихастичка молитва кон Бога. Таму, Таа се припремила за својата идна задача - да посредува за човечкиот род и да ги носи на земјата плодовите од тоа посредништво. Преку својата осаменост и постојано созерцавање на Бога, Пресветата стана најкомуникативната личност во Црквата.

Повлекувањето на монахот од светот не значи несоцијалност, исто како што ни световноста не значи комуникативност. Навистина е прекрасно како несветовните монаси се отворени кон сите, како тие го примаат секој човек како икона Божја и свој брат. Навистина, духовно понапредните и облагодатени монаси можат да го успокојат секој човек, па колку и да е тој збунет и вознемирен. Позната е светоотечката изрека: 'Си го успокоил ли братот свој, ти си го успокоил Бога".

Некој блажен старец, кој му помогнал на едно психички болно момче да се излечи, го држел момчето кај себе една цела недела и притоа, како што велел тој самиот, девет часа ја слушал неговата исповед, без да се помрдне од место.
Несебичното и срдечно гостољубие кое ги карактеризира манастирите, претставува видлив пример на пожртвуваност и служење на монасите на својот ближен. Поскриен е начинот на кој монасите ја изразуваат својата љубов кон луѓето, преку молитва за нив. И како што духовно возрастува монахот, неговата молитва за сета твар, за живите и упокоените, станува сè потопла и попостојана.

Како што Светиот отец Силуан Атонски напишал: 'Има луѓе кои велат дека монасите треба да му бидат од некаква корист на светот, а не да јаде леб за кој не се потрудил, но ние треба да ја разбереме природата на монашката служба и како тој треба да му помага на светот. Монахот е некој кој се моли за целиот свет, кој плаче за светот и ова е неговата главна задача. Но кој е тој што го наведува да плаче за целиот свет. Тоа е нашиот Господ Исус Христос, кој го вдахновува со таква љубов. Тој му ја дава на монахот благодатта на Светиот Дух и преку неа срцето на монахот омекнува и тагува за луѓето, бидејќи не сите се спасени. И нашиот Бог толку ги сожали луѓето што благоволи да пострада на крст заради нив. И Мајката Божја имаше во срцето слична жал за луѓето и посакуваше сите да се спасат.

Монасите својата комуникативност ја изразуваат и преку духовните четива за верните, преку своите писма и особено, преку повременото доаѓање во светот од послушание кон Црквата, заради проповеди, вршење исповед и друга пастирска служба.

Придонес на монаштвото е и запазувањето на верата, јазикот и ентитетот на православните народи во периодот под Турска окупација, што е општо познато од историјата.

Социјалната свест на монахот не се постигнува лесно. Таа е плод на долга и постојана борба. Без неа и без благодатта монахот не може да го надмине себељубието и станува несоцијален. Кога православните манастири и малите монашки заедници собрани околу старецот функционираат правилно, тие стануваат центри кои го просветлуваат православното општество, градејќи го според Христовите идеали. Затоа секој осветен монах или православен христијанин станува центар на вистинската Богочовечка заедница.
Денес кога животот станува сè поиндивидуален, асоцијален па дури и антисоцијален, православното монаштво едноставно и смирено ја покажува заедницата на православната Црква. Тоа им помага на затворените и фрустрирани души да се отворат кон Бога и кон своите браќа, да не се плашат да покажат љубов, и тоа не само кога очекуваат да им се возврати, туку и кога ништо не добиваат за возврат.

Сартр во секој човек гледаше закана за својата слобода. Смирениот, пак, и свет руски подвижник Серафим Саровски, од друга страна, во секого ја гледаше својата радост, па така и им се обраќаше.

Преку Крстот и Воскресението Христово, смртно заболеното општество на нашата падната природа се преобразува во вечна и здрава заедница на новиот човек во Христа.

Архимандрит Георгиј Капсанис
Игумен на Григоријатскиот Манастир
Света Гора

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1