„Откако ја прими благодатта од небото да правиуш чуда, и со крштението ги очисти словенските народи, ти стана похвала и слава на светитеите и великопроповедник и апостол во Македонија. Имајќи, пак, смелост пред Бога, моли Го да ги спаси душите наши“ (литиска стихира на Слава... на Вечерна на св. Климент Охридски).

 

Прославата на св. Климент Охридскиот Чудотворец, на св. вмч. Пантелејмон и на св. Седмочисленици, започна на 08.08.2020 година, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Во подоцнежните часови беше отслужен и Акатист пред моштите на св. Климент Охридски Чудотворец, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон верниот народ, која ви ја пренесуваме во целост.

Nike shoes | Nike Running

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Нашата света Црква, овој град и овој свет манастир денеска го прославуваат својот покровител и заштитник – светиот Климент Охридски чудотворец. Покрај свети Климент, денеска се прославуваат и светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон, како и светите Седмочисленици и сесловенски просветители. Но, светата Црква Христова, во редот на своите светии има безброј Божји угодници, не само познати, туку и непознати, а некои и подзаборавени од земната Црква кои живееле свет, благочестив и богоугоден живот. Тие се заедно со познатите Божји угодници, свети маченици, исповедници, преподобни и со сите други светии. Сите овие Божји угодници ни даваат поука и пример со нивната светост и нивниот живот во согласност со Божјата волја. Некој ќе постави прашање: „Која е користа од светоста за нас денес?" На ова прашање најдобар одговор дал свети апостол Павле во своето послание до Евреите: „Грижете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа" (Евр. 12, 14).


Севкупниот наш живот, како и заветот на Божјите угодници е стремеж кон светоста. Да се зборува за спасение на душата е невозможно без светост и труд за нејзино стекнување. Господ од нас денеска не бара мачеништво, како што барал од Неговите апостоли и од многумина христијани низ историјата, кога Црквата била жестоко прогонувана. Но, денес ние сме должни да живееме според учењето на Црквата Христова и она што таа го бара од нас. Тоа значи дека треба да се живее со Христа и да се постигне светост, односно вечно спасение. Преку тоа, ние постануваме достојни за небесната татковина во вечна радост и постојано престојување во близина на небесниот Отец.


За време на светата тајна крштение, преку нашите кумови ние се одрекуваме од нечестивиот и се соединуваме со Христа. Со помазувањето, пак, со светото миро, ние го добиваме печатот Христов преку Светиот Дух, а преку тоа се обврзуваме дека постојано ќе бидеме со Христа, ќе го следиме Неговото учење и ќе живееме според правилата и насоките што ни ги дава нашата света вера и Црква. Но, доколку ние не живееме исправен христијански живот, благодатта Божја се оддалечува од нас и ние сме препуштени на живот кој е погубен не само за нашите души туку и за нашите тела. Ние сме должни да живееме со Христа. Што значи тоа? Живот во Христа живее оној кој верува во Христа како во Спасител и исповеда дека Тој е Извор на благодатта, без која ние би загинале во нашите гревови. Но, ние веруваме во Господа како во Седржител и Судија, Кој има власт да не прослави и осуди. Да се живее со Христа значи да се прими и живот и утешение и радост и блаженство и најголем пример за подражавање. Следењето на Христос не значи запоставување на семејството, работните обврски и другите сегменти од животот. Напротив! На оние кои го следат Христа, Бог им испраќа благодат да успеваат на секое поле од животот, бидејќи за секое дело е потребно содејството Божјо.


Ние се спасуваме не само со Божјата благодат, која е неопходна, независно колкави се нашите човечки сили, туку на тој пат ни помагаат и Божјите пријатели и светии кои се наши закрилници и молитвеници пред Бога. Тие никогаш не се откажале од нас. Тие се во прославената Црква, а ние сме во земната Црква, но заедно го сочинуваме телото Христово. Уште додека тие биле во овој свет, пројавувале љубов кон луѓето, а сега наоѓајќи се пред престолот на Севишниот, тие имаат уште поголема сила и моќ да се застапуваат и да ни помагаат во нашиот од кон царството небесно.
Прославувајќи ги денеска нашите светии, да се обратиме со искрена молитва, најпрво кон свети Климент. Тој да биде наш молитвеник пред престолот Божји, да ни ја зацврсти верата, умножи љубовта, засили надежта, па така да одиме по патот Христов, кој е единствен спасоносен и води во царството небесно и во вечен и блажен живот. Амин.

 

Вечерна на свети Климент Охридски
Плаошки манастир „Свети Климент и Пантелејмон" Охрид
08.08.2020 год.

 

svklimletvec2020 1svklimletvec2020 2svklimletvec2020 3svklimletvec2020 4svklimletvec2020 5svklimletvec2020 6svklimletvec2020 7svklimletvec2020 8svklimletvec2020 9svklimletvec2020 10svklimletvec2020 11svklimletvec2020 12svklimletvec2020 13

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3