На 26.03.2023 година, во Четвртата недела од Великиот пост - Неделата на св. Јован Лествичник, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј,  во капелата во Митрополитската резиденција во Охрид, изговори пригодна беседа, упатена кон сите верни чеда, а истата Ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Во денешното евангелие ги слушнавме зборовите на светиот ап. и ев. Марко, кој ни раскажува како Господ Исус Христос изгонил од еден млад човек нечист дух, кој го измачувал, го фрлал во оган и вода и честопати го доведувал до самата смрт. Страдалниот родител се обратил до апостолите, учениците на Господа Исуса Христа, но тие не можеле да го излекуваат. Потоа се обратил кај Спасителот, а Христос му рекол: Ако можеш да поверуваш - сѐ е можно за оној кој верува (Мар. 9, 23). Таткото на болниот извикал со солзи и рекол: Верувам, Господи, помогни му на моето неверие! (Мар. 9, 24). Господ го излекувал овој страдалник, кој бил опфатен од бес на глувост и немост. А кога учениците прашале, зошто тие не можеле да го истераат бесот, Господ Христос им одговорил: Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост (Мар. 9, 29).


Оваа историска случка ни помага да разбереме зошто Господ му вели на таткото на страдалникот дека сѐ е можно за оној кој верува. Он не вели дека ако ти си неверен јас нема да те излекувам. Сигурно Господ можел и неверен човек да излекува. Он не бара никакви услови неопходни за извршување на чуда, но заедно со тоа сведочи дека без вера такво чудо е невозможно. И со тоа Самиот Спасител ја утврдува големата вистина, за тоа дека верата е сила која учествува во чудото на излекувањето и дека без вера тоа не може да се случи. Верата се јавува како некој формален фактор, затоа што таа е сила, преку која самиот човек соучествува со Бога во своето излекување и извршување на чудото.


За ова да ни биде појасно доволно е да наведеме еден обичен пример, којшто на сите ни е доволно јасен, односно една аналогија од областа на медицината. Лекарите ги лекуваат луѓето со операции и со некои други методи, но и со помош на лекарства кои му помагаат на организмот да ја совлада болеста со сопствени сили. Но, во излекувањето помагаат не само лекарите и лекарствата туку и самиот болен, и тоа не само со своите физички сили, туку и со душевните. Затоа и лекарите, кога им се обраќаат на болните, многу добро знаат дека освен лекарствата, и нивните зборови им помагаат на болните да ги мобилизираат своите внатрешни сили. На тоа се базира и пастирската грижа за болните, тогаш кога свештеникот со своите зборови им помага на страдалниците, мобилизирајќи ги душевните и физичките сили во борбата со слабостите и страдањата. Без таквото учество на самиот човек не е можно да се очекува излекување.


Така и чудесното излекување, како и секое чудо кое Бог го извршува над нас, не може да се случи автоматски или уште повеќе без учество на волјата на човекот кој бара. Самиот човек учествува во тоа Божествено дејствие, со силата на својата вера. Зошто верата е неопходна за физичко излекување? Затоа што Самиот Бог се јавува како Извор на животот, а следствено и како Извор на лекот. За да делува Божествената сила и да влезе во човекот и да му помогне да ги надвладее физичките болести, неопходно е и согласност од човекот за да ја привлече таа сила. А силата Божја се привлекува само со вера. Дејствителната вера е онаа која ја открива можноста Бог да го направи чудото на излекувањето.


Спасителот вели дека нечистиот дух се изгонува само со молитва и пост, а тоа се средства преку кои нашата вера се зацврстува. Ако ние сакаме над нас да се случи чудо Божјо, ако сакаме да примиме исцеление на нашите немоќи душевни и физички, ние сме должни да ја зацврстиме нашата вера, и да го примиме дарот на душата, според зборовите на св. Јован Кронштадски. Ете зошто во оваа Четврта недела од Великиот пост ние го слушаме ова евангелие според Марко, каде се содржи јасен повик за укрепување на верата преку молитва и пост. Црквата нѐ повикува да се очистиме и оспособиме да ја примиме Божествената благодат, а по волја Божја да се удостоиме и за Божјо чудо.


Верата е како синџир кој ги поврзува Бога и човекот, преку кој на човекот му се предава Божјата енергија или дел од Божјата сила. А што е поголемо од таа сила? Дали тие наши немоќи и човечки болести можат да застанат помеѓу Бога и човекот, ако и бесовите се изгонуваат преку вера? Со вера ние можеме да ги победиме сите лоши и темни сили, како и болестите и тагите. Господ Бог да ни помогне да растеме во верата, да ја укрепуваме со молитва и пост, та поминувајќи ги останатите денови од светата Четириесетница исполнети со покајание и смирен дух, очистени да го дочекаме светлото Христово Воскресение. Амин.

Капела во Митр. резиденција
26.03.2023 г.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5