„Црквата на преподобните Ти принесува похвала, Христе, Кој живееш во Сион, зашто Израил Ти се радува Тебе - својот Творец, и народите - овие каменити планини - се радуваат пред Твоето лице и Ти пеат, Господи, песна победничка“ (песна од канонот на утрена на Цветници).

 

На 09.04.2023 година, во Неделата пред пресветлата Пасха - Недела цветна - Цветници, во манастирот „Пресвета Богородица“ - Пречиста во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, еромонахот Ефросиниј, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска јудејскиот народ Го дочекува Господа Исуса Христа со восклиците: Осана на Синот Давидов. А само по неколку дена, истите тие луѓе во истиот град Ерусалим ќе викаат за Него: распни Го, распни Го. Тоа, пак, ќе се покаже како триумф на Неговото доаѓање и служење. Евреите, горди на тоа дека се избран народ, дека се деца на Авраама, Исака и Давида, а сега под римско ропство, во Господа Исуса Христа гледале иден цар, Кој ќе ги ослободи од Римјаните и Кој нив ќе ги седне на најважните места да господарат. Но, како што знаеме, Христос доаѓа како Месија и Спасител, како поинаков Цар. Он доаѓа во светот не да царува според човечките очекувања туку за да го донесе Царство Божјо на земјата, царството на душите, не за величање на правот туку за величање на нераспадливоста и бесмртноста.


Ние како христијани го прославуваме влегувањето на Господа Исуса Христа во Ерусалим како симбол на торжество на Неговото царство, торжество на Неговата правда на земјата, торжество на љубовта и добродетелите коишто Он ги донесе во овој грешен свет. Светата Црква Христова повеќе од две илјади години ја прославува оваа цветна недела онака како што Го дочекале Господа во Ерусалим. Во древниот Ерусалим Го дочекале Спасителот со палмини гранчиња и други цветови. Кај нашиот народ, а и кај останатите словенски народи, се воспоставила традиција да се прославува и поздравува Спасителот со зеленила, со врбови гранчиња или со некои пролетни цветови, што претставува симбол на воскресението, онака како што природата оживува после долгата и студена зима. Денеска, пак, за нас верниците, и за оние кои ја сочувале верата во Христовото учење, овој празник се јавува како воскресение на душата. Денеска во нашите раце имаме разни гранчиња како што имале и луѓето во Ерусалим кога Го пресретнувале Господа Исуса Христа, а сето тоа зеленило ја симболизира победата. Исус Христос е Победител, Кој ги зема сите слабости и немоќи на луѓето врз Себе. Влегувањето, пак, на Господа во Ерусалим е и почетокот на страдалниот пат на Господа Исуса Христа, нашиот Спасител, страдање кое завршува со спасение на човечкиот род.


Честопати, пак, и ние, Го величаме Христа и Црквата, и извикуваме Осана во висините, а со нашите дела и постапки повторно и повторно Го распнуваме Христа и ја навредуваме Неговата света Црква. Поради нашата индиферентност, слабоверие, неразбирање и духовна незрелост, поради нашите гревови и отстапувања од правдата Божја, ние често ги нарушуваме Христовите и црковни заповеди. Сето тоа нѐ прави слични на жителите на Ерусалим, кои не сакале да Го слушаат Христа и кои лицемерно Го дочекале, зашто Неговите зборови раѓале само злоба во нивните срца, а таа злоба раѓала желба да Го уништат. Бог да ни даде сили да не ја споделуваме таа злоба со нив, кои само по неколку дена ќе викаат: распни Го, распни Го.


Драги браќа и сестри, колку повеќе се приближуваме кон празникот Воскресение Христово или Пасха, толку повеќе да се потрудиме и да се подготвиме за Воскреснатиот Спасител, да се очистиме себеси од секакви зависти и злоби, лоши зборови, хули и неправди, па достоинствено да го прославиме и воскресенскиот ден Господов. Да си простиме еден на друг, та Господ и нам да ни прости за нашите гревови и грешки, коишто ја осквернуваат Пасхата Христова. Оној кој има непријателство макар и кон еден човек, таквиот и преку причестувањето нема да оживее со апостолот Петар туку ќе биде погубен како Јуда. Затоа нашиот Спасител, Господ Исус Христос, да нѐ чува од секое лицемерие, завист и злоба, и да нѐ исполни со дар на простување и голема љубов, а за спасение на нашите души и за вечен и блажен живот во сите векови. Амин.

Цветници
Ман. „Пр. Богородица – Пречиста“ Кичево
09.04.2023 год.

 

 

cvetnici2023 1cvetnici2023 2cvetnici2023 3cvetnici2023 4cvetnici2023 5cvetnici2023 6cvetnici2023 7cvetnici2023 8cvetnici2023 9cvetnici2023 10cvetnici2023 11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2