„Дојдете сите народи, дознајте ја силата на страшната тајна, зашто Христос, нашиот Спасител - Словото, Кое беше во почетокот, заради нас се распна и добороволно се погреба, и воскресна од мртвите за да ја спаси вселената. Нему да Му се ппоклониме“ (хвалитна стихира на Утрена во Четврта недела по Пасха).

 

На 07.05.2023 година, во Четвртата недела по Пасха - на раслабениот, и денот по споменот на св. вмч. Георгиј Победоносец, кога Струга и сите православни верници од поширокта околина се подготвуваат за торжествената струшка литија во спомен на Воскреснатиот Спасител и во спомен и чест на св. вмч. Георгиј, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на нашиот почитуван гостин од Вселенската патријаршија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Имврос и Тендос г. Кирил, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Илија Танаскоски и Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Христијан Костоски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Кирил го дарува нашиот Митрополит Тимотеј со прекрасна панагија, а свештенството од Струга му се заблагодари на нашиот ценет гостин за неговата посета и Литургиско сослужение, подарувајќи му прекрасна панагија. На самиот крај, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Христос воскресе!

 

Во денешното свето Евангелие според Јован (5, 1-15) се раскажува како Господ го излекувал парализираниот човек. Еврејскиот народ најсвечено прославувал три годишни празници, кога од сите краишта Евреите се собирале во Ерусалимскиот храм за да ги прослават. Првиот бил Пасха, кога го прославувале избавувањето од Египетското ропство. Вториот бил Педесетница, кога Бог во педесеттиот ден по избавувањето од Египет им го дал Законот, и третиот бил „Шатори“, кој се прославува обично во септември, кога Еврејскиот народ ја собирал жетвата од полето и Му искажувал благодарност за даровите на Бога, но, истовремено, ги потсетувал за долгите четириесет години лутање низ пустината и на мааната која паѓала од небото.


Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, за да покаже дека не е против Јудејскиот Закон, секогаш се трудел за овие празници да дојде во храмот со останатите Евреи. Така, на еден од овие празници, Христос се нашол во бањата Витезда, каде што ангел Господов слегувал и ја раздвижувал водата и кој прв ќе влезел добивал исцеление, од каква болест и да боледувал. Самиот збор витезда значи милосрдие, а и покрај тоа што многу народ врвел за овие празници, никој не се смилувал врз еден страдалник кој триесет и осум години лежел парализиран. Никој не се нашол да му покаже милост и да го спушти во бањата Витезда. Кога дошол Господ Исус Христос го видел овој страдалник и не го прашал дали верува или не верува во Христа, дали верува дека може да го излекува или не, туку директно го прашал: Сакаш ли да оздравиш? (Јн. 5, 6). Парализираниот човек одговорил: Господи! Немам човек кој ќе ме спушти во бањата (Јн. 5, 7). Тогаш Христос му вели: Стани, земи ја постелката своја и оди си! (Јн. 5, 8). Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо (Јн. 5, 14). Тој станал, си ја зел постелката, а Христос се оддалечил од тоа место.


Христос не го прашал дали верува бидејќи ја согледал неговата вера, неговата надеж дека Бог ќе се смилува и дека ќе најде човек кој ќе го спушти во бањата. Токму затоа стрпливо и без роптање ниту кон луѓето, ниту кон Бога, триесет и осум години трпеливо чекал за тој момент да биде излекуван. Секоја болест е тешка за поднесување, но особено, пак, тоа се чувствува кај парализираните, коишто не можат воопшто да се движат. Ваквата болест кај многумина предизвикува разочарувања, хулење на Бога, навредување на луѓето и најразлични непријатности, а честопати и посегнување по својот сопствен живот. Но, овој човек трпеливо, со силна надеж во Бога, сето тоа го поднесувал во очекување на спас од проклетата болест.


Честопати во животот ние можеме да сретнеме луѓе кои многу грешат, кои прават многу престапи и непријатности, а кои, на прв поглед, имаат благопријатен живот со задоволства, па дури некогаш и со почит и внимание. Но, уште старозаветниот пророк Давид има речено: не жести се поради злобниците, и не завидувај им на оние што вршат беззаконие (Пс. 36, 1). Токму овие зборови на псалмопеачот Давид нѐ поучуваат дека секој еден треба да го гледа својот живот како дар Божји и да се однесува според принципите и учењето на Црквата, односно според Божјиот закон. Ние не треба никого да го квалификуваме според нашите критериуми како злобен и пакосен. Таа судска улога треба да ја оставиме на Бога, а не ние да се заплеткуваме со наши размислувања и осуди, бидејќи Бог е Единствниот праведен Судија. Он е Тој Кој секој еден од нас ќе го награди за добрите дела, а за лошите ќе го казни. На друго место Самиот Господ вели: Не судете за да не бидете судени, зашто со каков суд судите, со таков ќе бидете судени (Мт. 7, 1-2).


Да се угледаме на силната и непоколеблива вера на денешниот раслабен човек, кој трпеливо ги поднесувал сите страдања триесет и осум години и без никакво спротивставување го носел својот Крст. И ние како христијани, ако ни се случат какви и да се непријатности и страдања, да имаме трпеливост и надеж во милоста Божја, и истото христијански и достоинствено да го поднесуваме, славејќи го Триединиот Бог, сега и во сета вечност. Амин.

 

Недела на раслабениот
Храм „Св. Ѓорѓи“ Струга
07.05.2023 г.

 

eorlit2023 1eorlit2023 2eorlit2023 3eorlit2023 4eorlit2023 5eorlit2023 6eorlit2023 7eorlit2023 8eorlit2023 9eorlit2023 10eorlit2023 11eorlit2023 12eorlit2023 13eorlit2023 14eorlit2023 15eorlit2023 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2