„Преку пророците ни го навести патот на спасението, а преку апостолите ни засветли благодатта на Твојот Дух, наш Спасителу, зашто Ти си Бог од вечноста, Ти остануваш тоа и потоа, и Ти си нашиот Бог во вековите“ (хвалитна стихира на утрена во Понеделник на Светиот Дух).

На 05.06.2023 година, се наврши една година од радосниот момент кога нашата света Македонска православна црква - Охридска архиепископија, по долги години борба за враќање на својата автокефалност, го прими Томосот за автокефалност од Српската правславна црква во храмот „Св. Архангел Михаил“ во Белград, Србија. И ете, Господ повторно и секогаш промислува, токму оваа годишница да биде на денот кога го славиме Светиот Дух - Животворецот, Кој се движи и оживотворува, и Кој ја држи Црквата во единство, едномислие и еднодушност. Тоа едномислие и еднодушност силно одекнаа минатата година на овој ден, но и денеска, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, каде што сите архиереи, свештенослужителите од двете Цркви, и сиот верен народ, силно го почувствуваа тој Животворен Дух, Кој сите ги прави едно тело чија глава е Христос Спасителот. Иако помина само една година на повторно сослужување, чувството кај сите е дека единството помеѓу нашите сестрински Цркви, но и братски народи, како и никогаш да не било прекинато. Ете, тоа е делото на Светиот Дух, Кој дише каде што сака, и Кој преку благодатта ги поправа недостатоците, и ги пополнува празнините, и обединува, и не прави секогаш живи членови на Неговата света Црква. 

Овој едногодишен мал, а, истовремено, и огромен, Јубилеј, свечено го прославивме во храмот на Премудроста Божја, катедралниот храм на Охридските архиепископи - „Св. Софија“, а, секако, се прослави со најголемата тајна над тајните - со светата Евхаристија. На светата Литургија чиноначалствуваше Неговата Светост Архиепископот Пеќски, Митрополит Белградско-карловачки и Патријарх Српски г.г. Порфириј, во сослужение на Неговото Блаженство Митрополитот Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, Нивните Високопреосвештенства: Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Митрополитот Брегалнички г. Иларион и Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј; Нивните Преосвештенства: Епископот Дељадровско-илинденски г. Јоаким, Епископот Нишки г. Арсениј, Епископот Марчански г. Сава и Епископот Топлочки г. Петар; архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите: Никола Христоски, Никола Грамбозов, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески; игуменот Агатон, протоѓаконите: Драган Радиќ, Радомир Вруќиниќ, Ѓорѓе Филиповиќ, Николче Ѓурѓиноски и Александар Димитријов и ѓаконот Драган Иванов. На светата Литургија молитвено присуствуваа повеќето архиереи од МПЦ-ОА, многубројно свештенство и неизброен верен народ. На Литургијата присуствуваа и: Градоначалникот на општина Охрид г-дин Кирил Пецаков, претседателот на совет на општина Охрид г-дин Сашо Донев, амбасадорот на Руската федерација во Македонија г-дин Сергеј Баздникин, амбасадорот на Р. Србија во Македонија г-ѓа Невена Ховановиќ, како и други истакнати гости. 

По завршувањето на Литургијата, кон верниот народ и кон присутните со пригодна беседа се обрати Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а потоа, како знак на благодарност за искажаната љубов, и неуморниот труд за решавање на нашето црковно прашање, Архиепископот Стефан, согласно одлуката на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, го одликува Патријархот Српски г. Порфириј, со Орден на свети Климент Охридски од Прв ред. Беседата на Архиепископот Стефан Ви ја пренесуваме во целост подолу. 

За оваа голема чест, и за искажаната љубов од македонскиот народ, со искрено срце и топли зборови се заблагодари и Патријархот Порфириј, кој порача:

„И секако дека сум исполнет со радоста на Светиот Дух што денеска сме овде, во славниот Охрид, собрани во овој древен прекрасен православен храм Св. Софија, се радувам, секако, и поради поводот, а тоа е една година од кога ја славевме вистиснката и права Педесетница, овде во Охрид и во Белград. А тоа значи дека го славевме роденденот на Црквата Христова. И, секако, по повод доделувањето на Томосот на вашата помесна автокефална Македонска православна црква.

Се што имаме, што сме, што милсиме, што говориме, а што нешто вреди, е од Бога, и во Бога е. Затоа и тој дар да можеме едни со други да се видиме како браќа, како сестринство на Црквите, е дар од Бога, но, иако е  дар Божји и секогаш доаѓа од Бога, неопходно е и ние да ја препознаеме Неговата волја и да послужиме Неговата волја да се оствари. Тоа важи за секој од нас поединечно, но важи и за сите нас како заедница. Затоа и денешниот повод за нашата прослава е настанот од пред една година.

Благодарејќи за вашата љубов, за вашите молитви и вера, тој дар постана нешто што е реалност за сите нас. Секако, и соработката на вашите браќа архиереи е и повеќе од важна, важна е и верата, и љубовта и молитвата на сега веќе назначениот Митрополит Јован и епископите кои се заедно со него. Тогаш кога ни се очите отворени и кога имаме смирение во својата душа, кога имаме вера, и Му се обраќаме на Бога, Господ дејствува во нас, меѓу нас и околу нас.

Денеска е Духовден, тоа е роденденот на Црквата. на Едната, света, соборна и апостолска Црква, што значи на Црквата Христова, која е Тело Христово, а Господ е глава на тоа тело. Не постојат повеќе цркви, постои само една, света, соборна и апостолска православна Црква. Секако, постои организација и администрација, епископии и митрополии на автокефалните цркви, но секоја од тие автокефални цркви, наслонувајќи се врз Христа како Глава, е во нераскинливо единство со сите други помесни цркви. И, во исто време, секоја автокефална црква, како и секоја епископија, е целосна Црква, зашто во Црквата, во секоја во која се служи светата Литургија, присутен е целиот, потполниот Христос, и оттаму Црквата е над сите поделби, над поставувањето на какви и да се граници. Тоа не значи дека не постојат поединечни дарови и таленти, дека не постојат дарови што ги носат одредени народи, секој народ има свој печат, но кога тој печат ќе се доживее како дар Христов, кога ќе се сфати дека тој дар не е повод за спротивставување, за дистанцирање, и, не дај Боже, за судири и расправи, тогаш ќе разбереме дека тој дар е даден како можност да Го прославиме Христос и, всушност, токму преку нашиот дар другите народи да не препознаат како Христов народ.“   

Патријархот Порфириј го дарува Архиепископот Стефан и со прекрасен архиерејски жезол, а подоцна, за искреното и топло гостопримство во древниот Охрид, Патријархот Порфириј му подари и прекрасен архиерејски жезол и на нашиот духовен водач и молител, Митрополитот Тимотеј. Во продолжение во целост ви ја пренесуваме и беседата на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

 

† СТЕФАН,
Архиепископ Охридски и Македонски

ДЕН ЗА СЛАВЈЕ И БЛАГОДАРНОСТ1

 

Еве, за радост на сите, Бог благоволи токму денес, на денов во кој Црквата Го прославува Светиот Дух, да се собереме во овој велелепен илјадулетен катедрален храм на Охридската Архиепископија, кој е посветен на Премудроста Божја ‒ на Светата Софија, за овде, среде ненадминливиов Светиклиментов и Самоилов град, крај прекрасното Бело Езеро, торжествено да ја одбележиме годишнината од добивањето на Томосот за автокефалност од сестринската Српска Православна Црква.


Имено, откако на 9 мај, најнапред како Црква и како народ, од страна на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г Вартоломеј и од членовите на Синодот на Првопрестолната Константинополска Патријаршија бевме примени во литургиско единство со сеправославната екумена, и откако, потем, во Белград и во Скопје сослужувавме Божествени литургии со Неговата Светост Патријархот Српски г. г. Порфириј и со архијереи од двете сестрински Цркви, за конечно, на денешен ден ‒ на 5 јуни, минатото лето Господово, во Соборниот храм во Белград, да ни биде врачен Томос, со кој Архијерејскиот собор на Српската Православна Црква ѝ призна автокефален статус на нашата Македонска Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија.


Па, добродојдовте Ваша Светост, и добро се најдовме, овде, во древниот Охрид и во „Света Софија“, во градот ‒ славната престолнина и во храмот ‒ небоземниот сведок и хроничар, кои, пред една година, во својата меморија го забележаа историскиот настан со кој им се врати некогашната слава и со кој, конечно, се тргнаа сите неправди и сите понижувања од времињата минати.


Со настанот од пред една година, Охрид е повторно горд, а „Света Софија“, како некогаш, пак е исполнета со радост, а со нив и со сите нас, се радуваат и свети Климент и свети Наум и сите богоугодници и црквољупци коишто се вградиле во духовниот раст на верниот народ и во Црквата Божја по оваа богоблагословена македонска земја.


А Вие, Ваша Светост, сте најзаслужниот за сето тоа што се случи, заедно со членовите на Архијерејскиот Синод и Собор на Српската Православна Црква. Затоа, и на овој ден и од ова место, Ви благодариме од името на архијереите, свештенството, монаштвото и верниот народ на Македонската Православна Црква. Благодарение на Вас тој ден постана историја и се претвори во ден ‒ празник што трае, и ќе трае! Вие, Ваша Светост, заедно со браќата архијереи на Српската Православна Црква, препознавте дека се исполни времето за на целата полнота на Црквата да ѝ возгласите дека Македонската Црква била и е Црква Христова; дека и таа е Црква на Педесетницата и Црква во која управува Духот; дека е Црква на јерархија и на верници коишто живеат со радост во Светиот Дух2, коишто се исполнуваат со Него3 и ја живеат духовната слобода што доаѓа од животот во Светиот Дух, како што на многу места истакнува светиот апостол Павле4.


Токму Светиот Дух е источникот на освештението и ги осветува луѓето коишто живеат во Него и преку Него. Духот нѐ поткрепува во нашата немоќ5, зашто Тој е сокровиштето на сите духовни благословенија и дарителот на животот, на светлината и на спасението. И да не се заборави: секое добро, кое се случува во светот, е дело преку Светиот Дух! Оттаму, Неговото присуство и во секоја поединечна личност, и во одделните црковни заедници, и во помесните Цркви и во Црквата воопшто, како едно Тело Христово, е лесно воочливо и се согледува по сечии дела и плодови6.


А ние, допуштајќи во нас да делува Утешителот, и во тешките две и пол столетија, по неканонското забранување на дејноста на Охридската Архиепископија, како богољубив народ, покажавме дека нашиот однос со Бога е толку длабок што никакви надворешни и историски условени пречки не можат да го нарушат. Силината на нашата љубов кон Троичниот Бог ја покажувавме преку бодро претрпување на сите искушенија, докажувајќи дека сме вистински чеда и наследници на Бога и сонаследници Христови. И затоа, минатото лето Господово, силно веруваме, дека по Божја милост, се удостоивме да се прославиме, според зборовите на апостолот!7 Со тоа и врз нас се докажа вистинитоста на зборовите дека живеејќи во Духот, се удостојуваме веќе сега и овде да увидиме дека: она што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат8, зашто човекот којшто живее во Духот, продира во сè, дури и во длабочините Божји9, благодатно станувајќи учесник во Неговата природа.10


Сега, откако сме препознаени како полноправни членови и органи на едната, света, соборна и апостолска Црква, пред нас е уште поголема обврската и посвета должноста ‒ пред сеправославната екумена непрестајно да Го сведочиме Духот Божји: Духот на љубовта, Духот на преобразувањето, Духот на разбирањето, Духот Кој ги разрушува оградите коишто непријателот нè поттурнува да ги издигнуваме едни против други, Духот Којшто поделбите и недоразбирањата ги преобразува во единство и разбирање, Којшто ги обединува распрснатите народи и луѓе, Којшто од личности коишто се во меѓусебно натпреварување нѐ прави едно тело, собирајќи нѐ во небоземната заедница на саможртвената љубов ‒ собирајќи нè во Црквата.


Па, ако живееме во Духот, по Духот сме должни и да постапуваме11, чувајќи Го единството на Духот, преку врските на мирот12, секогаш барајќи го она што служи за мир и заемно подобрување еден на друг13. Дали успеваме во тоа се познава по плодовите што ги носиме, а плодовите на Духот, пак, се: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост.14


И еве, по една година од оние воскресенски дни за нашата Света Црква, да Го восхвалиме Господа, зашто го слушна гласот на нашите молитви15, како и молитвите на прогонетиот Архиепископ Арсениј и молитвите на возобновителот Доситеј и на сите коишто се вградија во Охридската Архиепископија и коишто ја сметаа за своја Црква, и, чувајќи го споменот за неа ‒ тагуваа по неа. Затоа, дај Боже, нека продолжи да се зголемува нашата радост поради единството со помесните Цркви и поради признавањето и прифаќањето на автокефалниот статус на нашата Света Црква.


Инаку, во апостолското четиво за Педесетница, за роденденот на Црквата, се вели дека Светиот Дух слегол врз апостолите тогаш кога сите апостоли беа заедно и на едно место16, односно кога сите апостоли беа еднодушно заедно. Значи, и од самиот настан на основањето на Црквата, гледаме дека насушен предуслов за слегувањето на Духот Свети врз оние коишто Го повикуваат е заедништвото, односно еднодушноста. Па еве, денес, сослужувајќи ја Божествената Литургија заедно со Неговата Светост, Патријархот Порфириј и со архијереи од двете сестрински Цркви, ја покажавме нашата еднодушност, заедно просејќи Го и молејќи Го Отецот да Го испрати Светиот Дух на нас и на предложените дарови17, за причестувањето да ни биде за присоединување кон Духот.18 Оттаму, на крајот на Литургијата сите заедно пееме: „Ја видовме вистинската светлина; Го примивме Духот небесен“.19


Затоа, велерадосно празнувајќи го овој ден, да ги отвориме нашите срца и нашите мисли за присуството на Светиот Дух, просејќи Тој ‒ Кој дојде и во вид на огнени јазици слезе врз апостолите ‒ да дојде, да се всели во нас и довека да пребива во нас, и, греејќи ни ги срцата ‒ од нас да направи пламења на Несогорливиот! Успееме ли во тоа, тогаш, сиот наш живот ќе биде едно големо псалмопеење и славословие и непрестајно ќе Го воспеваме Господа!20


Па, така и нека биде ‒ сега и секогаш и во вечни векови! Амин!

 

[1] Слово на Литургијата во Катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, на Втор ден Духовден, на 5.6.2023г.

[2] Рим 14, 17.

[3] Сп. Ефес 5, 18.

[4] Сп. 2 Кор 3, 17.

[5] Рим 8, 26.

[6] Сп Мт 7, 20.

[7] Сп Рим 8, 17.

[8] 1 Кор 2,9; Сп. Ис 52,15 и 64, 3.

[9] 1 Кор 2, 10.

[10] Сп. 2 Птр 1, 4.

[11] Гал 5, 25.

[12] Ефес 4, 3.

[13] Сп. Рим 14, 19.

[14] Гал 5, 22.

[15] Сп. Пс 27, 6.

[16] Дела 2, 1.

[17] Од молитвата за време на „Тебје поем“ („Тебе Ти пееме“) на Канонот на Евхаристија

[18] Од Канонот на Евхаристија.

[19] Одговор на народот после поставувањето на путирот на светиот престол.

[20] Сп. Ефес 5, 19.

 

duhvtden2023 1duhvtden2023 2duhvtden2023 3duhvtden2023 4duhvtden2023 5duhvtden2023 6duhvtden2023 7duhvtden2023 8duhvtden2023 9duhvtden2023 10duhvtden2023 11duhvtden2023 12duhvtden2023 13duhvtden2023 14duhvtden2023 15duhvtden2023 16duhvtden2023 17duhvtden2023 18duhvtden2023 19duhvtden2023 20duhvtden2023 21duhvtden2023 22duhvtden2023 23duhvtden2023 24duhvtden2023 25duhvtden2023 26duhvtden2023 27duhvtden2023 28duhvtden2023 29duhvtden2023 30duhvtden2023 31duhvtden2023 32duhvtden2023 33duhvtden2023 34duhvtden2023 35duhvtden2023 36duhvtden2023 37duhvtden2023 38duhvtden2023 39duhvtden2023 40duhvtden2023 41duhvtden2023 42duhvtden2023 43duhvtden2023 44duhvtden2023 45duhvtden2023 46duhvtden2023 47duhvtden2023 48duhvtden2023 49duhvtden2023 50duhvtden2023 51duhvtden2023 52duhvtden2023 53duhvtden2023 54duhvtden2023 55duhvtden2023 56duhvtden2023 57duhvtden2023 58duhvtden2023 59

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2